„Подобро за Тетово“: Да се подготват нови законски решенија кои ги вклучуваат барањата на независните кандидати
- Граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“ на денешната прес-конференција побараа да не се усвојува предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ и „Вреди“ затоа што, како што рекоа, значително го зголемува бројот на потребни потписи за учество на избори и ја затвора вратата за независните кандидати во многу општини.

Тетово, 19 јуни 2025 (МИА) - Граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“ на денешната прес-конференција побараа да не се усвојува предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ и „Вреди“ затоа што, како што рекоа, значително го зголемува бројот на потребни потписи за учество на избори и ја затвора вратата за независните кандидати во многу општини.
Тие сметаат дека наместо да се натпреваруваат со нови идеи за подобрување на животот на граѓаните, политички партии повторно интервенираат во Изборниот законик за да го отежнат учеството на независните кандидати на избори.
- Новите измени се обид да се избришат независните гласови од политичката карта. Ова е удар врз правото на секој граѓанин да се кандидира и слободно да избира. За споредба, во мнозинството европски држави потребни се помалку од 200 потписи за независни кандидати, додека сега, на пример, за Тетово се предлагаат дури 900 потписи речиси колку што се потребни за формирање на политичка партија. Овој предлог-закон е директен удар врз демократските и европските вредности, истакна Елмедина Абдулахи од „Подобро за Тетово“.
Од иницијативата посочуваат дека партиите се обидуваат предлог законот да го усвојат по скратена постапка, без јавна дебата, без транспарентност – иако истиот беше поништен пред само еден месец од страна на Уставниот суд, а сега се враќа во уште порадикализирана форма.
- Најголемата иронија е што свој потпис на овој закон ставил и пратеникот Беким Ќоку, кој се претставува како застапник на „Движење Самоопределување“, субјект што произлезе токму од граѓанскиот активизам, а тој со својот потпис му објави војна на активизмот и целосно се интегрираше во заостанатиот менталитет на политичките партии, посочи Абдулахи.
Нивните барања се да не се изгласа актуелниот предлог-закон, да се подготват нови законски решенија кои ги вклучуваат барањата на независните кандидати, да се организира јавна дебата со експерти и граѓани, да се усвои демократско и уставно решение, затворените листи да се заменат со отворени листи. ас/цр
фото: МИА