• вторник, 27 август 2024
МИА Радио флеш

9 август 2024

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска имаше средба со амбасадорката на Република Грција во Република Северна Македонија, Софија Филипиду.

МНР соопшти дека на средбата е потврден заемниот интерес и посветеност за натамошно унапредување на билатералната, регионалната и соработката во меѓународните организации.

- Во текот на разговорот, беа подвлечени и заемните заложби за унапредување и натамошно интензивирање на економската и соработката во други области од заемен интерес. Притоа беше истакнат заедничкиот интерес за продолжување и интензивирање на политичкиот дијалог и соработка на високо ниво во функција на безбедност, стабилност и просперитет на регионот, стои во соопштението од МНР.

Скопје - Наредната седмица ќе биде организирана августовската испитна сесија од учебната 2023-2024 за матурантите кои во јуни, од различни причини, не положиле државна матура или не во целост. 

Во понеделник, 12 август, од 10 часот е закажано полагањето на првиот (задолжителен) екстерен испит – мајчин јазик (македонски, албански или турски) и литература, а в среда (14 август) ќе се полага вториот (изборен) екстерен испит за кој кандидатите избираат еден од седум предмети. 

Според податоците на Државниот испитен центар, за августовската сесија пријавени кандидати по предмети има 2624, од кои 1626 се ученици кои следат настава на македонски јазик, 932 – ученици од настава на албански јазик и 66 од турски наставен јазик.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остварил работна посета на Одделението при Дирекцијата за заштита и спасување под чија надлежност се воздухопловите за гасење на пожарите.

За време на посетата, соопшти МВР, Тошковски се сретнал со дел од пилотите и екипажот, при што им искажа признание за храброста и пожртвуваноста во борбата со пожарите. Притоа, тој изразил жалење за условите во кои работат, како и недостигот на кадар во ова одделение и ниските плати.

Скопје - Коалицијата „Вреди“ денеска најави уставен амандман со кој законите ќе можат да имаат повратно дејство и во случаите повразни со застарување на кривичната постапка за сторени злоупотреби од страна на избрани и именувани лица. Според нив, овој амандман ќе ја приближи нашата држава голем чекор напред кон интеграциите во Европската Унија.

Како што информираше на денешната прес-конференција портпаролот на „Вреди“, Фари Хисени, нивниот конкретен предлог е законите да можат да имаат повратно дејство и во случаите поврзани со застарување на кривичната одговорност за сторени злоупотреби од страна на избрани и именувани лица при практикување на јавни овластувања, со кои е причинета штетата на јавните фондови, буџетските средства на централно и локално ниво и со таквите злоупотреби е стекната противправна имотна корист. 

Скопје - Коалицијата „Вреди“ смета дека нема никаква одговорност кај спикерот Африм Гаши со тоа што испратил луѓе од неговото обезбедување да се информираат во случајот со косовската претседателка Вјоса Османи на Скопскиот аеродром.

Како што изјави Фари Хисени, портпаролот на „Вреди“ на денешната прес - конференција, претседателот на Собранието во конкретниот случај немал цел да предизвика немири или да постапува противзаконски, туку, вели, на барање на претседателката на Косово бил пратен на аеродромот во Скопје, за да се информира што конкретно се случувало таму.

Според него, Гаши, како втор човек во државата по функција, има право да прати негово обезбедување кога е во прашање претседател на соседна држава, како што е Република Косово за да види што се случува. 

Скопје - Министерството за правда (МП) соопшти дека го започнува процесот на изработка на нов Закон за судска служба.

Новото законско решение има за цел да ја унапреди постојната регулатива, обезбедувајќи подобри услови за работа и правата на вработените во судскиот систем.

Министерството за правда наведува „дека е посветено на создавање праведен и ефективен систем кој ќе ја подобри ефикасноста на судството водејќи грижа за  потребите на судската служба“.

Атина – Четиричлено семејство од Северна Македонија е повредено во сообраќајна несреќа што рано утрово се случила на автопатот кон Солун при влез во Грција, откако, од засега непознати причини, автомобилот излетал од патот, а според локалните медиуми, сите патници биле пренесени во болница, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што пишуваат медиумите од северна Грција, несреќата се случила околу 8.15 часот утрово, а во возилото се превезувал брачен пар на возраст од 48 и 50 години и нивните две малолетни деца на 11 и 15 години. 

Автомобилот излетал од патот и се превртил, а во сообраќајката не учествувале други возила.

Скопје - Увозните цени од одделот Кокс и рафинирани нафтени производи (19) во јуни годинава се повисоки за 0,4 отсто на месечно ниво и за 6,2  отсто на годишно ниво.

При тоа, според податоците на Државниот завод за статистика, увозната цена на моторниот бензин е за 4,3 отсто пониска отколку во мај годинава, а за 0,3 отсто повисока отколку во јуни минатата година. Дизелот, пак, е поскап за 1,5 на месечно и за 7,1 отсто на годишно ниво, а ТНГ горивото (автоплинот) е поевтино за 6,2 отсто на месечно ниво, додека на годишно ниво е поскапо за 10,6 отсто.

Увозните цени од одделот Кокс и рафинирани нафтени производи (19) се наменети за преиспитување или мониторирање на трошоците направени од градежните претпријатија при изведувањето на процесот на изградба. Тие се повикуваат на движењето на трошоците од одделот Кокс и рафинирани нафтени производи (19) во калкулациите при склучувањето на градежните договори.

Скопје - Продажните цени на производителите на индустриски производи во јуни годинава се повисоки на месечно ниво за 0,8 отсто, а на годишно за 1,1 процент.

Скопје - Околу 600 урбанистички планови се заглавени во постапка со што е доведено во прашање нивното донесување и реализацијата на капитални инвестиции, соопшти денеска Министерството за транспорт. Токму измените на Законот за урбанистичко планирање, како што информира, се предлагаат за надминување на ваквата состојба.

Измените, наведува Министерството за транспорт, се исклучиво во интерес на граѓаните и општините - за поефикасна реализација на капитални проекти и придвижување на економијата во целина. Ќе ја олеснат изградбата на училишта, градинки, болници, амбуланти и катни гаражи преку поедноставување на постапките за донесување урбанистички планови.

Според Државниот завод за статистика, во јуни 2024, во споредба со мај 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи, вкупно се пониски во секторот Рударство и вадење на камен за 0,5 проценти, се повисоки во секторот Преработувачка индустрија за 0,4 и во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 9,8 отсто, додека во секторот Снабдување со вода; отстранување на вода, управување со отпад и дејности за санација на околината остануваат непроменети.

Скопје - Продажните цени на производителите на индустриски производи на странските пазари се повисоки на месечно ниво за 0,6 отсто, а на годишно ниво за 0,4 проценти.

Според Државниот завод за статистика, во јуни 2024 година во споредба со мај 2024 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на
странските пазари се пониски во секторот Рударство и вадење на камен за 0,6 отсто, додека во секторот Преработувачка индустрија се повисоки за 0,7 проценти.

Скопје - Во Охрид вчера во 14.00 часот полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид го лишиле од слобода М.Ч.(47) од Охрид.

При претрес во неговиот дом, извршен по судска наредба, соопшти денеска МВР, биле пронајдени и одземени семки од канабис, стебло од растението канабис, дигитална вага со остатоци од бела прашкаста материја и грендер со остатоци од марихуана.

Белград - Во организација на еколошки здруженија утре во Белград ќе се одржи протест поради најавата за отворање рудник за литиум во долината на Јадар.

Протестот ќе започне во 19 часот на денот на истекот на рокот од 40 дена што еколошките здруженија и го дадоа на Владата на Србија да го усвои законот за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија.

Организаторите најавија дека на протестот ќе говорат претседателот на здружението „Не дамо Јадар“ Златко Кокановиќ, Љиљана Браловиќ од Здружението на еколошки организации на Србија (СЕОС), научниот советник на белградскиот институт за хемија Драгана Ѓорѓевиќ и актерката Светлана Бојковиќ.

Белград - Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, и Главниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, предупредија денеска дека насилството на улиците на Белград нема да се толерира и ги повикаа учесниците на најавен протест за 10 август своето право на мирно собирање да го искористат во согласност со Уставот и законите на Република Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

„Мирното собирање, согласно законот, е слободно, но насилството, загрозувањето на безбедноста на луѓето и имотот и безбедноста на Република Србија не е дозволено“, се наведува во соопштението на МВР и министерот Ивица Дачиќ.

Барселона - Поранешниот каталонски лидер Карлес Пуџдемон помина две ноќи во Барселона пред вчерашното кусо појавување на Триумфалната капија во Барселона, за радио RAC1 изјави генералниот секретар на партијата „Заедно за Каталонија“, Жорди Турул, пишува шпанскиот весник „Мундо“.

Според Турул, Пуџдемон во вторникот вечерал во каталонската престолнина, во средата цел ден го минал во градот, а вчераутро се појави пред своите поддржувачи и по само неколку минути исчезна од погледите на илјадници луѓе, новинари и полицајци.

Киев - Русија прогласи вонредна состојба во пограничниот регион Курск четири дена откако стотици украински војници ја преминаа границата и ја нападнаа областа.

„Оперативната ситуација во регионот Курск останува тешка“, изјави вршителот на должноста гувернер на Курск, Алексеј Смирнов, на каналот Телеграм.

Социјалните служби и здруженијата на граѓани се организираа за да им пружат помош на луѓето кои беа принудени да ги напуштат своите домови поради борбите, додаде тој.

Тел Авив - Генерал Мајкл Ерик Курила, шеф на американската воена команда на Блискиот Исток (ЦЕНТКОМ) е во нова посета на Израел за да ја процени безбедносната ситуација, пренесуваат француските медиуми, повикувајќи се на соопштение на израелската армија.

Ова е втора посета на генералот на Израел во текот на оваа оваа недела во услови на високи тензии во регионот. Прв пат допатува во понеделникот.

Париз - Американскиот рапер Тревис Скот, откако присуствувал на полуфиналето во кошарка за мажи на Олимпијадата вчеравечер, денеска е уапсен поради тепачка во хотел со пет ѕвезди во француската престолнина, соопштија надлежните.

„Полицијата била повикана во хотелот 'Жорж V' и Тревис Скот е приведен за насилство врз член на обезбедувањето. Вториов интервенирал за да го одвои раперот од неговиот телохранител“, соопшти полицијата во Париз.

Засега не е познато дали 33-годишниот музичар е задржан во притвор.

Белград - Изминативе неколку месеци, научниците забележаа необично високи температури на Јужниот Пол, што предизвикува загриженост во научните кругови. Овие температури што се многу над просекот за таа област во тековната зима на Антарктикот, се сериозен знак за климатските промени што сѐ повеќе ја погодуваат нашата планета.

Оваа појава, според стручњаците, носи со себе потенцијално катастрофални последици не само за Антарктикот, туку и за целиот светски екосистем.

Остани поврзан