• четврток, 26 септември 2024
МИА Радио флеш

25 септември 2024

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки на учеството на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации, присуствувала на состанокот на Глобалната коалиција за справување со заканите од синтетички дроги и на дебатата на Советот за безбедност, кадешто остварила куси средби со повеќе лидери и претставници на меѓународни организации. 

- На покана на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, претседателката Сиљановска Давкова присуствуваше на состанокот на Глобалната коалиција за справување со заканите од синтетички дроги, што ја предводи САД, со цел обединување на меѓународните напори и преземање на координирани акции во справување со заканите од синтетички дроги, коишто се во пораст на глобално ниво. На состанокот се обратија американскиот претседател Бајден и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, соопштија од претседателскиот кабинет.

Претседателката Сиљановска Давкова присуствувала и на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите Нации, со кој претседавал словенечкиот премиер Роберт Голоб, на тема „Одржување на мирот и безбедноста на Украина“, на којшто се дискутирало и биле разменети информации за безбедносната состојба во Украина.

Скопје- На вториот ден од 79. Генерално собрание на Обединетите Нации, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари две одвоени средби со шефот на дипломатијата на Естонија, Маргус Цахкна и со министерката за меѓународна соработка на Обединетите Арапски Емирати, Реем Ал Хашиму.

Како што соопшти МНР, на средбата со министерот Цахкна, биле потврдени одличните билатерални односи и волјата на двете страни за продлабочување на соработката.

-Беше потенциран и заедничкиот интерес за интензивирање на заемните односи, со посебен акцент во областа на економијата, трговската размена, дигитализација и современите технологии. Истовремено, беа нагласени и партнерскиот однос и соработката во рамки на НАТО Алијансата, како и во процесот на нашето пристапување во Европската Унија, се наведува во соопштението.

Скопје – Чувство на немање перспектива, демотивираност од работната позиција, несоодветно вреднување на трудот и ниска плата, нефер пристап до работни места според  квалификации, политизираност на институциите, распространета корупција и непотизам, проблеми во квалитетот на живот - во здравствениот систем и животната средина - се некои од причините што ги одвраќаат младите  Македонци што дипломирале во Словенија да се вратат во земјава.

-Сакаме да придонесеме во државата, да бидеме тука со нашата фамилија и пријатели, но сакаме да видиме и реални промени, порача еден од студентите на панел на конференција организирана од Амбасадата на Словенија во соработка со нашата Влада, за одливот на младите од земјава и како тие по дипломирањето во Словенија да се вратат за да го вложат својот капацитет и потенцијал за економски развој на нашата држава.

На конференцијата насловена „Од Словенија до Северна Македонија: Синергија на образованието и бизнисот“ тие зборуваа за искуствата и предностите за студирање во Словенија - студентскиот стандард, модерната универзитетска инфраструктура и опременост со лаборатории, платената студентска пракса, можностите за претприемништво.

Скопје - Едно од последните истражувања на Фондацијата Вестминстер за учеството на младите во социјалниот и политичкиот живот во државата, покажа дека 62 отсто од младите би се отселиле од Македонија доколку им се пружи шанса, а уште посериозно е што дури 77 проценти не би се вратиле назад во државата доколку се отселат, истакна министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани на денешната конференција насловена „Од Словенија до Северна Македонија: Синергијата на образованието и бизнисот во Северна Македонија“.

Како фактори кои влијаат на овие нивни одлуки, како што рече министерот, се вбројуваат состојбите во образовниот систем, студентскиот стандард, здравството, како и можностите за вработување.

- Овие бројки, се алармот кој веќе е вклучен. Оваа состојба во која се наоѓа нашата држава е многу сериозна. И наша одговорност како Влада е да преземеме сериозни чекори веднаш, за да го смениме овој негативен тренд, потенцира Лимани.

Скопје - Директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, предводејќи ја делегацијата на македонската полиција вчера и денеска во седиштето на Европол во Хаг, Холандија, присуствува на Европската конвенција на шефовите на полиции.

Како што соопштија денеска од МВР, конвенцијата е организирана од Европол и актуелниот претседавач со ЕУ - Унгарија, посветен на низа теми од исклучително безбедносно значење, а практично учествуваат шефовите на полициите од земјите-членки на ЕУ, како и од оперативните и стратешките партнери за соработка.

Дебар - Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското  село Рајчица, подготвен е за одбележување на втората манастирската слава, Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов – Крстовден и ги кани верниците на одбележување на славата. 

- Одбележувањето почнува утревечер, 26 септември, во предвечерието на празникот, со  свечена и празнична вечерна богослужба, која почнува во 18 часот, на која молитвено ќе претстои Неговото Преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј. На крајот на богослужбата, проследен од стиховите на празничниот тропар, ќе биде изнесен на вход крстот со честичка од Чесното Дрво и потоа повторно ќе биде внесен во олтарот, рече за МИА, сестра Ефимија. 

Следниот ден, 27 септември, во 7:30 часот ќе започне Утрената богослужба. На крајот од Утрената, од светиот Престол, од олтарот, ќе биде изнесен сребрениот филигрански крст, во кој се поставува крстот од времето на игуменот Арсениј, со честица на Чесниот и Животворен Крст, а кој преку годината се чува во големиот кивот на Бигорскиот манастир. 

Њујорк - Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за потребата од зајакнување на украинската воздушна одбрана и за патот на Украина кон членство во Алијансата.

Зеленски на својот канал Телеграм објави дека на состанокот одржан на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, му се заблагодарил на Столтенберг за неговата поддршка на Украина за време на неговиот мандат како генерален секретар на Алијансата, како и за напорите за обединување на светот во помагање на Киев и зајакнување на армијата на Украина, пренесоа украинските медиуми.

Њујорк - Турција е подготвена да преземе секакви олеснувачки чекори, вклучително и посредување, за праведен и траен мир меѓу Украина и Русија, изјави вчера турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на средбата со неговиот украински колега Володимир Зеленски.

Ердоган и Зеленски одржаа состанок зад затворени врати во Центарот Туркеви (Куќа на Турција) на маргините на 79-та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, каде што разговараа за билатералните односи, украинско-руската војна, мировните напори и регионалните и глобалните прашања.

Наведувајќи дека Турција уште од почетокот верувала дека руско-украинската војна може да се заврши со дијалог, а истовремено да се зачува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, Ердоган му рекол на Зеленски дека Анкара продолжува со напорите за постигнување на оваа цел, според Дирекцијата за комуникации на Турција.

Брисел - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска во Њујорк, каде што се одржува Генералното собрание на ОН, ќе ги собере лидерите на Западен Балкан на традиционалниот работен ручек, соопшти Европската комисија.

„В среда, високиот претставник Борел ќе биде домаќин на шестмина лидери од Западен Балкан на традиционалниот работен ручек“, се вели во соопштението на Комисијата, која претходно ги објави активностите на претставниците на ЕУ во ОН.

Минатата година Борел беше домаќин и на неформален состанок со лидерите на Западен Балкан на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Техеран - Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи не гледа знаци на пораз на либанската шиитска милиција Хезболах, и покрај убиството на нејзините високи команданти во нападите на Израел, јави ДПА.

„Без сомнение тоа беше загуба за Хезболах, но не беше загуба што доведе до нејзин пораз“, рече 85-годишниот ајатолах Али Хамнеи денеска на настанот за ветераните во Техеран. 

Тој додаде дека организациската и човечката сила на Хезболах е многу поголема.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи предупреди да не се потценува Хезболах. „Тaa е повеќе од способнa да ги уништи базите и колониите на израелскиот режим“, напиша тој на платформата X.

Париз - Глобалната економија годинава ќе има раст од 3,2 отсто, со исто темпо како и во 2025 година, се вели во прогнозата што денеска ја објави Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Се предвидува дека индиската економија ќе има раст од 6,7 отсто во 2024 година и ќе забрза до 6,8 отсто во 2025 година, а економијата на Индонезија ќе има раст од 5,1 отсто годинава и 5,2 отсто следната година.

Организацијата за економска соработка и развој смета дека економскиот раст на Кина оваа година ќе биде 4,9 отсто, а следната година ќе забави на 4,5 отсто.

Се очекува Русија да доживее силен економски раст од 3,7 отсто оваа година, кој сепак значително ќе забави до 1,1 отсто во 2025 година.

Приштина – Првото рочиште во Основниот суд во Приштина против тројца од 45-те обвинети за терористичкиот напад во Бањска кај Звечан, во северно Косово, пред една година, во кој беше убиен припадник на косовската полиција, е одложено за 9 октомври, јави дописникот на МИА од Приштина.

Судијата кој го води случајот, Арбен Хоти одлучи да го одложи судењето на барање на адвокатите на обвинетите Душан Максимовиќ, Владимир Толиќ и Благоје Спасојевиќ, кои побараа повеќе време за да ги прочитаат списите на предметот и доказите на Обвинителството.

Одбраната на обвинетите, адвокатите Љубимир Пантовиќ, Јована Филиповиќ и Милош Делевиќ побара седницата да се прекине со образложение дека списите од предметот ги добиле електронски и доцна, а на самите обвинети не им биле доставени материјалите на српски јазик.

Виена - Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) ги зголеми своите среднорочни и долгорочни прогнози за глобалната побарувачка на нафта, предвидувајќи дека мотори на нејзиниот раст ќе бидат Индија, Африка и Блискиот Исток.

Во 2028 година, светската побарувачка на нафта треба да достигне 111 милиони барели дневно, објави ОПЕК во својата годишна прогноза, зголемувајќи ја минатогодишната проценка за 800.000 барели дневно.

За 2029 година се предвидува побарувачка од 112,3 милиони барели дневно.

Меѓу причините за зголемените прогнози, ОПЕК го наведува посилното економско опкружување во споредба со минатата година благодарение на намалувањето на инфлацискиот притисок и пониските трошоци за задолжување.

Остани поврзан