• петок, 27 септември 2024

Поранешниот судански претседател Ал Башир од воен затвор пренесен во болница

Поранешниот судански претседател Ал Башир од воен затвор пренесен во болница

Картум, 25 септември 2024 (МИА) - Поранешниот судански претседател Омар ал-Башир, кој владееше 30 години пред да биде соборен за време на граѓанскиот бунт и затворен од военото раководство на земјата, е пренесен во медицинска установа во северен Судан, изјави денеска неговиот адвокат.

Откако изби војната во април минатата година меѓу суданската армија и нејзиниот ривал, паравоените сили за брза поддршка, 80-годишниот Ал Башир е задржан во воена установа во предградието на суданската престолнина Картум.

Неговиот адвокат, Мохамед ал-Хасан ал-Амин, изјави дека Ал-Башир бил однесен во болница вчера каде ќе добие соодветна медицинска нега.

Адвокатот на Ал Башир рече дека неговото здравје неодамна се влошило и нагласи дека поранешниот лидер страда од компликации поврзани со старост и висок крвен притисок.

„Потребни му се редовни контроли и мониторинг, но неговата состојба не е критична“, потврди адвокатот Ал Амин, додавајќи дека и поранешниот министер за одбрана на Судан, Абдел Рахим Мухамед Хусеин, кој беше уапсен веднаш по Ал Башир е пренесен во истата медицинска установа поради проблеми со срцето. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан