• четврток, 29 август 2024

Се одржа 29. издание на Меѓународниот фолклорен фестивал Голачки фолклорни средби

Се одржа 29. издание на Меѓународниот фолклорен фестивал Голачки фолклорни средби

Делчево, 9 август 2024 (МИА) - Над 200 играорци синоќа во Делчево го промовираа фолклорното богатство од Северна Македонија, но и од Србија и Бугарија во рамките на 29-то издание на традиционалните „Голачки фолклорни средби“. На летната сцена пред Спомен домот „АСНОМ“ учество земаа 12 културно - уметнички групи и ансамбли, оркестри, пеачки групи и инструменталисти. 

Поради забраната за движење во шума и потенцијалната опасност од пожари, фестивалот и годинава се одржа на летната сцена во Делчево, и тоа со одлука на сите релевантни фактори кои се дел од организацијата на оваа фестивалот.

-Сакам да потенцирам дека локацијата не го намалува значењето на фестивалот, напротив, докажуваме дека кога е фолклорот во прашање, сите локации се соодветни, бидејќи целта ни е една -да ја продолжиме традицијата, истакна градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.

Изрази јавна благодарност до сите учесници на фестивалот, но и до организаторот НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ кои со поддршка на Општина Делчево и Министерство за култура ни овозможија убава вечер во знакот на фолклорот и традицијата

-Тоа е нашата обврска како генерација, да го продолжиме патот на изворниот фолклор кој е наш амбасадор во светот, уникатен и незамнелив, да создаваме услови за работа на фолклорните друштва и да сме горди што ја имаме таа чест, да бидеме промотори на највредната оставштина од нашите предци-фолклорот, додаде Трајковски.

Задоволство од настапите на групите имаше и кај директорот на НУЦК ,,Н.Ј.Вапцаров", Љупчо Петровски како и програмскиот директор во установата Методи Толевски, кои најавија дека фестивалот од година во година ќе добива на квалитет и изразија надеж дека со промена на околностите, фестивалот ќе се врати на планината Голак, каде пред 29 години истиот започна да се организира. вс/вг/


Фото: МИА 

Остани поврзан