• сабота, 31 август 2024

ЈП „Куманово план“ подготви проекти за реконструкции на улици, училиште и за нов кружен тек

ЈП „Куманово план“ подготви проекти за реконструкции на улици, училиште и за нов кружен тек

Куманово, 19 август 2024 (МИА) - Реконструкции на улици, на училишта, како и проект за изградба на кружен тек во Куманово се дел од проектите кои ги реализира Јавното претпријатие „Куманово план“, информираа денеска надлежните од претпријатието.

- Изминатиов период изработени беа повеќе проекти. Бројката на изработени проекти е во завршна фаза, голем дел се завршени и се веќе во фаза на реализација. Сите барања доставени од општина Куманово се во фаза на изработка, изјави в.д. директорката на „Куманово план“, Сања Јакимовиќ Петковска.

Завршен е основниот проект за реконструкција на улица „Благоја Думановски“ и е предаден за реализација, завршена е изработка на проектна документација за изработка на урбана опрема на детско катче во село Табановце. „Куманово план“ го заврши урбанистичкиот проект за училишна спортска сала за Основното училиште „Битолски конгрес“ во село Лопате. Во прва фаза изработени се проекти за реконструкција на две улици во село Романовце, како и на улица во населбата Карпош.

- Изработен е проектот за изградба на нов кружен тек во близина на автобуската станица и е предаден на општината. Изработена е реконструкција на булеварот „Октомвриска револуција“, кружниот тек на тој дел, пробиена е улицата „Братство и единство“ која е проширена. Сообраќајното решение е исклучително добро, ќе се растовари метежот, изјави Јакимовиќ Петковска.

Претпријатието го спроведува и проектот за реконструкција на подрачно училиште „Кочо Рацин“ во село Градиште. „Куманово план“ ги изработува проектите согласно барањата на општина Куманово. Проектите се предадени на општина Куманово и нивната реализација зависи од општината. ам/мд/


Фото: МИА и архива општина Куманово

Остани поврзан