• понеделник, 10 ноември 2025

На консултативна средба паланчани ги одбраа клучните граѓански приоритети

На консултативна средба паланчани ги одбраа клучните граѓански приоритети

Крива Паланка, 6 октомври 2025 (МИА) - На денешната јавна консултативна средба што се одржа во просториите на Градскиот музеј, граѓаните од Општина Крива Паланка ги одредија клучните приоритети што најмногу ги засегаат и претставуваат најитни потреби за решавање во локалната заедницата.

Средбата е дел од иницијативата на Форумот за граѓански дијалог - мрежа на граѓански организации во која членува и РЦС Спектар од Крива Паланка, а локалните приоритети се бираа од следните области: јавни услуги, локален економски развој, партиципативна демократија и добро управување, социјална поддршка, култура и спорт.

-Целта на иницијативата е поттикнување на вклученоста и учеството на граѓаните во креирањето политики и услуги на локално ниво. Приоритетите беа утврдени врз основа на низа претходни консултативни средби со различни целни групи, како: млади, пензионери, бизнис сектор, рурални жени, невработени, граѓани. Во сублимираните приоритетни потреби на граѓаните се вклучени и идентификуваните предлози и проблеми од спроведената онлајн анкета. Овие приоритети ќе им бидат претставени на кандидатите за градоначалници и носители на советнички листи за претстојните локални избори на Јавна трибина што ќе се одржи во петок, 10 октомври, во кино-салата на НУ Центар за култура Крива Паланка, со почеток во 18 часот, информира Методи Цветковски од Регионален центар за соработка "Спектар", Крива Паланка.

На трибината граѓаните ќе можат да слушнат дали нивните приоритети се дел од програмите на кандидатите за идната локална власт, дали планираат да ги реализираат и на кој начин би ги решиле. 

Консултативната средба ја организираше РЦС Спектар Крива Паланка, подржана од НВО Инфоцентар, во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, финансиран од Улоф Палме и Шведската амбасада. ид/сст/

Фото:РЦС "Спектар"

 

Остани поврзан