• петок, 27 септември 2024

Одложено првото рочиште за случајот Бањска, се чека мислење на Врховниот суд за судење во отсуство

Одложено првото рочиште за случајот Бањска, се чека мислење на Врховниот суд за судење во отсуство

Приштина, 25 септември 2024 (МИА) – Првото рочиште во Основниот суд во Приштина против тројца од 45-те обвинети за терористичкиот напад во Бањска кај Звечан, во северно Косово, пред една година, во кој беше убиен припадник на косовската полиција, е одложено за 9 октомври, јави дописникот на МИА од Приштина.

Судијата кој го води случајот, Арбен Хоти одлучи да го одложи судењето на барање на адвокатите на обвинетите Душан Максимовиќ, Владимир Толиќ и Благоје Спасојевиќ, кои побараа повеќе време за да ги прочитаат списите на предметот и доказите на Обвинителството.

Одбраната на обвинетите, адвокатите Љубимир Пантовиќ, Јована Филиповиќ и Милош Делевиќ побара седницата да се прекине со образложение дека списите од предметот ги добиле електронски и доцна, а на самите обвинети не им биле доставени материјалите на српски јазик.

Првично, судот заклучи дека има услови за отпочнување на рочиштето за тројцата обвинети кои се во притвор од 25 септември минатата година, ден по нападот во Бањска. За судењето во отсуство на останатите 42 обвинети ќе се бара мислење од Врховниот суд.

Претходно, специјалниот обвинител, Наим Абази предложи на останатите 42 обвинети, меѓу кои и водачот на групата, поранешниот потпретседател на партијата на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, да им се суди во отсуство.

На ова се спротивстави адвокатот Пантовиќ, кој рече дека судењето во отсуство на 42 обвинети лица е невозможно и за тоа нема претпоставки согласно член 303 од Законот за кривична постапка.

Претседателот на судскиот совет, Хоти рече дека ќе се побара толкување од Врховниот суд за споменатиот член.

Тројцата обвинети, кои беа донесени утрово во судот под силно полициско обезбедување, се дел од групата од 45 лица кои косовското обвинителство ги идентификуваше како одговорни за обидот за анексија на северот на Косово во септември минатата година.

Во обвинението на Специјалното обвинителство на Косово, подиганто на 11 септември годинава, обвинетите се товарат дека „со употреба на насилство со тешко оружје се обиделе да го отцепат северниот дел на територијата на Република Косово и истиот да го приклучат на Република Србија, при што како резултат на употребеното насилство, загина полицаецот Африм Буњаку, а беше загрозен и животот на други полициски службеници и на цивилното население“.

Обвинетите 45 лица од срспка националност се товарат за сторени кривични дела „Извршување терористичко дело“, „Тешки дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово“, „Олеснување и финансирање на тероризам“ и „Перење пари“.

Покрај косовскиот полицаец, Буњаку, во престрелката што уследи меѓу полицијата и српската група на 24 септември минатата година, беа убиени и тројца од напаѓачите, додека другите побегнаа во Србија. иа/рп/

Остани поврзан