• среда, 28 август 2024

Фондацијата „Бел идеал" организира конкурс со наградни патувања во Франција за професорите по француски јазик 

Фондацијата „Бел идеал
Крива Паланка, 19 јануари 2022 (МИА) - Фондацијата „Бел идеал" организира награден конкурс за професорите по француски јазик од основните и средни училишта во Република Северна Македонија. Професорите ќе конкурираат со реализирани активности и достигнувања за промоција на францускиот јазик и литература во изминатите две години,а најуспешните шестмина ќе добијат повеќедневно патување во Франција. Целта на конкурсот е континуирана мотивација за работа во оваа област, во едукацијата на учениците на француски јазик, како и воопшто за поттикнување на проактивни професори кои ќе бидат пример и мотивација за учениците. - Како што најавив во изминатиот период, покрај конкурсите и наградите за ученици, како и донациите на учебници и прирачници, енциклопедиски изданија и останати книги по француски јазик за воспитно-образовните институции во мојата РС Македонија, не ги забораваме и професорите по француски јазик коишто се клучни во пренесувањето на знаењата и се главен двигател на растот на учениците и всадувањето љубов кон овој јазик, изјави Јадранка Бојковска Бенреждал, претседателка на „Бел идеал". Право на учество имаат професорите по француски јазик од државните основни и средни училишта, во две категории и тоа: професори со работно искуство до пет години и професори со работно искуство повеќе од пет години во настава по француски јазик каде ќе бидат доделени по три патувања од секоја категорија или вкупно шест патувања во Париз. - Идејата е да се создаде синџир на солидарност. Тоа се реализира преку парични донации, кои се од суштинско значење, но пред сѐ, преку личен блог. Во Бел идеал, веруваме дека надвор од бројките, меѓусебната помош и човечкиот контакт можат значително да ни го променат животот, додаде Бенреждал. Посочи дека во насока на промоција и поттикнување нови проекти за промоција на француската култура и јазик во РС Македонија, месецов остварила посета на професорите и директорите на основните училишта во Северна Македонија. - На состаноците присуствуваше и Снежана Петрова, потпретседател на Здружението на професори по француски јазик на Република Северна Македонија. Посетивме повеќе основни училишта и тоа: „Гоце Делчев“ од Неготино, ООУ „Тоде Хаџи-Тефов“ од Кавадарци,се сретнав со професорите по француски јазик од  Прилеп, Македонски Брод.Целта на овие состаноци беше да се запознаат и да се сретнат професорите и директорите на училиштата, но и да им се подарат учебници, едукативни игри, книги за библиотеки, наставни материјали. Поддршката за учениците и образовните институции од мојата родна земја ќе продолжи и во иднина, додаде Бенреждал. Резултати од конкурсот ќе има во текот на летото, а краен рок за поднесување пријави е април 2022. Конкурсот е достапен на веб страната на "Бел идеал", www.bel-ideal.com. ид/цр

Остани поврзан