• сабота, 31 август 2024

Претставена онлајн платформа за борба против корупција во процесот на урбанистичко планирање

Претставена онлајн платформа за борба против корупција во процесот на урбанистичко планирање

Скопје, 30 август 2024 (МИА) – Како се носат законите и како да се препознаат закони со ризици од корупција, со конкретни примери како граѓаните може активно да се вклучат во следење на овие процеси и како да пријават и реагираат до надлежните со содржи платформата за борба на граѓаните и граѓанските здруженија/иницијативи против корупцијата во процесот на донесување на урбанистички планови и закони во Собранието, е претставена денеска во Скопје од Иницијативата О2.

Граѓаните на  онлајн платформата на Иницијативата О2 може да се запознаат со читање на основните работи во урбанистичките планови, преку информативни видеа, инфорграфици, како и преку примерни на конкретни случаи на корупција во урбанистичкото планирање. Платформата содржи и примери што, каде и како да се пријави и поднесе претставка, иницијатива, барање или жалба, но и што откако ќе се пријави, кои се чекорите што понатаму може да се преземат. 

На платформата, граѓаните исто така можат и директно да пријават корупција и да добијат информации за активно дејствување. 

Според Татјана Чакулев од Иницијативата О2, идејата за платформата е „да помогнат на наш начин, тоа што сме го научиле низ годините да го ставиме на едно место за да може што повеќе граѓани да се вклучат активно во следење и пријавување на нерегуларности“.

Чакулев, меѓу другото, најави дека в понеделник до Собрание ќе поднесат предлог амандмани за измена на сегашниот Закон за урбанистичко планирање што ќе доведе до зголемена транспарентност и намален ризик од корупција. 

- Информацискиот систем е-урбанизам сметаме дека треба да биде отворен за граѓаните да можат да ги следат отворено постапките. Другиот дел, сметаме дека со менување на начинот на гласање на урбанистичките планови во Советите од сегашното простор, со двотретинско мнозинство ќе се намали ризикот, изјави Чакулев.

Урбанистичкото планирање на ниво на Град Скопје, според Чакулев, треба да биде централизирано, а не секоја општина сама да носи и се тоа да биде хаотично. 

- Суштината на проблемите што ги имаме е што ДУП-овите се направени врз желбите на приватните инвеститори. Тие си ги плаќаат планерските куќи, тие ги цртаат плановите како што сакаат, и потоа партиски се гласат во советите. Кога ова би го правеле државни институции, во законот да има јавни установи за урбанизам што ќе го прават планирањето многу од овие проблеми нема да ги имаме, изјави Чакулев. 

Анализата е изработена од О2 Иницијатива со поддршка од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) а во партнерство со МЦМС. аа/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан