• среда, 25 септември 2024

На ИФФК „Браќа Манаки“ претставен Душан Хусар, кинематографер од Словачка

На ИФФК „Браќа Манаки“ претставен Душан Хусар, кинематографер од Словачка

Битола, 25 септември 2024 (МИА) - ИФФК „Браќа Манаки“ во фестивалскиот прес-центар го претстави Душан Хусар од Словачка, кинематографер во филмот „Осаменост“, копродукциски исландско-словачко-француски проект.

Филмот „Осаменост“ беше емитуван синоќа во рамки на новата фестивалска понуда, Европска Lo-Cap програма, или играни филмови од европски земји со низок продукциски капацитет.

-За изработка на филмот добив покана од режисерката Нина Палмадотир од Исланд со која се сретнавме на еден фестивал во Франција. Мислам дека направивме добар копродукциски проект. Исланд е место со голема инспирација, со прекрасни мотиви за снимање за кои понекогаш некои ќе речат дека секое место е веќе познато, но не е така, напротив. Исланд има прекрасна природа но и урбан простор во кој само треба добро да се позиционира камерата. Овој филм ќе отвори нови, други врати во Исланд за снимање на филмови и секако дека јас повторно би се вратил или би прифатил покана во таа отворена земја, рече меѓудругото кинематограферот Хусар кој освен во филмот „Осаменост“, со својата камера учествувал и во филмовите „Чувствителна личност“, „Со полн гас“, „Доместик“ и „Фелвидек: Фатени помеѓу“.

Во рамки на Европска Lo-Cap програма се натпреваруваат шест филмови, бисер до бисер кои доаѓаат од Казахстан, Грузија, Естонија, Словенија, Хрватска и Исланд.

-Две години по ред забележување дека во повеќе земји низ Европа, меѓу кои и во нашата има брилијантни кинематографери кои за жал неможат да направат голем спектакл пред се заради малите буџети. Затоа решивме оваа година да направиме посебна програма во која ќе ги вклучиме филмовите од земји со низок продукциски капацитет. Зошто тоа го правиме?! Затоа што едно од обележјата на „Браќа Манаки“ е да открива и лансира таленти кои подоцна се нови ѕвезди. На фестивалот имаме и холивудски агенти и верувам дека младите таленти ќе бидат забележани, истакна Симеон Мони Дамески, директор на ИФФК „Браќа Манаки“.

Попладне во битолското Кино „Манаки“ продолжува проекцијата на филмови и во категорија „Кратка програма“, а прв ќе биде емитуван филмот „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска во кој кинематографер е Душан Кардалевски.мт/са/

Фото: МИА

Остани поврзан