Палестинската автономна власт подготвена да го поддржи мировниот план на Трамп за Газа
- „Ја потврдивме нашата подготвеност да работиме со претседателот Трамп, г-дин Блер и партнерите за утврдување на примирјето, доставување хуманитарна помош, ослободување заложници и затвореници, а потоа да започнеме со обнова и реконструкција на Газа“, напиша Ал Шеик на социјалната мрежа „Икс“.
Рамала, 12 октомври 2025 (МИА) - Палестинската автономна власт (ПАВ) е подготвена да работи со претседателот на САД, Доналд Трамп, и со поранешниот британски премиер Тони Блер, во врска со нивните напори за зацврстување на примирјето во Појасот Газа и за започнување на обнова на територијата, изјави Хусеин ал Шеик, заменик-претседател на Организацијата за ослободување на Палестина (ПЛО).
Планот на Трамп за прекин на војната во Газа предвидува Палестинската автономна власт, која е базирана на окупираниот Западен Брег, на крајот да ја преземе контролата и врз Газа, но само откако ќе спроведе одредени реформи.
ПАВ владееше со Појасот Газа до изборите во 2006 година, на кои победи Хамас.
Во предложениот план од 20 точки се предвидува преоден период во кој енклавата ќе биде управувана од палестински комитет составен од технократи и политички неутрални личности, а Трамп треба да застане на чело на комитетот, во чиј состав се очекува да влезе и Блер.
„Ја потврдивме нашата подготвеност да работиме со претседателот Трамп, г-дин Блер и партнерите за утврдување на примирјето, доставување хуманитарна помош, ослободување заложници и затвореници, а потоа да започнеме со обнова и реконструкција на Газа“, напиша Ал Шеик на социјалната мрежа „Икс“.
Претходно, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја отфрли можноста Газа да премине под директно управување на ПАВ. ссм/
фото: ЕПА архива