• сабота, 31 август 2024
МИА Радио флеш

30 август 2024

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со новоименуваната претставничка на УНИЦЕФ во државава, Лесли Милер при што се заблагодарил за тридецениското партнерство на УНИЦЕФ со нашата земја. Потенцирал дека промените на подобро во општеството можат да започнат токму со унапредување и заштита на правата на децата.

Акцент на средбата, покрај повеќето аспекти на соработка на МВР и УНИЦЕФ, беше ставен и на проектот за онлајн заштита на децата од насилство и сексуална експлоатација, чиј носител е Секторот за компјутерски криминал, соопшти МВР.

Скопје - Девизните резерви забележаа раст во вториот квартал на 2024 година и на крајот на јуни изнесуваа 4.338 милиони евра. Дел од растот на девизните резерви е одраз на поволните движења на девизниот пазар и интервенциите на Народната банка со откуп на девизи, коишто се одвиваа и во текот на третото тримесечје, соопшти Народната банка чиј Совет вчера го усвои Извештајот за управување и инвестирање на девизните резерви во вториот квартал годинава.

Управувањето со девизните резерви, укажува централната банка, беше во согласност со нивната основна намена при спроведувањето на монетарната политика, поддршката на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и одржувањето на тековната ликвидност за редовно извршување на обврските на државата кон странство. Во согласност со принципот на сигурност, при позначителна променливост на финансиските пазари, беа зголемени најзастапените вложувања во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната со највисок кредитен рејтинг, меѓу кои и зелените државни обврзници, во склад со заложбата за одржливо инвестирање.

Скопје - Државната комисија за спречување на корупцијата изготви Посебен извештај за утврдените состојби во финансирањето на изборната кампања за избор на  пратеници на последните избори, со цел информирање на Собранието и јавноста.

Во извештајот, ДКСК забележува дека во однос на законската обврска за доставување на податоци за службените моторни возила со кои располагаат институциите, констатиран е низок степен на реализација на оваа законска обврска и тоа под 50 отсто.

- Констатиравме и отсуство на нормативно решение за санкционирање од страна на ДКСК, со што се намалува можноста за превенција од злоупотреба на службените возила за потребите на изборната кампања. Во насока на зголемување на транспарентноста, Комисијата јавно ги објави сите институции кои не доставија информации до законскиот рок, велат од ДКСК.

Од вкупните извори на финансирање на изборната кампања во износ од 385.022.129 денари, 64 отсто се средства од Буџетот на државата, поради што ДКСК укажува на потребата истиот да се укине, поради постоење на корупциски ризици и идното влијание на политичките партии врз уредувачката политика на медиумите.

Скопје- Новоизбраната членка на Советот на јавните обвинители Марјана Илиеска даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Африм Гаши, генералната секретарка на Собранието Марина Димовска и претседателката на Советот на ЈО Душица Димитриеска. 

Марјана Илиеска со вкупно 19 гласа беше избрана за член на Советот на ЈО од редот на јавните обвинители од подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола на 29 јули годинава. Илиевска доаѓа од Основното јавно обвинителство Прилеп.

Битола - Филип Поповски, вонреден професор на Техничкиот факултет во Битола е избран за нов претседател на Сенатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“.

Од УКЛО-Битола информираа дека изборот на нов претседател на Сенатот го изврши изборна комисија, со тајно гласање, на седница на универзитетскиот Сенат, а е извршен по престанокот на мандатот на досегашниот претседател Николче  Јанкуловски, односно по неговото именување на функцијата заменик министер во Министерството за финансии.

Мандатот на новиот претседател на Универзитетскиот сенат е до 29.11.2024 година.

 

Белград – Францускиот претседател Емануел Макрон на вториот ден од посетата на Белград рече дека е убаво да се има сигурни пријатели и историски константи во свет каде што се е нестабилно.

Тој на социјалната мрежа Х сподели своја објава од 15 јули 2019 година на српски јазик и кирилица, со фотографија направена за време на неговата посета на Србија.

- Чувам драг спомен на мојата посета на Србија пред пет години. Искрена радост е да се вратам, напиша Макрон.

Францускиот претседател за првпат беше во официјална посета на Белград во јули 2019 година, кога двете земји прославија 180 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Вучиќ во април годинава беше во официјална посета на Париз.

Тел Авив- Израелскиот безбедносен кабинет гласаше за останување на израелските војници во коридорот Филаделфија, 14 километри долга погранична област меѓу Појасот Газа и Египет, како дел од договорот за прекин на огнот во палестинската енклава и ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас, со што го поддржа ставот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по тоа прашање, изјави утрово неименуван висок функционер од кабинетот на премиерот.

Безбедносниот кабинет синоќа со големо мнозинство го поддржа ставот на Нетанјаху, а мапите кои повикуваат израелските војници да останат во коридорот во Филаделфија веќе се одобрени од САД, рече официјалниот претставник, мислејќи на предлогот за прекин на огнот во Појасот Газа, изнесен од американската администрација претходно овој месец, објави „Тајмс оф Израел“.

Минатиот месец, Нетанјаху го вклучи останувањето на израелските војници во коридорот Филаделфија како ново барање во преговорите со Хамас, инсистирајќи дека тоа е неопходно за да се спречи континуираниот шверц со оружје.

Џенин – Израелската армија рано утринава изврши воздушни напади во градот Џенин на Западниот брег, во кои, како што соопшти, гаѓала „терористичка ќелија“, на третиот ден од конфликтот на територијата, информираа локалните власти.

Израел соопшти дека палестинските напади низ северниот дел на Западниот Брег, во кои загинаа 16 лица, се терористички напади и оти од вторникот вечерта, неговиот одговор имал за цел само да ги спречи нападите врз Израел од Западниот Брег.

Палестинците ги гледаат нападите како проширување на војната во Газа и обид да се одржи повеќедецениската воена власт на Израел над територијата.

Палестинското Министерство за здравство соопшти дека повеќе од 650 Палестинци се убиени на Западниот Брег од почетокот на војната на 7 ноември минатата година.

Пекинг - Претседателите на Кина и САД, Си Џинпинг и Џо Бајден ќе разговараат телефонски во следните неколку недели, соопшти денеска Белата куќа, откако советникот за национална безбедност Џејк Саливан се сретна со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји. 

На средбата во Пекинг, Ванг побара од САД „да престанат да го вооружуваат Тајван и да го поддржат мирното обединување на Кина“, се наведува во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението на Белата куќа се наведува дека Саливан „ја подвлече важноста од одржување на мирот и стабилноста преку Тајванскиот теснец“.

Саливан планираше да се сретне со заменик-претседателот на Централната воена комисија на Кина, Џанг Јукиа. Џанг во минатото зборуваше за решеноста на Пекинг да ја преземе контролата над Тајван.

Лајпциг – За прв пат откако талибанците ја презедоа власта, авион за депортација во Авганистан утрово полета од аеродромот Хале во Лајпциг, соопшти регионалното Министерство за внатрешни работи.

Чартер авион на Катар ервејс со 28 авганистански престапници кои беа донесени од различни држави, тргна од Лајпциг, најголемиот град во покраината Саксонија, за Кабул во 6:56 часот по локално време.

Како што информира ДПА, акцијата ја организираше германското федерално Министерство за внатрешни работи.

Германија не одржува дипломатски односи со талибанските власти во Кабул.

Приштина – Косовскиот премиер Албин Курти објави дека на средбата во четвртокот со специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Мануел Саразин, истакнал дека во времето кога во регионот се туркаа паралелни платформи, како Отворен Балкан, Косово беше целосно ангажирано во Берлинскиот процес, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението од владината служба за информирање се наведува дека Курти на средбата со Саразин побарал зајакнување на Берлинскиот процес како платформа која бара еднаквост и го забрзува членството во ЕУ.

„Премиерот истакна дека во времето кога се туркаа други паралелни платформи во регионот, Косово целосно се ангажира во Берлинскиот процес, барајќи негово повторно енергизирање и зајакнување како платформа која нуди еднаквост и го забрзува процесот на членство во Европската унија за земјите кои сакаат да станат нејзини членки“, се наведува во соопштението.

Атина– Летниот пораст на вирусната активност оваа година започна порано за разлика од летото во 2023 година и досега се чини дека се карактеризира со поголем број хоспитализации, но помал број пациенти приклучени на апарати и смртни случаи во споредба со лани, пишува во неделниот извештај за Ковид-19 во Грција на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Според официјалните податоци, во периодот од 19 до 25 август позитивноста кај сите тестирани примероци бележи мал пад во однос на претходната седмица, регистрирани се 815 нови хоспитализации, а вкупно 38 пациенти се приклучени на апарати.

Од Ковид-19 починале 39 лица, додека просечниот неделен број на смртни случаи во претходните четири седмици бил 40.

Остани поврзан