• петок, 27 септември 2024
МИА Радио флеш

   19  септември 2024

 

 

Брисел - Премиерот Христијан Мицкоски, кој престојува во работна посета на Брисел, денеска заедно со останатите лидери од земјите од Западниот Балкан присуствуваше на работен ручек во организација на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. 

Во објава на платформата Икс по средбата, Фон дер Лајен наведе дека сите шест земји партнери од Западниот Балкан и припаѓаат на Европа. 

- Тоа е она на кое што работиме. Паралелно, ги доближуваме нивните економии и пазари до нашите со нашиот План за раст од 6 милијарди евра за регионот, наведе Фон дер Лајен во објавата. 

Глави теми на работниот ручек беа меѓусебната соработка и Планот за раст на Западниот Балкан на Европската комисија, во чии рамки е формиран Инструмент за раст и реформи, вреден шест милијарди евра, наменети за реформи и проекти поврзани со социо-економската сфера и основните права.  

Брисел – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој го придружува премиерот Христијан Мицковски во работната посета на Брисел, во седиштето на НАТО имаше средба со генералниот секретар на Алијансата во заминување, Јенс Столтенберг. 

Како што објави денеска министерот Муцунски на својот Фејсбук профил, на средбата со Столтенберг му изразил лична благодарност за неговиот извонреден придонес во евроатлантската безбедност, притоа врачувајќи му Плакета за постигнатите успеси. 

Скопје - Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки и ова тело да се распушти имајќи ги предвид довербата во правосудството од 2 отсто и работата на Советот. Тие негативно го оценија Годишниот извештај за работата на Советот на јавни обвинители за 2023, особено критикувајќи го делот во кој се наведува дека Советот постигнал „значителни резултати во работењето„ и дека „позитивно се оценети извештаите од сите јавни обвинителства“. Извештајот и работата на Советот на јавните обвинители го критикуваа и пратениците од Коалицијата Вреди. 

Скопје - Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Хрватска остварила средба со хрватската амбасадорка во земјава Нивес Тигањ, соопшти собраниската прес-служба.

Претседателката на Пратеничката група, Благица Ласовска истакнала дека Хрватска е искрен пријател, без отворени прашања. - Соработката и размената на искуства меѓу овие Групи може да придонесе за унапредување на ефикасноста на законодавната власт, но и на севкупните односи меѓу двете земји, посочила Ласовска. 

Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски во придружба на заменикот на началникот на Генералштабот, генерал мајор Азим Нуредин, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини и командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, денеска ги посетил припадниците во касарната „Чеде Филиповски - Даме’’ во Кичево каде што е лоциран 1. пешадиски баталјон.За време на посетата, соопштија од МО, министерот Мисајловски од страна на командант на 1. пешадиска баталјон потполковник Зоранчо Ристовски бил брифиран за мисијата, задачите, и одговорностите на единицата, како и за ангажманот на припадниците на овој баталјон во мировните мисии, вежби и поддршка на други институции.

Битола - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со организацијата ФАО ќе ја решаваат приватно-јавната сопственост за подобро управување и владеење со земјоделското земјиште во Пелагонија.

Пред пелагониските земјоделци, министерот Цветан Трипуновски денеска најави дека процесот за решавање на деценискиот проблем ќе биде забрзан и во интерес на земјоделците.

Скопје - Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски предводел делегација на министерската конференција „Сараевски миграциски дијалог“ што се одржува во Јахорина, Босна и Херцеговина во организација на Министерството за сигурност на Босна и Херцеговина и со поддршка на Владата на Швајцарија.
 
Како што соопштија од МВР, целта на конференцијата на која учествуваат министри и директори на полициски служби од регионот, како и претставници на меѓународни организации и експерти од областа на миграциите, е дискусија за предизвиците во управувањето со миграциите. 

Скопје - Вицепремиерот и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски денеска излезе со реакција по серијата критики од страна на бугарски политичари, во врска со неговата изјава за непоставувањето на македонското знаме на неофицијалната средба меѓу претседателите Гордана Сиљановска Давкова и Румен Радев минатата недела во Софија.

-Би сакал да реагирам во однос на последната хистерија која што ја создаваат дел од неуспешните бугарски политичари. Имено, непотребно Македонија ја внесуваат во предизборната тематика во Бугарија и најмалку мислам дека Македонија може да е одговор на седмите неуспешни избори со кои се соочува Бугарија. Кризата во бугарското општество е создадена од токму овие политичари кои што, наместо да дадат одговор на домашната јавност за високиот степен на корупција и криминал кој што го има во Бугарија, за лошата економија поради која многу заминуваат, тие сакаат да се занимаваат со Македонија, нагласува Николоски.

Додава дека нивното занимавање со земјава всушност покажува дека ниту сакаат добрососедство, ниту сакаат Македонија да стане член на Европската Унија, а уште помалку да напредува кон ЕУ.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во соработка со УСАИД организираше презентација на стратешките приоритети и идни планови на министерството за дигитална трансформација пред меѓународните партнери и меѓународната заедница. 

Министерот на потенцијалните проектни донатори на самиот почеток од средбата, им се заблагодари за континуираната поддршка која ја даваат на земјата, потенцирајќи ја важноста со која придонесуваат за развојот на државата.

Скопје - Младите во државава ќе добијат можност да станат енергетски скаути за заштеда на енергија во фрмите во кои се вработени преку проектот Young Energy Europe што го претстави денеска Делегацијата на германското стопанство во Македонија АХК Северна Македонија. Ќе поминат обуки како да ја зголемат енергетска ефикасност во матичните компании, по што ќе дизајнираат и спроведат сопствен проект, кој треба да го применат, а ќе биде презентиран пред комисија во Германија.

Скопје - Едно лице почина на Инфективната клиника од вирусот на Западно-нилска треска. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) од почетокот на годината до сега има вкупно 30 тестирања за западно нилска треска, од кои што четири се потврдени случаи како позитивни, при што четвртиот случај завршил со смртен исход, информира денеска на прес-конференција директорката на ИЈЗ Марија Андоновска.

Скопје - Осумдесет отсто од пациентите заразени со вирусот на Западно-нилска треска се асимптоматски. Можеби некој од нас тука веќе прележал во текот на летото. Околу 19 отсто, имаат по некоја блага клиничка форма, со мала треска, со болка во мускули, измоштеност, и тоа може да поминува така без да знаеме дека го имаме тоа. Еден отсто од случаите можат да развијат невролошки манифестации, изјави денеска директорот на Инфективна клиника Фадил Цана, откако во земјава беше регистриран случај на починат од Западно-нилска треска.

Скопје - Државниот архив на Република Северна Македонија во интерес на имателите и истражувачите од државата и странство постојано презема активности за откривање и евидентирање на архивските материјали што се наоѓаат во приватна сопственост. Во таа насока, денеска ги повика сите граѓани кои имаат архивски материјал (документација) да покажат општествена одговорност и да го подарат на Државниот архив како институција која се грижи за колективната меморија и историското минато.

Скопје – За речникот што го користат има само едно оправдување – оставка на тој министер, а доколку не го направат тоа, ниту претседателот, премиерот, министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив. Вака денеска лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов ја коментираше изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски, кој во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на претседателите Гордана Сиљановска – Давкова и Румен Радев, рече „очигледно домаќинот не е цивилизиран, ниту има почит, па затоа се случуваат вакви ситуации. Помизерни од нив се само нашите домашни слуги“.

Скопје - Вештини за професионален развој и активизам стекнале 120 млади Роми со поддршка на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности и во соработка со образовниот центар „Генијалци“, преку организираната младинска акција во средното училиште „Шаип Јусуф“ во Скопје.

Во рамки на акцијата биле доделени сертификати на младите кои учествувале на сесии по англиски јазик, компјутерски науки и активизам.

Скопје - Новата сезона во Драмски започнува утре со претставата „Мојот маж". Ансамблот на Драмски неодамна учествуваше на меѓународниот театарскиот фестивал Пургаторије 2024 во Тиват, Црна Гора каде за претставата „Мојот маж"  ја доби  награда за „Актерска бравура".

Режисер на претставата „Мојот маж“ е Нела Витошевиќ, драматург е Викторија Рангелова-Петровска. Драматизацијата е на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова-Петровска. Костимограф е Роза Трајчевска-Ристоска, сценограф е Костантин Трпеноски и асистент сценограф е Моника Ангелевска. Музиката е избор на Нела Витошевиќ.

Белград - Договорот меѓу САД и Србија за стратешка соработка во областа на енергетиката, кој вчера беше потпишан во Вашингтон, е првиот договор за стратешка соработка меѓу Србија и Америка. Американскиот помошник државен секретар за енергетика Џефри Пјат за за Гласот на Америка (ВОА) изјави дека тоа е „исклучително важен чекор за продлабочување на соработката меѓу двете влади, но и за поттикнување на соработката на приватниот сектор на двете земји“, јави дописникот на МИА од Белград.

Белград - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека денешната средбата во Брисел организирана од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за лидерите од Западен Балкан е важна и дека ќе се разговара првенствено за европскиот План за раст на Западен Балкан, и посочи дека Србија останува посветена на европскиот пат и внатрешните реформи, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ изјави дека на работниот ручек ќе се разговара и за спроведувањето на поединечните реформски агенди, плановите на новата Комисија кога е во прашање процесот на проширување, како и за севкупните состојби во регионот.

Белград - Владата на Србија на денешната седница донесе одлука 3 и 4 мај да се востановат како „Денови на сеќавање на жртвите на масовните убиства“, а утврди и одбележувањето на „Недела на сеќавањето и заедништвото“,  јави дописникот на МИА од Белград.

Ваквата одлука, како што се наведува во соопштението на Владата, е донесена на предлог на Министерството за образование, а на иницијатива на Виктимолошкото друштво на Србија, која ја поддржа Работната група за формирање на Меморијалниот центар во спомен на жртвите на масовното убиство во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград.

Белград - Атлантик Штарк (Atlantic Štark d.o.o) објави дека од српскиот пазар и од БиХ повлекува производи поради можност за присуство на туѓо тело, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што е соопшти дистрибутерот на Atlantic Štark d.o.o, Atlantic Brands d.o.o, од пазарот се повлекуваат следните производи:

Бисквити какао кокос, 220 гр, серија 1207483491, со рок на употреба 08.05.2025 година.

Бисквити какао кокос, 220 гр, серија, 1207483492, со рок на употреба 08.05.2025 година.

Бисквити со прелив од какао 220гр, серија 1507482841, рок на употреба 11.05.2025 година.

Бисквити со прелив од какао 220гр, серија 1507482842, рок на употреба 11.05.2025 година.

Атина – Од Берлин не носам 10-15 илјади депортации од Германија за Грција, како што некои рекоа. Никогаш нема да постојат масовни депортации и враќања на мигранти, објасни министерот за миграција и азил на Грција Никос Панајотопулос во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

Панајотопулос во понеделникот и вторникот беше во Берлин, се сретна со неговиот германски колега и учествуваше на конференцијата за миграција и безбедност на Западен Балкан, а во денешното интервју посочи дека депортациите секогаш се на маса, бидејќи се предвидени, но не станува збор за масовни. 

Будимпешта – Дунав денеска се излеа од своето корито во центарот на Будимпешта. Во текот на денот нивото на водата во главниот град на Унгарија порасна за повеќе од еден метар. 

Насипите во повеќето делови на градот се веќе поплавени, а водата го покрива насипот на долниот кеј во Пешта пред зградата на унгарскиот Парламент, пренесе Индекс.хр. 

Според прогнозите, годинашната поплава нема да го надмине рекордниот водостој на Дунав во историјата. 

Копенхаген - Со доаѓањето на зимата и затворањето на домот заради задржување топлина, лесно се заборава на важноста на проветрувањето и спречувањето мувла. Неколку едноставни чекори може да помогнат да се спречи појава на мувла во куќата.

Застоен воздух води до влага и појава на мувла. За да се спречи ова, Питер Фолдбјерг - одговорен за дневна светлина, енергија и клима во затворен простор во данската компанија  „Велукс“ (VELUX), открива неколку практични и евтини совети. Според него, најдобро време за отворање прозорец коешто го намалува нивото на влажност во домот, се утрата и доцна навечер...

Брисел - Генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг, ги предупреди Европејците и Американците на искушението на „изолационизмот“ во неговиот проштален говор што ќе го одржи денеска, пред неговото заминување од чело на Алијансата во октомври.

По десет години на чело на оваа организација, поранешниот норвешки премиер ја напушта оваа важна функција, а на негово место доаѓа поранешниот холандски премиер Марк Руте.

Брисел - Европската комисија дополнително ќе додели околу 160 милиони евра за помош на енергетскиот систем на Украина, од кои 60 милиони се за хуманитарни потреби и 100 милиони за поправки и реставрација, а оваа сума, како што се наведува, ќе се обезбеди од приходите од замрзнатите руски средства, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. 

„Со ова се компензира, на пример, еквивалент на загубата на производството на електрична енергија во нуклеарната централа Запорожжја, која, како што знаете, сега е под руска контрола. Станува збор за три насоки: поправка, поврзување и стабилизација. Благодарение на ова, ЕУ ќе може да обезбеди 25 отсто од вкупните потреби на Украина во текот на претстојната грејна сезона“, рече таа на заедничката прес-конференција со извршниот директор на Меѓународната агенција за енергетика Фатих Бирол во Брисел. 

Вашингтон - Кина е најголемиот предизвик во историјата на САД, поголем од Студената војна, изјави вториот дипломат на САД Курт Кембел, повикувајќи ја Европа да покаже поголема цврстина кон Пекинг.

Кембел, помошник на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и долгогодишен поборник на теоријата за преориентирање на американската надворешна политика кон Азија, исто така повика на повеќе инвестиции во клучните технологии во услови на напредок на Кина.

Копенхаген - Абдицираната данска кралица Маргрета Втора е хоспитализирана по пад во нејзиниот дом, објавија данските медиуми.

Маргрета Втора, која има 84 години, беше примена во универзитетската болница во главниот град Копенхаген и останува под опсервација. Данските медиуми јавуваат дека таа е во добра состојба.

Таа требаше утре да учествува на настан по повод 75-годишнината на Катедрата за археологија на Универзитетот во Архус, но нејзиното учество е веќе откажано.

Остани поврзан