• среда, 25 септември 2024

Турски медиуми: Дали „Бекташката држава“ е израелски проект?! Кој е Баба Монди и неговите врски со Израел и Сорос

Турски медиуми: Дали „Бекташката држава“ е израелски проект?! Кој е Баба Монди и неговите врски со Израел и Сорос

Тирана, 24 септември 2024 (МИА) - По идејата објавена од албанскиот премиер Еди Рама и светскиот водач на Бекташите, Едмонд Брахимај (Баба Монди), за создавање „Бекташка држава“ во Тирана, по примерот на Ватикан,  медиумите во Турција објавуваат „теории на заговор и фрлат силни сенки на сомнеж“, пренесуваат албанските медиуми.

На пример „Таквим“ пишува дека државата што се очекува да се создаде ќе има своја администрација и пасош, исто како и Ватикан.

-Тим правни експерти, вклучително и меѓународни правници, подготвува Предлог-закон со кој се дефинира суверен статус на новата држава. Предлог-законот мора да биде одобрен од Парламентот на Албанија, кој е под контрола на владејачката Социјалистичка партија на премиерот Еди Рама. Додека се уште не е јасно кои земји ќе го признаат суверенитетот на бекташката држава доколку се спроведе, Рама вели дека не му е грижа за реакцијата што може да дојде од Иран, стои во написот на весникот „Таквим“.

Турските медиуми алудираат понатаму, пишувајќи за врските на Баба Монди со Израел и Сорос. Според нив, не станува збор за држава модел на Ватикан, туку за организација како ФЕТО во Турција.

-Се издвојуваат врските на бекташиот дервиш Едмонд Брахимај, познат како „Баба Монди“, кој ќе стане шеф на државата, со Израел и Сорос. Оваа ситуација ги зајакнува тврдењата дека државата ќе се создаде со структура во стилот на ФЕТО, а не со ватикански стил“, продолжува весникот во написот.

За ова прашање во својата колумна пишува и новинарот на турскиот медиум „Сабах“, Мелих Алтинок и појасно ја изнесува идејата дека „Бекташката држава“ која се очекува да заживее во Тирана е проект поврзан меѓу Израел и Џорџ Сорос. 

Алтинок наведува дека синот на Џорџ Сорос, Алекс Сорос,  има интензивни активности во Албанија преку Фондацијата Отворено општество. Според него не треба да се занемари и неодамнешната посета (12 септември) на израелскиот претседател, Исак Херцог, која беше прва и историска посета на израелски претседател на Тирана, кога посебно се сретнал со Баба Монди.

„Сабах“ објавува и фотографија од Баба Монди со албанскиот рабин Јоел Каплан со кого има блиски врски и уште едно лице за кое се смета дека е израелски војник. Албанскиот рабин е израелски офицер кој се вратил во својата земја по почетокот на војната со Газа. 

 

Албанските, повикувајќи се на турските медиуми, исто така, јавија дека претставниците на бекташката секта во Турција се против бекташка држава во Тирана. Претставниците на Алеви-бекташ федерацијата од Турција во своите изјави објавени на турската мрежа Хабер Глобал во сопственост на Азербејџан, велат дека бекташизмот и „верската држава“ се концепти неспоиви еден со друг. вт/ссм/

Остани поврзан