• четврток, 29 август 2024

Премиерот Мицкоски во прва официјална посета на Хрватска, потпишување спогодби во делот на здравството и образованието

Премиерот Мицкоски во прва официјална посета на Хрватска, потпишување спогодби во делот на здравството и образованието

Загреб, 29 август 2024 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски денеска е во прва официјална посета на Република Хрватска на покана на неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ, јави известувачот на МИА од Загреб.

Во Загреб, премиерот Мицкоски освен со хрватскиот премиер, ќе оствари средба и со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и со потпретседателот на хрватскиот Сабор, Жељко Реинер. 

Во фокус на разговорите ќе биде евроинтеграцијата на нашата држава, хрватската поддршка, како и предизвиците на патот кон целосна интеграција на земјите од Западен Балкан. На средбите се очекува да стане збор и за можностите за натамошно интензивирање на соработката на сите полиња, особено во делот на економско-трговската соработка. 

Во рамки на посетата денеска ќе бидат потпишани и две спогодби во областа на здравството и образованието со кои ќе се унапредува меѓусебната соработка преку размена на искуства и проекти од заеднички интерес. 

Соработката во областа на образованието е за временски период до 2028 година и ќе ја потпишат министерката за образование и наука Весна Јаневска и хрватскиот министер за наука, образование и млади Радован Фукс, додека планот за соработка во областа на здравството го опфаќа периодот до 2026 година и потпис на овој документ ќе стават министерот за здравство Арбен Таравари и неговиот хрватски колега Вили Берош. 

Дел од владината делегација е и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој вчера присуствуваше на посебна сесија на Годишната конференција на амбасадори, генерални конзули и воени претставници на Хрватска во странство.

Во рамки на посетата на Хрватска предвидено е премиерот Мицкоски да ја посети црквата „Св. Злата Мегленска“ каде ќе се сретне со претставници на македонската дијаспора. бак/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан