• петок, 30 август 2024
МИА Флеш

Скопје, 30 август 2024

Загреб – Во периодот што следи државата ќе се соочи со два крупни предизвици – обид на внатрешни структури за создавање нестабилност и обид од нашиот источен сосед да нѐ внесат во предизборната реторика, предупредува премиерот Христијан Мицкоски, апелирајќи до македонските граѓани, до политичарите, до оние коишто и мислат добро на татковината и на граѓаните да не наседнуваме на овие провокации. 

Мицкоски, кој се наоѓа во прва официјална посета на Хрватска, во изјава за МИА уверува дека „ние си имаме наша стратешка цел и знаеме по кој пат треба да чекориме“.

-Знаеме што треба да направиме, знаеме што очекуваат граѓаните од нас и треба да го испорачаме тоа што тие го очекуваат од нас и за тоа ќе треба да работиме секој ден жестоко, напорно и посветено и најбитно чесно. Така што, од овде од Загреб мојата порака е – ве молам да се стремиме кон тоа што е наш интерес, да не влегуваме во замката на интересите на поедини криминални структури внатре во земјата и да не влегуваме во замката да бидеме вовлечени во предизборната кампања и реторика кај нашиот источен сосед, изјави Мицкоски. 

Граѓаните, подвлече Мицкоски, сакаат подобро да живеат и за тоа треба да спроведеме структурни реформи и да работиме на владеењето на правото. 

Скопје - Изминатиот период бевме сведоци на зачестени сајбер напади врз критичната инфраструктура, како во нашата земја, така и во регионот. Нашата критична инфраструктура - енергетските системи, водоснабдувањето, транспортот, здравството - се основа за функционирањето на нашата држава и нивната заштита е наш врвен приоритет.

Ова го истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на дводневната работилница во рамките на проектот „Регионална сајбер безбедност во Западен Балкан - интервенции за Република Македонија", на која најави амбициозни планови за зајакнување на сајбер безбедноста во земјата.

Андоновски во своето обраќање потенцираше дека Министерството за дигитална трансформација неодамна започна со изработка на новата Национална стратегија за сајбер безбедност за периодот 2024-2028 година, како и дека е формирана работна група составена од експерти од различни области, која веќе почна интензивно да работи на оваа стратегија. Оваа стратегија, додаде тој, ќе биде усогласена со најновите директиви на Европската Унија, вклучувајќи ја и НИС 2 Директивата.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска оствари средба со претставникот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Северна Македонија Фатих Туркменоглу на која беа разгледани тековните и идните проекти на Банката во земјава, со главен фокус на заедничките развојни приоритети, а со цел напредување на економската агенда на државата.

Како што информира Министерството за европски прашања, значаен дел од дискусијата беше посветен на Нацрт-реформската агенда, во светло на предвидените средства од Планот за раст на ЕУ за регионот, од кои речиси половина ќе бидат наменети за проекти во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

Скопје - Нова програма за субвенционирање врвен спорт, која ќе ги опфати сите спортски федерации и клубови кои се натпреваруваат во Европа, обезбеди Министерството за спорт од државниот буџет, информира денеска на прес-конференција во Влада, ресорниот министер Борко Ристовски.

Тој посочи дека финансиските средства за таканаречениот ваучер систем се обезбедени преку државниот буџет, што, како што рече, не било случај во претходната влада. Најави дека следната недела ќе објават повик за финансирање врвен спорт, на кој ќе можат да се пријават сите федерации или екипи кои се натпреваруваат во Европа, за што биле предвидени околу 85 милиони денари.

-  Наредната недела ќе бидат објавени повиците кои ќе важат за сите спортски федерации и клубови кои се натпреваруваат во Европа. Ќе биде еден значителен финансиски инпут и за сите спортски федерации и за сите спортски клубови кои се натпреваруваат во Европа. Министерството за спорт изминатите два месеци работеше напорно. Направивме неколку измени на закон, со кои критериумите од т.н. ваучерски систем во најголем дел ги тргнавме. Она што значеше корупција во тој систем го тргнавме од вреднувањето на добивање на финансиски помош од државата, истакна Ристовски. 

Скопје -  Вкупните средства на останатите финансиски институции (ОФИ), во вториот квартал на 2024 година, изнесуваат 235.202 милиона денари што претставува квартален раст од 9.988 милиони денари, соопшти Народната банка.

Останатите финансиски институции имаат учество од 21,3 проценти во средствата на финансиските институции. Во рамки на структурата на ОФИ, најголемо учество од 65,3 проценти во вкупните средства имаат пензиските фондови, по што следуваат осигурителните друштва со учество од 15,8 проценти.

Најголем дел од средствата на ОФИ се вложувања во должнички и сопственички хартии од вредност со учество од 51,4 проценти и 26,2 проценти, соодветно, а на страната на обврските главно се обврски врз основа на технички резерви на осигурување и капиталните сметки, со учество од 54,1 процет и 3 проценти, соодветно, покажуваат податоците на НБ.

Скопје - Поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути нема да одговара за несервисираните „ер трактори“ кои не беа во функција за време на големите пожари летото 2021 година. 

Обвинителството, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од „Левица“, не нашло елементи за кривично дело ниту за постапките за јавни набавки за поправка и сервисирање на авионите, ниту дека Максути несовесно работел.

-Пo поднесената пријава од една политичка партија, постапуваше јавен обвинител ОЈО ГОКК кој во предистражна постапка прибави материјални докази од кои произлезе дека во дејствијата преземени од директорот на Дирекцијата за заштита и спасување нема елементи на законско битие на кривично дело што е во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, бидејќи прибраните докази упатуваат на фактот дека постапките за јавните набавки за поправка и сервисирање на авионите во 2020 и 2021 година биле спроведени во согласност со одредбите од Законот за јавните набавки. Во однос на евентуално постоење на кривичното дело Несовесно работење во служба од чл. 353 – в од КЗ предметот беше доставен на надлежност на ОЈО Скопје, каде јавен обвинител утврди дека во дејствијата на пријавениот не се содржани елементи на наведеното кривично дело, потврдуваат за МИА од Обвинителството.

Скопје -  АМСМ информира дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини „Табановце” и „Богородица” за влез и излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Скопје - Полицијата вчера го лишила од слобода С.Б. (55) од гостиварското село Градец поради сомнение дека на гробиштата во истото село предизвикал пожар со палење на сува трева.

МВР најави дека по целосно расчистување на случајот, против С.Б. ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Скопје - Времето утре претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со умерен, наместа засилен ветер од североисточен правец. Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со повремен пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и град.

Како што информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во Скопје претпладне сончево со мала до умерена облачност и со умерен североисточен ветер. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Минималната температура ќе биде 18, а максималната 32 степени.

Од недела следува период на претежно стабилно време, освен во планинските подрачја каде ќе има ретка појава на пороен дожд и грмежи. Дневните температури ќе бидат во постепен пораст и ќе бидат во интервал од 32 до 35 степени. 

Атина – Ние сме за добрососедски односи, ја поддржуваме европската перспектива на сите држави од Западен Балкан, но на никој начин нема да го толерираме овој вид на селективно усогласување со меѓународното право. Меѓународното право е пакет, или целосно го прифаќаш или целосно го отфрлаш, а истото важи и за соседна Албанија, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, говорејќи за односите со нашата земја во интервјуто за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија рече дека „од доаѓањето на власт, од новата Влада во соседната земја и од претседателката постои систематско прекршување на јадрото на Договорот од Преспа“.

- Договорот од Преспа, ни се допаѓа или не, е меѓународен текст што во овој момент надвладува било која законска одредба, не може еднострано да се промени. Текстот, содржината на договорот е многу јасна, наведува дека употребаτа на името Северна Македонија е кон сите, па така во овој момент соседната земја се наоѓа во состојба на прекршување на Договорот од Преспа, рече Герапетритис.

Во однос на тоа дали Грција реагира, шефот на грчката дипломатија истакна дека ги информираат сите земји на билатерално ниво, како и сите меѓународни организации.

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц го опиша летот со кој 28 осуденици беа депортирани во Авганистан како јасен сигнал дека земјата строго ќе го применува законот, јави ДПА.

„Ова е јасен сигнал: оние кои вршат злосторства не можат да сметаат на нас дека нема да ги депортираме, но ќе се обидеме да го направиме тоа, како што гледате во овој случај“, рече Шолц на изборниот митинг на неговата централно-левичарска Социјалдемократска партија во близина на Лајпциг.

„Најавивме дека ќе ги депортираме и криминалците назад во Авганистан. Ова го подготвивме внимателно без да зборуваме многу за тоа, бидејќи таквите планови успеваат само ако се потрудите, ако го правите тоа внимателно и многу дискретно. Тоа беше направено денеска“, рече тој.

Летот за Авганистан утринава е првпат Германија да депортира Авганистанци во нивната татковина откако тврдокорните исламистички талибанци ја презедоа власта во земјата пред три години.

Дубаи – Израелска ракета погоди конвој кој пренесувал медицински материјали и гориво до болница во Појасот Газа, при што загинаа неколку луѓе од локална транспортна компанија, соопшти денеска американска група за помош на бегалците на Блискиот Исток (Анера).

Израелската страна, без да даде докази, соопшти дека отворила оган откако вооружени луѓе го презеле конвојот.

Во нападот што се случил вчера на патот Салах ал-Дин во Појасот Газа загинале неколку луѓе вработени во транспортна компанија што ја користи хуманитарната група за доставување на залихи до болницата на Црвената полумесечина во Рафа.

- Во конвојот кој беше координиран од Анера и одобрен од израелските власти, имаше и еден вработен во Анера кој за среќа не беше повреден, се наведува во соопштението.

Тел Авив/Рамала - Израелската армија денеска соопшти дека за време на голема воена операција во северниот дел на Западниот Брег, утринава е убиен командантот на военото крило на Хамас во градот Џенин, Висам Хазем, заедно со уште двајца оперативци на Хамас, соопштија Шин Бет и израелската полиција во заедничко соопштение, пренесено од ДПА.

„Васем Хазем, командантот на Хамас во Џенин, беше елиминиран за време на антитерористичка операција во областа северна Самарија. Тој беше идентификуван во возило во што се движело областа“, соопштија разузнавачка служба и израелската полиција на платформата X.

„Хазем беше вклучен во организација и изведување бомбашки напади и континуирано зголемување на терористичкити активности во областа Јудеја и Самарија“.

ИДФ соопшти дека војниците за време на операција на северниот дел на Западниот Брег откриле вооружени мажи во автомобил во Џенин, меѓу кои бил и Хазем, по што припадниците на граничната полиција отвориле оган врз автомобилот и го убиле Хазем, додека другите двајца вооружени напаѓачи се обиделе да побегнат, но набрзо биле убиени во напад со дрон, пишува Тајмс од Израел.

Њујорк - Заменик генералниот секретар на Обединетите нации за хуманитарни прашања, Џојс Мсуја изјави дека ситуацијата во Појасот Газа, каде што продолжуваат израелските напади, е „повеќе од безнадежна“, пренесува Анадолија.

Во обраќањето пред членовите на Советот за безбедност на ОН, Мсуја предупреди на тешката хуманитарна ситуација со која се соочуваат палестинските цивили во Газа.

Таа ја повтори длабоката загриженост на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за ситуацијата на окупираниот Западен Брег и неговиот повик за итен прекин на сите израелски операции.

„Од 7 октомври 2023 година, повеќе од десет пати известувавме до Советот за безбедност на ОН за страдањата на цивилите, жените, мажите и децата“, рече Мсуја.

Таа потсети дека се почести се вестите за злоупотреба на палестински затвореници во Израел.

Мсуја, исто така, истакна дека хуманитарните работници на ОН се „соочени со предизвик без преседан“ поради различните опструкции на Израел.

Остани поврзан