• сабота, 14 јуни 2025
На денешен ден

20 мај 2025 (МИА)

 


- Ден на пожарникарството во Република Македонија. На овој датум во 1836 година во Битола бил формиран првиот противпожарен одред.

1498.- Португалскиот морепловец Васко де Гама впловил во пристаништето Каликат во југозападна Индија, бидејќи претходно прв успеал да ја обиколи Африка. 

1506.- Умрел шпанскиот морепловец од италијанско потекло Кристифор Колумбо, кој во 1492 година ја открил Америка, но до смртта верувал дека го открил источниот брег на Индија. 

1799.- Во Тур е роден францускиот писател Оноре де Балзак, автор на околу стотина книги со повеќе од две илјади ликови. Негови наjпознати дела се романите „Евгенија Гранде“, „Чичко Горио“, „Изгубени илузии“, „Селани“ и „Роднината Бета“. Умрел во Париз, на 19 август 1850 година. 

1806.- Роден е англискиот филозоф и економист Џон Стјуарт Мил, еден од творците на либералната политичка теорија. Негово најзначајно дело е „За слободата“, а меѓу другите се: „Систем на логика“, „Утилитаризам“, „Принципи на политичката економија“...

1875.- Во Париз се одржала Дипломатска конференција за метарот, било основано Меѓународното биро за мерки и тегови. Со тоа започнал да се средува хаосот кој владеел во областа на метрологијата на мерните единици на одделни физички големини.

1834.- Умрел францускиот генерал и државник Маркиз од Лафајет, кој од 1777 до 1781 година заедно со американските колонисти се борел за ослободување на Северна Америка од Британците.  

1875.- Во Охрид е роден Методија Патчев, македонски војвода, еден од најпознатите револуционери од пред Илинденското востание на македонскиот народ. Делото на ТМРО му било над се, а со своите постапки секогаш бил праведен и бескомпромисен. Во Кадино Село, Прилепско, во борбата против турската војска се самоубил заедно со сите борци на својата чета, на 7 април 1902 година. 

1876.- Во селото Разловци во Источна Македонија избувнало Разловечкото востание против османлиската војска. И покрај неуспехот на востанието, тоа имало големо значење за будењето на националната свест и за народноослободителната борба на македонскиот народ. 

1896.- Умрела германската пијанистка Клара Шуман, една од најголемите мајстори на клавир во 19. век. Ширум Европа ги популаризирала делата на Роберт Шуман, за кого се омажила во 1840 година, како и делата на Лудвиг ван Бетовен, Фредерик Шопен, Јоханес Брамс, Феликс Менделсон. Била врвен интерпретатор. 

1908.- Роден е Џејмс Стјуарт, американски филмски актер. Бил омилен актер на режисерот Хичкок. Филмови: „Мистер Смит во Сенатот“, „Филаделфиска приказна“ (Оскар), „Винчестер 73“, „Приказна за Глен Милер“, „Најголемата претстава на светот“, „Човекот што знаеше премногу“... Умрел на 3 јули 1997 година.

1926.- Во Џеда бил потпишан мир со кралот Ибн Сауд со што Велика Британија ја признала независноста на Саудиска Арабија.  

1947.- Грчка жандармериска и воена единица го нападнала селото Пателе, Леринско. Притоа биле уапсени 17 Македонци обвинети за соработка со НОФ и со партизаните. Од затворените четворица биле осудени на смрт, а другите биле интернирани на островот Ѓура. 

1956.- Експлодирала првата хидрогенска бомба пуштена од авион, која Американците ја исфрлиле врз пацифичкиот остров Бикини.  

1980.- Во Квебек на референдум за независност од Канада 60 отсто од избирачите гласале против отцепување. 

1981.- Во Скопје умрел г.г. Доситеј, прв архиепископ охридски и македонски, поглавар на Македонската православна црква. Роден бил на 7 декември 1906 година. 

1990.- Во Романија на првите слободни избори по 45 години победила партијата Фронт за национален спас. 

1997.- Во Киншаса, главниот град на Конго (поранешен Заир) триумфално влегол новиот претседател на таа африканска земја Лоран Кабила, по победата на неговите сили во седуммесечната граѓанска војна и отстранувањето на претседателот Моботу Сесе Секо кој избегал во странство. 

2002.- Источен Тимор прогласил независност бидејќи мисијата на Обединетите нации, која управувала со оваа поранешна португалска колонија од 1999 година, кога земјата ја напуштија индонезиските сили, власта и ја предала на локалната влада. 

2006.- Повеќе од 100 луѓе загинале во тајфунот кој ги погодил Виетнам, Кина и Филипини, а околу 400 се водат како исчезнати. 

2008.- Умрела руската писателка Рима Казакова. Дела: збирка песни „Средба на Исток“, „Стихови“, „Пробен камен“. За дел од нејзините песни музика компонирале Александра Пахмутова, Анатолиј Шевченко и Владимир Шаински. Со години работела како уредник на „Филмски новости“, а била преведувач и една од првите луѓе на Сојуз на руските писатели. 

2023.- На 59-годишна возраст почина Енди Рурк, басист на поп-рок составот „Смитс“. Со првичната постава, составена од Рурк, тапанарот Мајк Џојс, Мар и пејачот Стивен Морисеј, „Смитс“ во жанровите рок, поп и панк, имаа низа хитови во 1980-тите, како што се „Heaven Knows I’m Miserable Now“ и „Girlfriend In а Coma“. Меѓу попознатите нивни албуми се „The Smiths“ и „Meat is Murder“. Имаат и три топ-10 хитови. Бендот, инаку, престана да постои во 1987 година.

2024.- Иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахијан загинаа во хеликоптерска несреќа на враќање од Азербејџан. Несреќата се случила во северозападниот дел на земјата. Ебрахим Раиси беше осмиот претседател на Иран, избран на функцијата претседател во летото 2021 година.

 


###

 

Остани поврзан