• сабота, 24 август 2024
МИА Радио флеш

12 август 2024 

- Земјотрес со локална магнитуда од 2.4 степена по Рихтер е регистриран утрово во 04 часот и 48 минути чиј епицентар припаѓа на подрачје Делчево – Берово, 124 километри југоисточно од Скопје, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет.

- Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван од жителите во градот Пехчево и околината, со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, информира Опсерваторијата.

- Министерот за здравство Арбен Таравари се надева дека до крајот на годината барем половина од околу две илјади и нешто вработени со договор на дело во јавното здравство да добијат решенија.

Одговарајќи на новинарски прашања, дали ќе се чека месец декември за новиот буџет за вработувања на лицата ангажирани со договор на дело или обезбедени се средства со ребалансот, Таравари рече дека ќе се обидат одреден број доктори да бидат вработени уште сега.

- Министерот за здравство Арбен Таравари денеска информираше дека се работи на проширување на „Мој термин“ или евентуално нова дигитализација.

- Ќе видиме која ќе биде дефинитивната одлука. На Македонија дефинитивно ѝ требаат сите здравствени установи да бидат во еден ист систем. Значи, приватни и јавни здравствени установи, меѓутоа фармации и сите други институции што се поврзани со здравството. Тука мислам и на ФЗОМ, така што ќе видиме, ќе разгледаме најдобри можни опции, дециден беше министерот, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на реновиарните простории на Универзитетскиот институт за радиологија.

- Премиерот Христијан Мицкоски на неговиот официјален фејсбук профил објави дека Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во јули инкасирало над 470 милиони денари од патарини што е за околу 16 милиони денари повеќе од истиот период лани, пари, кои според него постоеле и минатата година, но сега се влеале во државната каса.

- Нормализирањето на состојбите во државата значи домаќинско работење, базирано на чесност и принципи. Затекнавме држава во хаос, се бориме да направиме ред и доследност. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски ме извести дека на наплатните рампи во јули 2024 година има промет од 470.194.563 денари што е повеќе за цели 16.071.251 денари, споредено со истиот период лани. Овие пари постоеле и минатата година, само разликата е што не завршувале во касата на државата, каде сега од тие пари градиме градинки, училишта, патишта. Инвестираме во болници, нови работни места, наведува на фејсбук статусот премиерот Мицкоски.

- Откако ДУИ најави дека ќе има посебна прослава за одбележување на годишнина од Рамковниот договор, министерот за здравство Арбен Таравари одговарајќи на новинарски прашања рече дека ДУИ се уште не можат да прифтат дека се опозиција и организираат приватни журки.

-ДУИ некако секогаш има претензии да ги приватизира одредени настани. Се уште не можат да прифатат дека се опозиција, меѓутоа им треба време и ќе се навикнат на тоа. Ќе прифатат приватни журки, забави може секој да организира. Ние ги повикавме на утрешниот настан којшто го организира Владата на Република Македонија, добредојдени се, а приватни журки нека продолжат нека си организираат, рече Таравари.

- Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 39-годишник осомничен за кривично дело – Изнуда по член 258 став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот, како што информира ОЈО Скопје, на 10 август, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со употреба на сериозна закана присилил еден оштетен на штета на својот имот да му даде паричен износ од 7.000 евра.

Откако во текот на јули, две жени со кои оштетениот имал претходни деловни односи во врска со препродажба на опрема за копање на криптовалута, го запознале осомничениот со оштетениот и му ги дале неговите контакти, тој закажал средба со него и започнал да му се заканува дека ќе го загрози неговиот живот и тело како и на неговите блиски доколку не му ги исплати парите за наводен долг од 16.500 евра кон двете жени.

-  На Конкурсот за седмото доделување на наградата „Антево перо“, за најдобра необјавена стихозбирка на македонски јазик што го распишува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“, пристигнале 75 поетски збирки, од кои во потесниот избор се влезени 12.

Од Здружението како организатор на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски - Антево перо“, изразуваат благодарност до сите учесници на Конкурсот и до сите медиуми кои со објавите придонеле за поголема популаризација на Конкурсот, како и до здруженијата и клубовите во кои членуваат македонските поети во земјата и дијаспората, за споделувањето на најважните информации за освојување на престижната поетска награда „Антево перо“ на нивните веб-страници.

- Триесет и двегодишен скопјанец утрово е приведен бидејќи со запаливо средство опожарил мотоцикл сопственост на неговата мајка.

- Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје утрово  во 5:00 часот го лишиле од слобода А.М. (32) од Скопје, бидејќи се сомничи дека околу 3:30 часот, по претходна расправија со неговиот 55 – годишен татко, во дворот од семејната куќа со запаливо средство опожарил мотоцикл сопственост на неговата мајка, соопшти МВР.

– Три пораки за евакуација од бројот за итни случаи 112 утрово беа испратени до сите оние кои се во пет различни области во североисточниот дел на грчката областа Атика, поширокиот регион на Атина, поради пожарот што е активен веќе 20 часа, а во текот на ноќта дополнително се прошири, заземајќи огромни размери, јави дописничката на МИА од Атина.

Според мапата за пожари на НАСА, конкретниот пожар е во должина од над 20 километри и се простира на површина од над 110 километри квадратни.

- Иран ќе „сноси одговорност“ за каков било напад врз Израел „што би довело до ескалација на тензиите во регионот“ и што би ја загрозило можноста за постигнување договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците од Појасот Газа, се вели во заедничката изјава на Велика Британија, Франција и Германија.

Британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц го повикаа Иран „и неговите сателити“ да се воздржат од напади, додавајќи дека се согласуваат со земјите посредници, т.е. САД, Египет и Катар, дека не смее да има повеќе одложувања во преговорите меѓу Хамас и Израел, пренесува Политико.

-Неименуван украински безбедносен претставник изјави дека повеќе илјади војници учествувале во упадот во руската покраина Курск.

Според него целта на упадот е да се дестабилизира Русија и да се потиснат руските сили со лесни и брзи напади.

Русија тврди дека неколку стотици украински војници го извршиле ненадејниот напад на 6 август, но според неименуваниот украински претставник бројот на украински војници бил многу поголем, „многу повеќе … илјадници и илјадници“.

- Врховниот суд на Хонг Конг едногласно го отфрли барањето за укинување на пресудите на медиумскиот магнат Џими Лаи и шест други продемократски активисти за неовластени јавни демонстрации во 2019 година, објавија британските медиуми.

Лаи (76), основач на продемократскиот весник „Епл Дејли“, и уште шестмина беа прогласени за виновни за организирање и учество во неовластено собрание во август 2019 година за време на повеќемесечните продемократски протести во градот под кинеска власт.

- Филипините ќе упатат дипломатски протест до Кина поради неодамнешниот инцидент во кој кинески воени авиони го нарушија воздушниот простор над Јужното Кинеско Море, изјави денеска филипинскиот министер за надворешни работи Енрике Манало.

Филипинската војска извести за „опасни дејствија“ на два кинески авиони кои на 8 август истрелаа проектили на патеката на авион на филипинското воздухопловство кој вршеше рутинска патрола над Скарборо Шол во Јужното Кинеско Море, пренесуваат британските медиуми.

- Исламска држава презеде одговорност за вчерашниот напад во главниот град на Авганистан, Кабул.

Во соопштението на ИД се наведува дека при нападот врз возило со кое се транспортирале шиити, еден човек загина, а 13 се повредени.

Остани поврзан