• четврток, 26 септември 2024
МИА Флеш

    23 септември 2024

 

Скопје - Министерот за здравство и претседател на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, е во официјална посета на Соединетите Американски Држави.

Како што е најавено, Таравари ќе присуствува на идниот самит на Генералното собрание на ОН „Мултилатерални решенија за подобро утре“ во Њујорк, на кој ќе присуствуваат лидери од целиот свет.

Се очекува Таравари да има и бројни средби во Њујорк и Вашингтон со високи претставници на американската држава.

Скопје - Заменик министерката за европски прашања, доц. д-р Викторија Трајков, утрово ја прими високата делегација предводена од Лаима Лусија Андрикене, член на Европскиот Суд на ревизори од ноември 2022 година кој се занима со внатрешна ревизија, безбедност и правда и новиот амбасадор на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас.

Тема на состанокот беше Реформската агенда и главните приоритети на Владата во наредниот период.

Тел Авив – Израелската војска утринава изврши околу 150 напади врз цели на Хезболах во Либан, од каде исламистичкото движење истрелува ракети на израелска територија за поддршка на палестинскиот Хамас во Појасот Газа.

- Утринава имаше околу 150 воздушни напади, рече портпаролот на армијата.

Нападите биле извршени меѓу 6:30 и 7:30 часот по локално време.

Либанскиот премиер Наџиб Микати го осуди „планот за уништување што го спроведува Израел“.

Скопје - Платежната агенција воведе модул (прегледник) што овозможува електронско следење на податоците во врска со поднесените барања за финансиска поддршка. Модулот е наманет за земјоделците и земјоделските стопанства. Тие преку оваа алатка имаат увид и информации за секоја мерка: статус на мерката, авторизиран износ и дата на авторизација, исплатен износ и датум на исплата, статус на трансакциска сметка „невалиден“ за барателите кои доставиле податоци од невалидна трансакциска сметка, евидентирани ненамирени обврски по сите основи релевантни за спроведување на мерката.

Скопје - Земјава треба да се етаблира како бренд-идентитет дестинација. Во тоа ќе мора да инвестира, но ќе мора и посветено да работи зашто е од круцијално значење и основа за туристичка промоција. Брендирањето е процес на идентификување, изработка и негување на уникатниот идентитет на туристичките региони и дестинации кои ќе ја разликуваат од нејзините конкуренти. Во таа насока, ќе се унапредува културниот, транзитниот и руралниот туризам, етнотуризмот, планинскиот туризам и другите алтернативни форми на туризам со цел создавање услови за порамномерен и одржлив развој на дестинациите, вели за МИА директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Билјана Стефаноска.

Скопје - Во текот на минатата недела царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани облека, обувки, бижутерија, чанти, очила, рачни часовници, камагра, жилети, парфеми, техничка стока и друго. 

Крива Паланка - Со предавање за младите за примена на различни видови алтернативен транспорт и викенд-планинарска тура низ Осоговските планини Европската куќа Крива Паланка ја одбележа Европската недела на мобилност.

- Реализираме активности со и за младите за одбележување на сите значајни датуми кои можат да им ја подигнат свеста и да придонесат за позитивни промени во различни области. По повод Европската недела на мобилност денес младите се запознаа со бенефитите од пешачње, возење велосипед или електричен мопед, наместо користење автомобили, што од една страна е далеку поекономично, од друга страна, не влијае на животната средина, а дополнителни бенефити и здравствени придобивки, пак, имаат и самите млади, велат од Европската куќа Крива Паланка.

Скопје - Во издание на Институтот за македонска литература, објавена е книгата „Жени во македонската книжевност од XIX век“ од Славчо Ковилоски. Како што сопшти авторот, книгата за првпат во македонската книжевна наука, на едно место нуди биографии на досега непознатите или малку познати македонски жени со кои почнал развојот на македонското женско творештво - женско писмо.

На таков начин, објаснува авторот, се надминува сликата за немоста на македонските жени и ним им се овозможува како авторки да го заземат своето место во македонските книжевни канони. 

Атина – Најмалку три лица загинаа откако потона чамец со мигранти во морскиот дел северозападно од грчкиот остров Самос, а во тек е акција на крајбрежната служба на Грција за пронаоѓање и спасување на останатите, најверојатно над 20 лица што биле во чамецот, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба на Грција информираа дека биле спасени пет странски државјани и биле извлечени безживотните тела на три лица.

Париз  - Новиот министер за внатрешни работи на Франција, Бруно Ретаjо, денеска изјави дека негов приоритет ќе биде „враќање на редот“ на улиците и на границите.

-Францускиот народ сака повеќе ред - ред на улиците, ред на границите, рече Ретаjо во своето прво јавно обраќање како министер за внатрешни работи.

Овој конзервативен сенатор е познат по своите десничарски ставови, бидејќи претходно веќе ја имаше повикано претходната влада да заземе построг став кон имиграцијата.

Ливерпул -  Британската министерка за финансии Рејчел Ривс денеска изјави дека работата од дома ги намалува можностите за зголемување на економската продуктивност, и покрај тоа што мнозинството членови на владата планираат да донесат закони во корист на флексибилното работење и работа од дома.

„Јас сум за тоа да бидеме флексибилни и да се погрижам луѓето да можат да балансираат помеѓу работата и семејниот живот, но мислам дека продуктивноста е поверојатно да се зголеми кога ќе разменувате идеи“, рече Ривс.

Копенхаген - Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, денеска ги повика државите-сојузници на Украина да му дозволат на Киев да користи западно оружје за напади на руска територија.

„Предлагам да ги прекинеме дискусиите за црвените линии. Најважната црвена линија беше помината кога Русите влегоа во Украина. Јас нема да ја прифатам оваа премиса и не можам да прифатам некој од Русија да одлучува што е правилно во НАТО, Европа или Украина“, рече Фредериксен во интервју за Блумберг.

Њујорк - Новите израелски напади врз Либан ќе предизвикаат ширење на војната во целиот регион, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Њујорк.

-Неодамнешните напади врз Либан и неодамнешните изјави на Израел се јасна манифестација на напорите за ширење на војната во регионот, рече Ердоган, нагласувајќи дека мирот во регионот е загрозен од геноцидот што Израел го спроведува во палестинските земји, особено во Појасот Газа, јави агенцијата Анадолија.

Москва - Во украинската офанзива врз рускиот Курски регион до 5 септември загинаа најмалку триесет и еден цивил, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи, цитирано од британските медиуми.

Министерството додава дека до наведениот датум во операцијата на украинските сили се повредени 256 лица.

Мексико Сити - Владејачката партија во Мексико, Националното движење за обнова (МОРЕНА) ја избра министерката за внатрешни работи, Луиза Марија Алкалде, за нов претседател на партијата и му додели висока функција на синот на претседателот во заминување во оваа латиноамериканска земја, Андрес Мануел Лопез Обрадор, јавија британските медиуми.

Адвокатката Алкалде( 37), која потекнува од истакнато политичко семејство, ќе има задача да ги консолидира крилата на МОРЕНА по заминувањето на основачот на партијата, Лопез Обрадор, кој се сметаше за неизбежен фактор во националната политика во последниве години.

Картум – Шест лица починаа од колера во Судан за време на викендот, со што бројот на починати од оваа болест во изминатите два месеци се искачи на најмалку 388, соопштија здравствените власти.

Суданското Министерство за здравство соопшти дека во последните два месеци од колера во Судан се разболеле околу 13.000 луѓе, додека во текот на викендот имало 400 нови случаи. Во соопштението се наведува дека колерата се шири во областите погодени од неодамнешните поплави, особено во источен Судан, каде што се засолниле милиони луѓе раселени поради војната.

Тагови

Остани поврзан