• вторник, 24 септември 2024

Најмалку шест жртви во поплавите во Јапонија

Најмалку шест жртви во поплавите во Јапонија

Токио, 23 септември 2024 (МИА) – Најмалку шест лица загинаа, а 10 се водат како исчезнати откако рекордните врнежи предизвикаа поплави и свлечишта во делови од јапонската префектура Ишикава.

Градовите Ваџима и Сузу, кои сè уште закрепнуваат од разорниот земјотрес што ја погоди областа на 1 јануари, беа меѓу најтешко погодените од поплавите. И двата града вчера регистрираа двојно поголема количина на дожд од вообичаеното за септември, јавија локалните медиуми.

Десетици реки се излеаја од коритата, отсекувајќи ги патиштата и изолирајќи повеќе од 100 заедници низ префектурата, се вели во извештаите. Околу 4.000 домаќинства денеска се без струја, информира компанијата Хокурику Електрик Пауер.

Јапонската метеоролошка агенција во саботата издаде највисоко ниво на предупредување опасно по живот за Ишикава и вчера го намали на нормално предупредување. Сепак, властите повикаа на дополнителна претпазливост.

Поплавите ги преплавија привремените населби изградени за луѓето кои ги загубија своите домови во земјотресот на Нова година. Снимките што ги емитуваше локалната телевизија покажаа цела улица во Ваџима под вода.

Регионот сè уште закрепнува од силниот земјотрес со јачина од 7,5 степени во јануари, во кој загинаа најмалку 236 луѓе, се урнаа згради и предизвика голем пожар. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан