Централна манифестација „Денови на културата во општина Илинден 2025“
- СООПШТЕНИЕ:

Скопје, 16 мај 2025
Во домот на култура Илинден се одржа централна манифестација од програмата на „Денови на култура во општина Илинден 2025“. Изминативе денови исполнети со литература, поезија и уметност, беа скрасени со пишаното слово на најреномираните поети од македонската и странска авторска сцена, како и со истакнати солисти од Националната опера и балет.
На манифестацијата, освен градоначалникот Александар Георгиевски и претставници од Општина Илинден, беа присутни градоначалникот на општина Зелениково, пратеници, советници, директори на јавните претпријатија и на училиштата од општина Илинден, како и граѓани од општина Илинден, кои во голем број ја проследија како оваа централна манифестација, така и сите претходни настани од тридневната програма.
Манифестацијата ја отвори градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој изрази чест и задоволство што уште една година по ред се одржува овој настан кој за граѓаните на општината, но и пошироко, значи чување и проширување на културното богатство, како и промовирање на современите културни достигнувања.
Од Друштвото на писателите на Република Македонија, беа издвоени истакнати доајени во поетскиот свет да ги прочитаат своите стихови пред граѓаните на општина Илинден. Од ценети и реномирани гости од Хрватска, па сѐ до истакнати македонски поети, публиката можеше да ужива во пишаниот збор и неизмерниот талент и леснотија со која овие писатели ја прелеваат уметноста во зборови. Вечерта продолжи со извонреден настап на солисти од Националната опера и балет, кои светски ги изведоа своите нумери, токму на сцената во Домот на култура Илинден.
Градоначалникот Георгиевски истакна дека Општина Илинден ќе продолжи да се труди од година во година оваа манифестација да биде подобра и попривлечна за младите генерации, како и дека ќе остане културен белег со којшто ќе се гордеат сите жители на општина Илинден и пошироко.
Општина Илинден
________________________________________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: Општина Илинден