• петок, 13 јуни 2025

МНР на Грција, Кипар и Израел го поканиле Рубио да учествува на министерскиот состанок во формат 3+1

МНР на Грција, Кипар и Израел го поканиле Рубио да учествува на министерскиот состанок во формат 3+1

Атина, 16 мај 2025 (МИА) – Шефовите на грчката, кипарската и израелската дипломатија испратиле заедничко писмо до американскиот државен секретар Марко Рубио со покана САД да учествуваат на следниот министерски состанок во формат 3+1, односно Грција, Кипар, Израел + САД, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, во писмото, министрите ја изразиле нивната посветеност за продлабочување на соработката со САД во критичните области, како што се енергетската безбедност, иновациите, дигиталните технологии и сајбер безбедноста, а паралелно истакнале дека „Источниот Медитеран ќе добива сè поголемо стратешко значење како центар за енергетска и инфраструктурна поврзаност“.

Заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Тасос Хаѕивасилиу по учеството на конференција на Економист во Њујорк за грчката државна агенција АНА-МПА ја истакна важноста на форматот 3+1 (Грција-Кипар-Израел-САД) и нагласи дека Грција ја гледа оваа соработка како стратешка и повеќедимензионална.

- На Економист разговаравме за форматот 3+1 (Грција-Кипар-Израел-САД) и перспективите за соработка со земјите учеснички, а јас го нагласив стратешкиот однос што Грција го има со САД, но и многу блискиот, братски однос што го има со Кипар и партнерството што нашата земја го има и со Израел, нагласи Хаѕивасилиу.

Пред два месеци во Атина се одржа трилатерална средба на МНР на Грција, Израел и Кипар, на која меѓу другото, министрите за надворешни работи разговараа и за можност за проширување на форматот со учество на САД. ср/ми/

Остани поврзан