• петок, 30 август 2024
МИА Радио Флеш

29 август 2024

-Со интонирање на македонската химна и највисоки државни почести денеска во Загреб е пречекан премиерот Христијан Мицкоски од неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ. Во тек е тет-а-тет средбата по која треба да бидат потпишани два меморандуми за соработка во областа на здравството и образованието, јави известувачот на МИА од Загреб. Во областа на здравството, соработката меѓу другото, предвидува размена на експерти и советодавни услуги, а во делот на образованието исти услови за школување за македонските и хрватските ученици и студенти. 

-Народната банка има посебна организациска единица и регулатива за осигурување на дигиталната отпорност во финансискиот сектор, којашто е во согласност со најдобрите практики на Европската централна банка и Европскиот банкарски орган. Со оглед на брзиот технолошки развој и дигитализацијата, централната банка постојано ги следи најновите трендови за јакнење на свесноста од ризиците и врши надополнување на регулативата и засилени теренски контроли, вели Горан Јанкоски, главен одговорен супервизор за информативните системи во Народната банка во интервју за Македонската радио-телевизија. Јанкоски посочува дека домашниот банкарски сектор активно ги употребува најновите финансиски технологии за унапредување на своето работење заради обезбедување нови финансиски продукти, но  голем број од новите технологии наоѓаат примена и во јакнењето на кибербезбедноста.

-На Граничниот премин Богородица, на излез од државата синоќа во 22.45 часот полициски службеници од РЦГР Југ го лишле од слобода М.А.(38) од Босна и Херцеговина, кој управувал товарно возило „мерцедес“ со полуприколка со босански национални ознаки, затоа што при извршена проверка, во полуприколката биле пронајдени 15 мигранти од Кина, од кои едно било малолетно лице. Како што информираат денеска од МВР, известен е јавен обвинител од ОЈО за ГОКК Скопје и поради постоење на основи на сомневање дека сторил кривично дело „криумчарење на мигранти“ по чл. 418-б ст.4, а во врска со ст.2 од КЗ, против М.А. ќе биде поднесена соодветна пријава, мигрантите биле пренесени во Прифатно-транзитниот центар Гевгелија.

-Контролирани се повеќе од 115 мотоцикли и мотори, а санкционирани се 56 возачи во текот на вчерашниот ден од страна на Одделението за сообраќајно и ескортно обезбедување во соработка со Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје во периодот од 19.00 до 00.00 часот, во рамки на планот за зголемено присуство на полицијата и зголемување на безбедноста во градот Скопје. Како што денеска соопштија од МВР, во реализираната зајакната акциска контрола за санкционирање на прекршоци што ги чинат возачите на мотоцикли, од вкупниот број санкционирани, 17 возачи не користеле заштитна кацига за време на возење, девет возачи возеле без возачка дозвола, 11 возачи имале несоодветна категорија, четири мотоцикли не биле регистрирани, три возачи не носеле со себе сообраќајна дозвола, еден возач бил под дејство на алкохол, еден не застанал на даден знак СТОП...

-За придонесот на ЕУ операцијата „Аспидес“ (Штитови) во безбедното извлекување на грчкиот танкер „Сунион“ што минатата седмица беше нападнат во Црвеното Море и гори од 23 август, разговарале министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, јави дописничката на МИА од Атина. - За време на телефонскиот разговор со заменик-претседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел разговаравме за придонесот на ЕУ операцијата „Аспидес“ во безбедното влечење на танкерот „Сунион“ и спречувањето на еколошка катастрофа, напиша Дендиас на платформата Икс.

-Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека Будимпешта се противи на нападите со оружје со долг дострел врз руска територија, бидејќи, како што наведе, тоа повлекува ризик од сериозна ескалација на конфликтот. „Ако има се повеќе и повеќе оружје во Украина, ако има далекусежни удари на руска територија, ќе има поголема опасност од ескалација, а опасноста од војна ќе стане посериозна и оваа војна само ќе стане потешка. Ние ова не го сакаме, затоа денеска во Брисел ќе заземеме мирољубив став“, напиша Сијарто на Фејсбук пред денешната средба на шефовите на дипломатиите и министрите за одбрана во Брисел. Сијарто оцени дека тоа што може да се види на бројните видеа, на кои се гледа како „сиромашните Украинци се носат на фронтот, каде повеќето од нив во основа чекаат да умрат“, е „брутално“.

-Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел денеска изјави дека почнал консултации со земјите-членки на ЕУ за тоа дали да се воведат санкции против „некои израелски министри“. „Ја започнав процедурата да ги прашам земјите-членки дали сметаат дека е соодветно да вклучат во списокот со санкции одредени израелски министри кои шират неприфатливи пораки за омраза против Палестинците и предлагаат работи што се во јасна спротивност со меѓународното право“, изјави Борел пред новинарите пред средбата со министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ во Брисел. Шефот на европската дипломатија не спомна ниту едно име на израелски министер.

- Министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ денеска во Брисел разговараат за ситуацијата во Украина, Газа и Венецуела, јави ДПА. Средбата е неформална, што значи дека на крајот не се очекува министрите да дадат официјални изјави. Состанокот ќе го раководи високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел. Состанокот првично требаше да се одржи во Будимпешта, но подоцна беше одлучено да се одржи во Брисел во знак на протест поради посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Русија во јули. Министрите ќе разговараат со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

-Украинската противвоздушна одбрана собори повеќе од 10 дронови во последниот руски напад врз Киев, соопшти Серхиј Попко, шеф на воената управа на Киев. Ова е трет ваков напад врз главниот град на Украина во последните четири дена. Во меѓувреме, украинските сили објавија порака на Телеграм во која се вели дека го нападнале складиштето за нафта Атлас во руската област Ростов и складиштето за нафта Зенит во руската област Киров. Нападите кои се случиле вчера предизвикале пожари во двете складишта за нафта. Во истата порака, украинската војска вели дека вчера нападнала и артилериско складиште во областа Воронеж.

-Папата Франциск од 2 до 13 септември ќе посети четири островски земји од Југоисточна Азија, со цел да се поттикне глобалната акција за климатските промени. Во текот на 12 дена, тој ќе помине речиси 33.000 километри за да ги посети Индонезија, Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур. Тоа е најдолгото патување досега за врховниот поглавар на Католичката црква, кој за движење користи инвалидска количка поради болки во колената и грбот. -Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливен денеска имаше опсежни разговори со потпретседателот на Централната воена комисија на Кина, генерал Џанг Јукси, на крајот од тридневната посета на Пекинг, со цел да се намалат тензиите меѓу двете велесили. На состанокот, прв меѓу Џанг и Саливен, и прв меѓу висок американски функционер и заменик-претседателот на Централната воена комисија на Кина од 2018 година, Саливан се заложи за подобрена комуникација меѓу двете страни. „Вашето барање да се одржи овој состанок со мене ја покажува важноста што американската влада ја придава на воената безбедност и нашите воени односи“, рече Џанг на состанокот во седиштето на Народноослободителната армија на Кина.

Остани поврзан