• сабота, 31 август 2024

„Мулти Култи фест“ во Куманово

„Мулти Култи фест“ во Куманово

Куманово, 12 август 2024 (МИА) -  Младите кумановци вечерва ќе имаат можност да го проследат „Мулти Култи фест“ кој ќе се одржи пред просториите на организацијата на младинскиот центар, најавија денеска надлежните од Центарот за интеркултурен дијалог. Годинава, ангажирани се волонтери диџеи, познати меѓу младите.

- Денешниот ден ќе го одбележиме со музика, игри и забава, претходната недела имавме различни активности, дел се одржаа во младинскиот центар, дел во соколанскиот парк, изјави Ивана Стојчевска од ЦИД.

Претходната недела младите од Куманово учествуваа на шаховски турнир, на „Brawl Stars“, на филмски маратони кои се одржаа неколку дена по ред на отворено во соколанскиот парк.

- Центарот за интеркултурен дијалог неодамна прослави 18 години, а младинскиот центар има 14 години како функционира. Младите од Куманово бараат кино и организиравме филмски маратон. Имавме иницијатива и над 300 млади собраа потписи за кино и е доставено до советот на општина Куманово, која треба да ни даде место каде еднаш неделно ќе може да се соберат младите и да гледаат филм, изјави Стојчевска.

Засега немаат повратен одговор и се надеваат дека ќе имаат противен одговор.

Центарот за интеркултурен дијалог од Куманово е една од најуспешните младински организации која годинава одбележа 18 години од постоењето. Станува збор за најголема организација која не е лоцирана во Скопје. Дел од претходните членови се успешни млади луѓе кои креираа успешни проекти во државата и во светот. Токму промената на генерациите, сметаат од ЦИД внесува нова енергија, нови идеи и придонесува за развој и раст на локалната заедница. ам/дма/


Фото: „Мулти Култи“

Остани поврзан