• среда, 11 декември 2024

Шербеџија за МИА: Сите улоги во големите филмови ги добивав најмногу поради ликот во „Пред дождот“

Шербеџија за МИА: Сите улоги во големите филмови ги добивав најмногу поради ликот во „Пред дождот“

Скопје, 11 декември 2024 (МИА) - „Пред дождот“ е најзначаен филм во мојата кариера, затоа што ми ги отвори вратите на американските, светските филмови. Македонија за мене е можеби најдрагото прибежиште од земјите во Југославија. Тука луѓето се посебно убави и посебно радосни. Јас ја сакам и нивната тага, која произлегува од нивните песни, изјави за МИА актерот Раде Шербеџија, кој во понеделникот присуствуваше во Скопје, по повод 30 години од премиерата на „Пред дождот“, што се одржа во Филхармонија.

Прашан што за него лично претставува филмот „Пред дождот“, Шербеџија вели дека како гледач, импресиониран е од филмскиот ракопис и го става во најдобрите филмови кои ги има гледано во животот.

- Тука пред се мислам на уметноста на Милчо, затоа што тој направи фантастичен филм. Што се однесува до мене како актер, можам да кажам дека овој филм ми е најзначаен. Снимав многу филмови во Југославија со големи режисери, како што е Живојин Павловиќ, но овој филм на некој начин ми е најзначаен за мојата кариера. Ми ги отвори вратите на американските и светските филмови, вели Шербеџија за МИА.

Тој објаснува дека сите режисери со кои соработувал биле фасцинирани од филмот „Пред дождот“ и напомена дека сите улоги во големите филмови ги добивал најмногу поради неговата улога на ликот Александар Кирков во филмот „Пред дождот“.

- Сите улоги во големите филмови ги добивав најмногу поради мојата улога на Александар Кирков во филмот „Пред дождот“, вели актерот.

На новинарското прашање колку луѓето научија од „Пред дождот“ во поглед на поделеноста меѓу луѓето, недостатокот на човечноста и гледање низ призмата на „наши и ваши“, Шербеџија е дециден дека голем дел од луѓето кои го гледале филмот заплакале над судбината на ликовите, или пак замолчиле, а некои можеби и се посрамиле.

За актерот, Македонија е најдрагото прибежиште од земјите во поранешна Југославија. 

- Тука луѓето се посебно убави, посебно радосни. Ја сакам и нивната тага, која излегува од нивните песни. Кога го снимавме „Пред дождот“, забележав дека тука младите луѓе од 13 до 15 години излегуваа од дома во 23 часот, а се враќаа во 5 часот наутро. Не ми беше јасно каков е овој социолошки знак кај младите. Пријателите од Македонија ми кажуваат дека денес ова веќе не се случува, но тогаш ми беше навистина неверојатно, вели Шербеџија за МИА.

Во однос на тоа дали постои можност за снимање на нов филм со Манчевски во иднина, Шербеџија вели дека уште не е поканет за да работат заедно на нов филм, но како што вели, филмот „Мајка“ на Милчо Манчевски му е посебно драг.

- Чекам Милчо Манчевски да ме покани повторно да работиме заедно, но уште нема улога за мене. Одушевен сум од сите негови филмови, но најмногу ми е драг филмот „Мајка“. Станува збор за совршен филм, со одлични актери кои брилијатно ја доловија темата. Жал ми е што не бев дел од тој филм, немаше улога за мене, вели Шербеџија.

Бисера Трајковска

Видео: Аслан Вишко

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан