• среда, 25 септември 2024
МИА Радио флеш

24 септември 2024 

-Министерот за правда Игор Филков оствари средба со Марциа Палота, проектен офицер од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и тимот од проектот ,,Поддршка на ЕУ за владеење на правото”. Со ова, како што соопшти Министерството за правда, ќе се поттикне довербата на граѓаните преку воспоставување на правосуден систем кој ќе биде темел на праведно општество. Проектот ја обезбедува потребната експертска поддршка на Министерството за спроведување и следење на Секторската развојна стратегија за правосудството 2024-2028 година, како и други активности, а се во насока на подобрување на законските решенија.  

-Во „Службен весник“ е објавена Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат видови и количества на одделни стоки на потрошувачите со што од денеска се очекува граѓаните да ги почувствуваат ефектите од есенската потрошувачка кошница.  Цените на 73 прехранбени производи, кои се дел од есенската потрошувачка кошница, треба да бидат пониски до 31 октомври, а производите вклучени во оваа кошница, треба да бидат јасно обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“. Одлуката ја донесе Владата на предлог на работна група формирана од министерствата за економија, финансии и земјоделство.

-Банкарскиот сектор во земјава е стабилен и сигурен, што во голема мера се должи на политиките и макропрудентните мерки коишто ги носи Народната банка за одржување на финансиската стабилност. Ова беше посочено на средбата којашто се одржа помеѓу гувернерката на Народната банка и Хесус Сарина Салас, член на Единствениот одбор за решавање банки, институција при Европската банкарска унија чија цел е навремено справување со проблемите во работењето на банки, а со тоа и обезбедување финансиска стабилност, информираат од Народната банка. На средбата било истакнато дека банкарскиот сектор кај нас е регулиран во согласност со највисоките стандарди во ЕУ, како што покажуваат и оцените на Европската комисија за високата усогласеност на банкарската регулатива и супервизорската рамка со стандардите во ЕУ.

-Апликациите за Чивнинг стипендиите за студирање во Обединетото Кралство се отворени од 6 август до 5 ноември 2024 година. Потенцијалните кандидати можат да ги поднесат своите апликации на chevening.org/apply. Чивнинг стипендиите се доделуваат на лица од секаков профил кои можат да покажат дека ја имаат посветеноста и вештините кои се потребни за да станат идни лидери. Апликантите мора да имаат реална и остварлива идеја со која ќе создадат позитивна промена во својата земја и мора да се во состојба да покажат како магистерската диплома стекната во Обединетото Кралство ќе им помогне да ја реализираат нивната идеја.

-Претседателот на Србија Александар Вучиќ се сретна со претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова во Њујорк, каде што учествуваат на заседанието на Генералното собрание на ОН, на приемот по повод Самитот за иднината, јави дописникот на МИА од Белград. -Секогаш ми е драго што се среќавам со пријатели од регионот. Со Гордана Сиљановска Давкова за натамошните чекори во градењето на што поблиски односи, како и за взаемната поддршка на европскиот пат и предизвиците со кои се соочуваме во тој процес, напиша Вучиќ на својот Инстаграм.

-„Северна Македонија: Важен чекор напред за зајакнување на регионалната соработка, средбата Герапетритис- Муцунски“; „Герапетритис до Скопје: Почитување на Договорот од Преспа и правилата за добрососедство“; „С. Македонија: „Важен чекор напред“ за зајакнување на соработката, средбата со Герапетритис“; „Нова порака за почитување на Договорот од Преспа“; „Порака на Герапетритис до МНР на С. Македонија за Преспа: Европската перспектива бара посветеност на меѓународните договори“, се дел од насловите во грчките медиуми за вчерашната средба на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Грција Тимчо Муцунски и Јоргос Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина. Медиумите во Грција, технички, без дополнителни коментари или анализи, ги пренесуваат ставовите на шефовите на двете дипломатии веднаш по средбата, но и по нивното заедничко учеството на неформалниот состанок со министрите за надворешни работи од групата „Пријатели на Западен Балкан“ на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк. 

-Вишото јавно обвинителство во Заечар поднесе обвинителен акт против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, осомничени за убиството на тригодишното девојче Данка Илиќ. Тие се товарат за кривично дело тешко убиство, а обвинителството бара доживотна казна затвор, јави дописникот на МИА од Белград. Радослав Драгијевиќ, таткото на Дејан Драгијевиќ, се товари за полесни кривични дела, помагање на сторителот по извршено кривично дело и непријавување на сторителот. За тие кривични дела максималната затворска казна е до осум години. Обвинителството предложи судот да им го продолжи притворот на осомничените.

- По номинирањето на поранешната бугарска вицепремиерка и министерка за надворешни работи, за правда и за регионален развој Екатерина Захариева за комесарка за стартапи, истражување и иновации во новата Европска комисија, во јавноста испливаа неколку контроверзии и скандали од нејзиното минато, што може да ја соочат со тешко сослушување во Европарламентот.  Еден од тие „скелети во плакарот“ на Захариева е корупцискиот скандал од 2018 година поврзан со доделувањето бугарски пасоши на странски државјани во замена за мито од 5.000 евра. Во тоа време Захариева беше министерка за правда во Владата на поранешниот премиер Бојко Борисов. Скандалот главно се врзуваше со националистичкото ВМРО-Бугарско национално движење (ВМРО-БНД), кое во тој период беше коалициски партнер на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на Борисов и Захариева, но целиот случај се уште нема судска разрешница. 

-Шведските власти соопштија дека Иран стои зад илјадниците СМС пораки испратени до луѓе низ земјата во кои се повикува на одмазда за палењето на Куранот, светата книга на исламот, во 2023 година. Властите во Стокхолм тврдат дека иранската паравоена Револуционерна гарда успеала да испрати околу 15.000 СМС пораки на шведски јазик, поради серијата на јавни палења на Куранот. Високиот обвинител Матс Љунгквист рече дека прелиминарната истрага, спроведена од шведската агенција за внатрешна безбедност САПО, покажала дека „иранската држава, преку иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда, хакирала податоци на шведска компанија која води големи СМС услуги“. Шведската компанија не е именувана, а иранските власти не ги коментираа наводите.

-Околу 60 отсто од странските делови за руското оружје што се користат на боиштето во Украина доаѓаат од Кина, изјави денеска советникот на украинскиот претседател Владислав Власиук. -Ако ги земете сите вообичаени видови оружје и ги изброите компонентите произведени во странство, околу 60 отсто ќе бидат од Кина. Имавме долги разговори со некои производители за ова. Би рекол дека НР Кина е најголемиот проблем, рече Власиук. Советникот на Володимир Зеленски рече дека некои од важните делови што се користат при надзорот, во дронови и ракети, пристигнале од САД, Холандија, Јапонија и Швајцарија, заедно со другите западни земји.

-Израелската армија соопшти дека утринава биле истрелани повеќе од 50 проектили кон северен Израел од Либан, каде што во последните денови се интензивираат прекуграничните борби против исламистичкото проиранско движење Хезболах. Повеќето од тие проектили од правец на Либан беа пресретнати, а неколку оштетија згради. Израел во текот на ноќта изврши нови напади врз цели на Хезболах во Либан, по вчерашниот бомбашки напад во кој загинаа речиси 500 луѓе. Во понеделникот загинаа 492 лица, од кои 35 деца и 58 жени, а 1.645 беа ранети, соопшти либанското Министерство за здравство.

-Обединетите нации (ОН) не успеаја да покажат лидерство во справувањето со актуелните глобални предизвици, истакна турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, јави Анадолија.- И меѓународната заедница и Обединетите нации се пред историски тест, рече Фидан вчера на Самитот на иднината на ОН во Њујорк. - За жал, Обединетите нации не беа во можност да го покажат лидерството што треба да се соочи со постојано растечките закани за човештвото денес, истакна Фидан. Конференцијата на високо ниво ги обединува светските лидери со цел да создадат нов меѓународен консензус за подобро презентирање и заштита на иднината.

-Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека меѓународната заедница „не смее да дозволи Либан да стане уште една Газа“ откако Израел вчера го имаше најсмртоносниот ден на воздушни напади врз оваа земја од 2006 година. -Не смееме да дозволиме Либан да стане уште една Газа во рацете на Израел, рече Пезешкијан во интервју за Си-Ен-Ен, преведено од фарси на англиски јасик. 

Остани поврзан