Токаев се подготвува за предвремени избори, ќе бара втор мандат на чело на Казахстан
- Тој најави и потези што би требало да му донесат поголема поддршка од граѓаните, како раст на минималната плата од 17 отсто и пренасочување пола инвестиции од Националниот фонд на лични сметк
Нур - Султан, 1 септември 2022 (МИА) - Во план се предвремени избори во наредните месеци, информираше денеска претседателот на Казахстан, Касим - Жомарт Токаев за време на годишното обраќање пред Парламентот.
Тој ќе бара втор мандат на чело на поранешната советска република.
Токаев предложи и одржување на предвремени парламентарни избори на почетокот од следната година.
Најавите следуваат откако неговиот претходник, поранешниот моќен лидер на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, беше турнат во политичка сенка, по насилните немири и уставниот референдум.
Казахстанците на гласањето ги прифатија амандманите што го децентрализираа одлучувањето во земјата, а на Назарбаев му беше одземен статусот „национален водач“.
Токаев е избран на првиот петгодишен мандат во 2019 година. Тогаш, Назарбаев експресно ја напушти функцијата претседател по речиси три децении на власт.
Назарбаев го поддржа Токаев и ја обезбеди неговата победа, а за себе си задржа големи овластувања преку безбедносниот совет и владејачката партија.
Односот меѓу двајцата се влоши по немирите во јануари, а Токаев ги укина останатите овластувања за поранешниот претседател, додека неговото семејство беше отстрането од клучни функции.
Токаев предложи и продолжување на претседателскиот мандат на седум години и ограничување на само еден мандат.
Тој најави и потези што би требало да му донесат поголема поддршка од граѓаните, како раст на минималната плата од 17 отсто и пренасочување пола инвестиции од Националниот фонд на лични сметки на деца под 18 години, за стипендии и решавање на станбеното прашање.
Фондот „за црни денови“, вреден 53 милијарди долари, акумулира голем дел од приходите од казахстанскиот нафтен и рударски сектор. бд/сд/