• сабота, 31 август 2024
МИА Радио флеш

7  август 2024

 

Скопје – Ставот на Коалицијата „Вреди“ за интерпелацијата поднесена против претседателот на Собранието, Африм Гаши, е дека станува збор за предизвикување на политички земјотрес и ставање на тест на владиното мнозинство.

Според нив, интерпелацијата за претседателот на Собранието е анти-НАТО експеримент.

- Како и во секој политички експеримент, така и во интерпелацијата за Претседателот на Собранието, Африм Гаши, има неопходни елементи. Потребен е мотив како аеродромскиот инцидент. Потоа, координирано се креира хистерија во јавноста. На фанфари се бара политичка одговорност. Се прави конструкција со обезбедувањето на Претседателот на Собранието. Левица е подносител на интерпелација, СДСМ е подржувач, а ДУИ бара алиби за јавно да влезе во ова друштво и од страничен подбуцнувач да ја преземе улогата на политички координатор, стои во соопштението од „Вреди“.

Скопје - Вкупно 41 пожар на отворен простор низ државава се евидентирани во текот на вчерашниот ден. Од тој број, шест се активни, девет се под контрола, 26 се изгаснати, соопштија денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од активните, првиот е во општина Македонски Брод, кај селата Тажево и Брезница и кај „Јасен“. Вториот е на територија на општините Демир Хисар и Охрид - Илинска Планина, кај селата Витово, Базерник, Мало Илино и Брежани. Третиот е на територија на општина Чашка, кај селата Папрадиште и Ореше. Четвртиот е во регионот на општина Петровец, кај селата Градманци и Дивље. Активен е и пожарот во општина Кочани - место викано „Панаѓур“, кај одмаралиштата на Пониква. Последниот од наведените е во општина Студеничани, кај селата Драчевица и Црвена Вода.

Скопје - Северна Македонија има најбрз интернет во регионот, а е меѓу подобро рангираните земји и во Европа, покажува истражувањето на Cable.co.uk, што го објави статистичкиот портал „Ландгеист“.

Со брзина на интернет конекциите од 97,9 Mbps, Македонија е пред Словенија, 97,0 Mbps, Србија 60,5 Mbps, Косово 57,3 Mbps, Грција 53,9 Mbps, Црна Гора 49,5 Mbps, Босна и Херцеговина 44,0 Mbps и Бугарија 40,4 Mbps. 

Најбрз интернет во Еропа има на островот Џерси (264 Mbps) лоциран меѓу Велика Британија и Франција, во Лихтенштајн 246,8 Mbps и во Исланд 229,4 Mbps. 

Скопје - Поведена е постапка против началници и полициски службеници бидејќи не санкционирале возач кој на 6 мај годинава со „порше“ возел 272 километри на час на автопатот Скопје-Велес. Возачот наместо да биде санкциониран бил само предупреден.

-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди достави известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против четворица полициски службеници кои не презеле мерки согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата против возач кој се движел со брзина од 272 километри на час, туку учесникот во сообраќајот бил само предупреден, соопшти денеска МВР.

По извршените проверки, преглед во службениот материјал и увид во видео снимките од радар за 6 мај 2024 година, констатирано е дека двајца полициски службеници, постапувајќи по наредба за мерење на брзината на движење на возила со радар на автопатот Скопје-Велес, констатирале сообраќаен прекршок, односно измериле брзина на движење на моторно возило „порше“ од 272 километри на час, на место каде движењето било ограничено на 120 километри на час со сообраќаен знак.

Приштина – Косовските Срби најавија за денеска протест во северно Косово поради, како што беше објавено во повикот на организаторите, „лошата состојба на српскит народ“ во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Протестот е свикан за во 11 часот на плоштадот „Цар Лазар“ во Северна Митровица“.

Полицијата е известена за протестот и ќе биде присутна за да се погрижи ситуацијата да не излезе од контрола, иако не се очекуваат проблеми.

Белград – Властите во Србија се соочуваат со се пожесток отпор за ископувањето литиум, откако Белград на 19 јули потпиша меморандум за стратешко партнерство за одржливи суровини со Европската унија, и тоа предизвика нов бран речиси секојдневни протести низ целата држава. 

Синоќа се одржаа протести во Сремска Митровица, Јагодина, Инѓија... каде демонстрантите побараа меѓународната корпорација Рио Тинто, што планира да ископува литиум, да ја напушти Србија. Со меморандумот со ЕУ „за стратешко партнерство во одржливи суровини, синџири за производство на батерии и електрични возила“, владата е охрабрена да започне со ископ на литиум, на што се повеќе се спротивставуваат еколошките активисти, граѓанските движења и опозицијата.

Приштина - Косовскиот премиер Албин Курти ги отфрли обвинувањата дека Албанците ќе маршираат преку мостот Ибар по неговото отворање за денеска, со оценка дека со таквите тврдења српскиот претседател сака да создаде атмосфера на страв и да предизвика реакција на КФОР.

„Српскиот претседател Александар Вучиќ со лажни наводи дека Албанците маршираат преку мостот сака да создаде атмосфера на страв и да предизвика реакција на КФОР во Митровица, заканувајќи се дека Србија ќе одговори доколку не реагираат“, напиша Курти доцна синоќа на социјалната мрежа X.

Приштина - Директорот на Косовскиот институт за политички истражувања и развој (KIPRED) од Приштина и поранешен косовски дипломат, Љуљзим Пеци, изјави дека актуелните акции на косовските власти „на северот на земјата го продлабочуваат јазот помеѓу Косово и меѓународната заедница, бидејќи се соочуваат со партнер кој е непредвидлив“.

Тој за Радио Слободна Европа (РСЕ) оцени дека „Косово оди кон голем судир со меѓународната заедница“ и истакна: „Меѓутоа, Косово нема капацитет да и нанесе штета на меѓународната заедница. Може само себеси да си наштети“.

Приштина - Европската мисија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС) денеска соопшти дека внимателно ја следи безбедносната состојба на северот и дека, доколку е потребно, ќе ја поддржи косовската полиција во одржувањето на јавниот ред и мир и во случаи на немири.
„ЕУЛЕКС останува внимателен и во согласност со безбедносниот механизам на три нивоа за реагирање на Косово, подготвен е да ја поддржи косовската полиција доколку е потребно и неопходно да придонесе за одржување и подобрување на јавниот ред и безбедност во случаи на граѓански немири“. според одговорот на ЕУЛЕКС до РТВ 21.

Атина – Во состојба на зголемена готовност се наоѓа Атина со цел да реагира во случај на разгорување што би влијаело врз Либан. Атина и Никозија се во координација за евентуална евакуација, пред сè, граѓаните на Грција или на Република Кипар и доколку е потребно и на трети земји, главно од ЕУ, пишува грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во случај да биде побарана помош од Грција за евакуации, првото решение, според „Катимерини“ е грчката фрегата „Кунтуриотис“, која моментално плови покрај брегот на Либан како дел од постојаната мисија на поморските сили под покровителство на ОН, но доколку е потребно, постои можност да се испратат и други воени (или изнајмени) бродови, како и воздушни средства.

Анкара - Турција денеска ќе се приклучи на тужбата на Јужна Африка против Израел за геноцидот во Газа, пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг.

„Интервенцијата на Турција ја насочува меѓународната заедница да ја препознае и да одговори на хуманитарната криза во Газа“, изјави анонимен извор за западни медиуми.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави претходно оваа недела дека Истанбул ќе издаде декларација за случајот денеска.

Вaшингтон - САД ја предупредиле Турција дека ќе има „последици“ доколку земјата не го запре извозот во Русија на американската воена опрема од витално значење за воената машинeрија на Москва, изјави за „Фајненшл тајмс“ висок претставник на американското Министерство за трговија.

Неодамна, помошникот секретар на американското Министерство за трговија, Метју Акселрод, се состанал со турските власти во Анкара и Истанбул. Неговата порака била дека Турција треба да стори повеќе за да ја запре трговијата со чипови и други производи од САД кои се клучни за руската војна во Украина.

Вашингтон - Израел веднаш по убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, ги информираше САД дека стои зад убиството, пишува Вашингтон пост, цитирајќи извори запознаени со процесот во Белата куќа.

Според весникот, претставниците на администрацијата на претседателот Џо Бајден биле огорчени поради одлуката за ликвидација на Ханија, загрижени дека тоа би можело да стави крај на повеќемесечните внимателни преговори за примирје во Газа.

Вашингтон - Новиот лидер на Хамас Јахја Синвар останува клучен фактор за склучување примирје во Појасот Газа, изјави државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

- Преговорите за ослободување на заложниците во Газа се во завршна фаза, и од клучно значење е засегнатите страни да работат на завршување на договорот што е можно побрзо, изјави Блинкен по синоќешната средба со американскиот министер за одбрана Лојд Остин и нивните австралиски колеги во Анаполис, Мериленд.

Блинкен и Остин разговараа со австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг и министерот за одбрана и вицепремиер на земјата Ричард Марлс во комплексот на американската поморска академија.

Вашингтон - Американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, изјави синоќа дека САД „нема да толерираат“ напади врз нивни војници. Изјавата ја даде за време на средбата што ја одржа заедно со државниот секретар на САД, Антони Блинкен, со министерката за надворешни работи и министерот за одбрана на Австралија, Пени Вонг и Ричард Марлс, во комплексот на Американската поморска академија во Анаполис, Мериленд.

Пораката на Остин се однесува на нападот врз американски војници во база во Ирак. Најмалку пет американски војници беа ранети, од кои еден сериозно, при нападот пред два дена врз воената база „Аин ал Асад“ во западниот дел на Ирак.

Moсква – Палестинската власт е подготвена за преговори со Израел за конечниот статус во рамки на мировна конференција, изјави палестинскиот претседател Махмуд Абас.

„Државата Палестина формулираше политичка визија и подготви „насоки“, одобрени од групата од шест арапски држави и претставена на разгледување во САД, Европската унија и членките на Советот за безбедност на ОН. Во нејзината суштина лежи сеопфатно политичко решение што предвидува крај на израелското присуство во Појасот Газа“, изјави Абас.

Каракас - Организацијата за човекови права „Провеа“ синоќа објави дека вкупно 24 лица загинале за време на протестите по претседателските избори во Венецуела на 28 јули, поради сериозни обвинувања за измами, јави ДПА.

„Провеа“ на социјалната мрежа „Х“ објави дека во најмалку девет случаи на убиства, вооружени провладини групи цивили, т.н. колективи, се идентификувани од сведоци како можни сторители.

Париз - Тркачот од Уганда Џошуа Чептегеи нема да се натпреварува на 5.000 метри на Олимпијадата 2024.

Чептегеи е олимписки шампион во Токио 2020 на оваа делница. Во Париз 2024 го освои златото на 10.000 метри.

Париз - Соединетите Американски Држави водат во поредокот за медали на Олимпијадата во Париз. Американците на пет дена до крајот на Игрите имаат 24 златни медали , два повеќе од кинеските спортисти.

 

 

Остани поврзан