• сабота, 31 август 2024
МИА Радио Флеш

21 август 2024

-Министерот за здравство Арбен Таравари потврди дека е зголемен бројот на регистрирани позитивни на Ковид во земјава и укажа дека треба да се почитуваат антиковид-правилата за проветрување и хигиена. За хоспитализираните пациенти кај кои ќе се открие вирусот, рече дека треба да продолжат да се лекуваат на истата клиника. - Има пораст на бројот на регистрирани со Ковид во државава, имаше состанок и Комисијата за заразни болести и имаме заклучок од нив како треба да се третираат - треба да се придржуваме на правилата – отворени простории, да нема повеќе луѓе на исто место, хигиената да се запазува. Меѓутоа, пациентите што се третираат на клиниките од одредена болест, а во меѓувреме се инфицираат и со Ковид, препораките се да продолжат со лекување во истата клиника, конзилијарен инфектолог да даде препорака за дополнителна терапија доколку треба. Повеќето пациенти очигледно го поминуваат асимптоматски или со многу лесна форма на симптоми, рече министерот Таравари на прес-конференција на која беа промовирани девет нови генерички лекови кои се ставаат на Позитивната листа.  

-Девет лекови, меѓу кои за висок притисок, срцеви заболувања, депресија  и деменција, стануваат дел од позитивната листа. Како што информира денеска министерот за здравство Арбен Таравари, станува збор за девет генерици претставени преку 87 лекови. - Се работи за 87 лекови во различни форми, јачини и пакувања што имаат активна регистрација во нашата држава, девет генерици претставени преку 87 лекови. Помеѓу нив, опфатени се лекови за висок притисок, срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија, како и за деменција, посочи Таравари.

-Во второто тримесечје од 2024 година, откупот и продажбата на земјоделски производи изнесува 3 414 534 илјади денари и во однос на истиот период од претходната година се зголемени за 4.9 %, соопшти Државниот завод за статистика. Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано намалување за 9.1 %, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство e забележано зголемување за 16.4 %. Намалување на вредноста е забележано кај групите полјоделството и овоштарство и лозарство, а кај останатите групи на производи е забележано зголемување. 

-Од доброволните осигурувања најпродавано останува да биде осигурувањето имот со вложувања од 3 милиони евра за еден месец пред каско осигурувањето со 2 милиони евра и здравственото осигурување со 1,7 милиони евра. Јули е рекорден според продажба на неживотно осигурување пред се затоа што значајно расте продажбата за задолжителното автомобилско осигурување, а тоа е резултат на регистрирани над 85.000 возила за само еден месец.Вложувањата на граѓани, институции и компании во неживотни осигурувања во јули достигнаа 1,29 милијарди денари (21 мил.евра). Ова претставува рекордно односно највисоко месечно ниво на вложување во осигурителни производи во првите седум месеци годинава, покажуваат официјалните месечни податоци што до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат сите 11 осигурителни компании кои продаваат неживотни осигурувања.

-Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека се надева оти претседателот на државата Александар Вучиќ нема да се повлече од политиката во 2027 година, бидејќи, како што нагласи, гарантира дека таков човек нема да биде во Србија во следните 300 години. „Нема човек кој е 100 отсто посветен на Србија освен Вучиќ. Имам време за мојот приватен живот, не мислам во секој момент на протести и кој дава пари за уривање на власта. Не, но Вучиќ нема приватен живот“, изјави Брнабиќ.

-Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ денеска изјави дека властите во Приштина, предводени од косовскиот премиер Албин Курти, сакаат да ја преземат контролата над мостот на Ибар во Косовска Митровица, со цел да се направи „дополнителен притисок врз српската заедница“. Ѓуриќ за РТС изјави дека „Косовска Митровица, како град, е бедем на опстанокот на српскиот народ на Косово и Метохија“, посочувајќи дека тоа е единственото урбано подрачје во кое живеат мнозинство Срби на Косово, што од 1999 г. мостот на Ибар го поврзува јужниот дел на градот каде што живеат Албанците, со северниот дел од градот каде што живеат Србите.

-Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ изјави дека од утрово е забрането претекнување на камиони на обиколницата околу Белград, како и на неколку други делници од автопатиштата во Србија, јави дописникот на МИА од Белград. -На обиколницата околу Белград, како и на одредени делници од српските автопати, Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура од утрово забрани претекнување на камиони. На овие делници камионите неможат да престигнуваат други камиони, како ни патнички возила. Поставивме сообраќајни знаци кои ги предупредуваат возачите на камиони за делниците каде што е забрането претекнувањето.Тоа беше лоша навика на камионџиите со коja ги доведуваа во опасност својот и животот на друте учесници во сообраќајот, истакна Весиќ.

-Тука сме да ги залечиме раните, да научиме од нашите грешки, но и да ги капитализираме значајните чекори што се направени, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на состанокот одржан за минатонеделните пожари во североисточниот дел на областа Атика, јави дописничката на МИА од Атина. На состанокот присуствуваа надлежните министри, периферијата Атика и градоначалниците на погодените општини, се разгледаа резултатите од спроведените евиденции и проверки и се разговараше за активностите што ќе ги преземе Владата за обнова на населбите зафатени од пожарот. Мицотакис истакна дека пожарот беше тежок, „направи голема штета на животната средина и очигледно уништи многу имот“ и посочи дека за тоа што се случи дополнително ќе се дискутира и проучува.

- Силниот дожд, ветерот, а на некои места и град, создадоа проблеми во делови на северна и централна Грција, јави дописничката на МИА од Атина. Од противпожарната служба на Грција соопштија дека во областа Тесалија во централниот дел на земјата, во периодот од 18 до 22.30 часот вчера, примиле 55 повици за помош, од кои повеќе од половина за паднати дрва во Лариса, Магнисиа, Трикала и Кардица. Конкретната област лани беше погодена од големи поплави што предизвикаа огромна материјална штета.

-Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ќе ја посети Молдавија, каде што ќе се сретне со претседателката Маја Санду и со премиерот Дорин Речеан, пренесе ДПА. Главната тема на разговорите ќе биде влијанието на руската војна против Украина врз оваа држава со население од околу 2,6 милиони жители. Владата на Молдавија ја обвинува Русија за кампањи на дезинформации и намерни обиди за дестабилизација на државата. Москва има распоредено свои воени сили во сепаратистичкиот регион Приднестровје.

- Германската економија се уште има недостиг на квалификувани работници, е заклучокот од извештајот објавен денеска на Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен. Во истражувањето се наведува дека 33,8 отсто од германските компании се пожалиле на недостаток на квалификувана работна сила во август, што е нешто помалку од априлските 34,9 отсто. Забавувањето на германската економија е една од причините за послабата побарувачка за квалификувани работници, смета експертот на МФО, Клаус Волрабе. Тој додава дека проблемот со недостигот на работна сила во иднина ќе се влоши поради демографските промени во Германија.

-Следниот состанок на Контакт групата за одбрана на Украина (Рамштајн формат) ќе се одржи во Германија на 6 септември, објави Радио Слободна Европа, повикувајќи се на американските воздухопловни сили во Европа. „На 6 септември 2024 година, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин ќе одржи состанок на Контакт групата за одбрана на Украина во американската воздухопловната база Рамштајн во Германија,“ се вели во соопштението. Ова ќе биде 24-тиот состанок во Рамштајн формат. Претходниот се одржа на 13 јуни во Брисел, каде што беше разгледувано прашањето за зајакнување на воздушната одбрана на Украина. На таа средба, учесниците се фокусираа посебно на обезбедувањето системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, поради зголемените руски воздушни напади врз градовите и енергетската инфраструктура.

-Украинските одбранбени сили го погодија рускиот систем за противвоздушна одбрана С-300 во близина на Новошахтинск во Ростовскиот регион во ноќта на 20-21 август, објави Генералштабот на украинските вооружени сили на Телеграм, пренесува Укринформ. „Единици на украинската морнарица, во соработка со други елементи на Одбранбените сили, погодија позиција на системот за противвоздушна одбрана С-300 во близина на Новошахтинск. Според резултатите од објективната контрола, беа забележани експлозии на означените цели. Точноста на ударот се истражува,“ се вели во објавата. Според Генералштабот, Русите ги користат системите С-300 за напади врз украинските градови, уништувајќи станбени згради и тероризирајќи го населението.

-Буркина Фасо, Мали и Нигер испратија писмо до претседателот на Советот за безбедност на ОН во кое ја осудуваат „отворената и јасна поддршка на меѓународниот тероризам“ од страна на украинската влада, особено во регионот на Сахел во Африка. Овој потег следува по неодамнешните изјави на украински официјални лица кои сугерираа дека Киев одиграл улога во нападите на Туарешките сепаратистички бунтовници, кои минатиот месец резултираа со смрт на многу малиски војници во североисточниот селски град Тинзаватен, на границата со Алжир. Во заедничко писмо, министрите за надворешни работи на трите земји изјавија дека нивните влади се шокирани од изјавите на Андриј Јусов, портпарол на украинското воено разузнавање, кој ја „призна улогата на Украина во кукавичките, варварските и криминалните напади“ извршени меѓу 24 и 26 јули.

-Аргентинските власти ставија брод на реката Парана, во близина на градот Росарио, во карантин поради сомневање за појава на мајмунски сипаници, објавија локалните медиуми. Бродот плови под знамето на Либерија, објавија медиумите во Аргентина, повикувајќи се на поморски извори. Капетанот на бродот, наводно, пријавил дека на лице со „симптоми компатибилни со вирусот“ му е потребна медицинска помош и се чекаат резултатите од тестот.

-Најмалку едно лице загина, а 16 се повредени утринава во воздушни напади во Либан, соопшти Министерството за здравство на земјата, цитирано од ДПА. Либанските безбедносни сили соопштија дека воздушните напади биле извршени во долината Бека - во близина на градот Баалбек во североисточниот дел на Либан, во близина на границата со Сирија. Областа се смета за упориште на либанското шиитско движење Хезболах. Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека нападот ги погодил магацините за оружје на Хезболах и системите за воздушна одбрана.

-Авганистанското Министерство за морал отпушти повеќе од 280 припадници на безбедносните сили поради тоа што не пуштиле брада во изминатата година и приведе повеќе од 13.000 луѓе за „неморални дејствија“, соопштија официјални лица. Министерството за спречување на пороци и ширење доблести во својот годишен оперативен извештај наведува дека околу половина од приведените се ослободени по 24 часа. Тие не прецизираа кои се наводните прекршоци или полот на уапсените, пренесоа британските медиуми.

Остани поврзан