• сабота, 31 август 2024

Муцунски на одвоени средби со амбасадорите на Босна и Херцеговина и Јапонија

Муцунски на одвоени средби со амбасадорите на Босна и Херцеговина и Јапонија

Скопје, 16 јули 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска оствари одвоени средби со амбасадорот на Босна и Херцеговина Драган Јаќимовиќ и со амбасадорот на Јапонија Оцука Казуја. Актуелните состојби во земјава и регионот и значајни надворешно-политички теми биле во фокусот на средбите. 

На двете средби, како што информира МНР, соговорниците ги потврдија одличните билатерални односи кои се градат и развиваат во континуитет.

- На средбата со амбасадорот на Босна и Херцеговина стана збор за актуелните состојби во двете земји, како и процесите за интегрирање во Европската Унија, при што двете страни се согласија дека проширувањето на Унијата ќе биде поттик не само за земјите од регионот, туку и суштински интерес за земјите членки, се вели во соопштението.

Министерот Муцунски ја потврди поддршката за европските и евроатлантските аспирации на Босна и Херцеговина, притоа потенцирајќи ја подготвеноста, за размена на искуства во оваа област.

Во разговорот со јапонскиот амбасадор, министерот Муцунски изрази благодарност за бројните донации и континуираната помош од Јапонија за нашиот општествен развој.

На средбата, како што се наведува, беше поздравен јубилејот – 30 години од воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји, со посебен акцент на економијата и бизнис врските. Дополнително беше изразена подготвеноста за понатамошен развој на односите во рамки на Иницијативата на Јапонија за соработка со земјите од Западен Балкан. мд/са/

Фото: МНР 

Остани поврзан