• четврток, 26 септември 2024
МИА Радио флеш

    25  септември 2024

 

 

Њујорк - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која ја предводи македонската делегација на 79. Генерално собрание на ОН, денеска се очекува да присуствува на работниот ручек со претставникот на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел со шефовите на делегациите на земјите од Западниот Балкан.

Како што јави известувачот на МИА од Њујорк, во попладневните часови, по американско време, Сиљановска Давкова со членови на македонската делегација ќе учествува на прием што го организира претседателот на САД Џо Бајден со сопругата по повод 79. Генерално собрание на ОН.

Скопје - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, за време на посетата на Соединетите Американски Држави, вчера се сретнал со генералот Весли К. Кларк, поранешен командант на Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа, со кого разговарале за континуираната поддршка на САД и НАТО на нашата земја на патот на евроатлантските процеси. 

Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, Меџити истакнал дека разговарале за фактот дека безбедноста и мирот се тесно поврзани со меѓународната соработка, но пред се и со економскиот развој.

Њујорк – Министерот за здравство и лидер на Алијансата на Албанците Арбен Таравари, кој учествува на 79.Генералното собрание на ОН, изјави дека односите помеѓу партнерите во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, каде што се Вреди и ЗНАМ, се коректни и дека оваа Влада ќе продолжи да функционира. Владата, вели тој, има подолгорочна стратегија, но потребна е почеста консултација и синхронизација меѓу партиите од власта.  

Како што јави известувачот на МИА од Њујорк, Таравари ова го кажа по вчерашните изјави на Халил Снопче дека Вреди ќе излезе од владината коалиција ако се изгласа законот за бранители и на премиерот Христијан Мицкоски кој му посака среќа на пратеникот доколку се случи тоа.  

Скопје - Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај имало вкупно 1 708  повици на  Единствениот број за итни случаи 112.

- Од нив „реални“ повици биле 58,02 отсто, а 41,98 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.  Кон Полиција биле упатени 63,42 отсто, кон Итната медицинска помош  27,24 отсто, a кон пожарникарите 5,06 отсто од реалните повици кон 112, се вели во соопштението.

Скопје - Уставниот суд денеска ќе ја одржи 25. седница со дневен ред на кој се предвидени седум иницијативи за оценување на уставност и законитост.

Како што најавија од Уставниот суд, на дневниот ред на денешната седница се и осум предлози за одлучување со нацрт-одлуки и донесување на нацрт-решенија по пет предмети. 

Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, за земјоделство, шумарство и водостопанство, Законодавно правната комисија и комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците и за финансирање и буџет.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми, во прво читање, заедно со Предлог - законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Македонска академска истражувачка мрежа, по скратена постапка во второ читање, се на дневниот ред на седницата на Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање. 

Скопје -  „Од Словенија до Северна Македонија: Синергија на образованието и бизнисот во Северна Македонија“ е насловена конференцијата што ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Амбасадата на Република Словенија со Друштвото на словенечки и македонски стопанственици и Македонската студентска организација во Словенија (МСОС).

Организаторите најавуват дека на отворањето на конференцијата ќе се обратат министерката за енеретика Сања Божиновса и словенечкиот амбасадор во државава Грегор Прескор, по што ќе биде презентира анкета спроведена од МОСС. 

Скопје - Во Европската куќа во Скопје денеска ќе се одржи Демо ден на првата Акцелераторска програма за импакт бизниси помеѓу Северна Македонија и Малта. 

На Демо денот, како што соопштија од Тимот на Бизнис Импакт Лаб, финалистите од програмата ќе ги презентираат своите иновативни концепти во областа на социјалното претприемништво, со можност да бидат избрани за дополнителна поддршка за развој на нивните бизниси. Присуството на интернационални експерти ќе придонесе за стручна евалуација и нови можности за соработка.

Битола - Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ претпаднево во Битола продолжува со прес конференција на која ќе учествуваат кинематограферите Пабло Лозано и Душан Хусар, и со панел „Од Трајбек до Манаки, зад сцената“.

Во битолското Кино „Манаки“ продолжува проекцијата на филмови во категорија „Кратка програма“, а прв ќе биде емитуван филмот „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска во кој кинематографер е Душан Кардалевски.

Скопје - Тркалезна маса на тема  „Дијабетес при срце  кај пациентите со дијабетес“ ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Сојузот на Здружение на Дијабетичари на Северна Македонија (СЗДСМ).

Претседателот на СЗДСМ претстави резултати од испитување за дијабетесот и компликациите кои го следат, со цел, се посочува во најавата,  да ги разбереме и подобро да се соочиме со предизвиците кои компликациите ги носат.

Скопје - Општина Карпош денеска и утре ќе ја реализира годинашната 18-та по ред меѓународна детска ликовна колонија „Свети Пантелејмон“. 

Учесници детската ликовна колонија се ученици од општина Карпош и ученици од збратимената општина Тиват.

Првиот ден ликовната колонија ќе се одржи во манастирот Свети Пантелејмон, на падините на Водно, а вториот ден во галеријата на Детскиот ликовен центар при Библиотеката „Другарче“ - Кинотека на Македонија.

Скопје - Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, ќе учествува на 13. Европска ноќ на литературата што ќе се одржи вечер во бугарскиот главен град, со презентација на книгата „Исти очи“ од македонскиот писател Горјан Петревски. Книгата на Петревски во Бугарија излезе од печат годинава, како издание на издавачката куќа „Изида“.

Скопје - Групата Синтезис, еден од најзначајните амбасадори на македонската музика, денеска ќе го одбележи својот 30-годишен јубилеј со спектакуларен концерт во Македонската Филхармонија. 

Со повеќе од 500 концерти одржани на сите континенти, Синтезис се докажа како најзначајниот извозен музички продукт од Македонија. Тие настапувале во некои од најпрестижните концертни сали и фестивали ширум светот, каде што ја презентирале македонската музичка култура и традиција. Нивната мисија е да ја зачуваат македонската традиционална музика, но и да ја облагородат со нови музички форми и елементи кои ја прават релевантна за денешната публика.

Скопје - Во Музејот на современата уметност во Скопје, Здружението Икуалити денеска преку настан ZEN Инклузивно soirée ќе ги прошири хоризонтите на скопската модна култура, промовирајќи високи вредности на општествена инклузија и отворено општество. 

Како што најавија организаторите, ZEN Инклузивно soirée има за цел да приреди уникатно искуство на 31 лице со попреченост преку креирање на адаптирана гардероба во која тие ќе продефилираат на модната ревија.

Кавадарци - Дела од ликовни уметници, членови на Здружението ,,Роднокрајци", беше отворена синоќа во Музеј галеријата во Кавадарци. Изложени се дела од десетмина уметници, помеѓу кои е и еден фотограф. 

Елизабета Ристова, кустос во музејот, рече дека ова е одбележување на извонредниот талент на овие уметници и прославување на богатата културна традиција, што нивните дела ја носат.

- Оваа изложба ни овозможува уникатна можност да ја истражиме разновидноста на уметничките изрази во нашиот регион, прикажувајќи широк спектар на стилови, техники и перспективи. Секое дело ја одразува личната визија на уметникот, но, заедно, тие создаваат колективен наратив за нашата заедничка идентичност, историја и пределите што не опкружуваат, подвлече Ристова.

Белград - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во говорот на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) ги обвини западните земји за кршење на нормите на ОН и кршење на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, дека Србија, и покрај глобалните предизвици, ги брани принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право и дека во овој момент „ нема правда за Србите на Косово“, јави дописниот на МИА од Белград.

-Кога големите лидери овде зборуваат страсно и запаливо за потребата од украинска слобода, за почитување на ОН и нејзината повелба, резолуциите, се прашувам зошто не ја почитуваат Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 кога станува збор за територијалниот интегритет на Србија, праша Вучиќ.

Вашингтон - Највисоките функционери на американската разузнавачка заедница го информирале републиканскиот кандидат и поранешен американски претседател Доналд Трамп за заканите за атентат од Иран, изјави денеска портпаролот на кампањата на Трамп.

-Претседателот Трамп претходно беше информиран од Канцеларијата на директорот на националното разузнавање за актуелните и конкретни закани за атентат од Иран во обид да ги дестабилизира САД и да предизвика хаос, рече портпаролот Стивен Чеунг, пренесе Ен-Би-Си Њуз (NBC News).

Вашингтон - Мажот осомничен за закана со пушка на теренот за голф на Доналд Трамп во Флорида е обвинет за обид за атентат врз политичкиот кандидат, објавија федералните обвинители.

Рајан Рут (58) веќе се соочува со две обвиненија поврзани со оружје откако властите соопштија дека тој вперил пушка низ оградата во голф-клубот на Трамп во Вест Палм Бич, Флорида, на 15 септември, додека републиканскиот претседателски кандидат играл голф таму. Нему му беше наредено да остане во затвор за да го чека судењето.

Вашингтон - Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави синоќа дека САД треба да се повлечат од војната во Украина и дека демократската потпретседателка Камала Харис и претседателот Џо Бајден немаат намера да го сторат тоа.

-Бајден и Камала не воведоа во војната во Украина и сега не можат да не извлечат. Не можат да не извлечат, рече Трамп во својот говор во државата Џорџија.

Ерусалим - Израел во вторникот го обвини генералниот секретар на ОН дека не прави ништо за да ги „спречи нападите на Хезболах“ на нејзина територија, откако Антонио Гутереш ја спореди израелската војна против Хамас во Газа со „непрекинат ноќен  кошмар“ кој се заканува да го однесе и Либан во хаос.

„Кошмарот за кој зборувате е реалност. Таа реалност е дека Хезболах го зеде Либан како заложник и дека ОН не го признаваат она што (Хезболах) го прави и повеќе не ги исполнуваат своите основни задачи: да ги спречат нападите на Хезболах и да бараат спроведување на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност“ со што е ставен крај на војната меѓу Израел и либанското шиитско движење во 2006 година, напиша израелскиот министер за одбрана Јоав Галант на X.

Тел Авив – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека неговата земја ќе продолжи со нападите врз Хезболах во Либан.

-Ќе продолжиме да го напаѓаме Хезболах. И му велам на либанскиот народ: нашата војна не е против вас, нашата војна е против Хезболах, рече Нетанјаху во видеото објавено од неговата канцеларија.

Министерот за одбрана Јоав Галант даде слични зборови претходно во говорот пред војниците: „Мораме да продолжиме додека не ја постигнеме нашата цел: да обезбедиме безбедно враќање на жителите на северен Израел во нивните домови“.

Вашингтон - Во неколку американски градови се одржаа протести против американската воена поддршка за Израел, а мировните активисти побараа ембарго за извоз на оружје во Израел, јавија денеска американските медиуми. 

Британските медиуми пренесуваат дека десетици демонстранти синоќа се собраа на плоштадот Хералд во Њујорк носејќи транспаренти на кои пишуваше „Рацете надвор од Либан сега“ и „Нема да имаме американско-израелска војна во Либан“.

Њујорк – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен синоќа изјави дека е неопходно да се запрат обидите на Иран, Северна Кореја и Кина да ја поддржат „руската воена машина“ за да се постигне мир во Украина.

- Има два непосредни и меѓусебно поврзани чекори кои мораме да ги преземеме. Прво, треба да одговориме на растечката соработка на Русија со Северна Кореја и Иран, изјави американскиот државен секретар на седницата на Советот за безбедност на ОН посветена на ситуацијата во Украина, пренесува Укринформ.

Бејрут - Министерот за надворешни работи на Либан Абдала Бу Хабиб изрази разочарување од изјавите на американскиот претседател Џо Бајден за ескалацијата на кризата меѓу Либан и Израел, но рече дека се надева оти Вашингтон сепак може да интервенира и да помогне.

„Не беше силно. Не е ветувачки и не би го решил овој проблем. Сè уште се надевам. Соединетите Американски Држави се единствената земја што навистина може да направи разлика на Блискиот Исток како и во поглед на Либан“, рече Хабиб, коментирајќи го прошталниот говор на Бајден во Обединетите нации.

Њујорк - Позицијата на Кина во однос на решението за конфликтот во Украина и натаму е веднаш да се воспостави прекин на огнот и да се седне на преговарачка маса, како и западните земји да се воздржат од санкции и економски притисок врз една од страните во конфликтот, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.

„Сите страни треба да му дадат приоритет на мирот и да бидат вистински посветени на промоција на мировните преговори“, рече шефот на кинеската дипломатија за време на состанокот на Советот за безбедност на ОН.

Њујорк - Украинската војска и покрај големите залихи оружје, вклучително и оружје со долг дострел, е на работ на целосен пораз, изјави синоќа постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации, Василиј Небезнја, на седницата на Советот за безбедност на ОН посветен на Украина. 

Небензја рече дека украинската војска е на работ на пораз и покрај значителното снабдување со оружје, вклучително и со долг дострел, и покрај странските платеници и директното учество на Западот во конфликтот во Украина со цел да и се нанесе стратешки пораз на Русија, јавија руските медиуми.

Брисел - Еден од клучните приоритети на унгарското претседателство со Советот на ЕУ е да водиме избалансирана и кредибилна политика на проширување заснована на заслуги и да му дадеме нов импулс на процесот на интеграција на земјите од Западниот Балкан, признавајќи дека Унијата не е целосна без нивното приклучување, порача министерот за европски прашања на Унгарија, Јанош Бока. 

Њујорк - Францускиот претседател Емануел Макрон го повика иранскиот претседател Масуд Пезешкијан да ги поддржи напорите насочени кон смирување на ситуацијата на Блискиот Исток и да влијае на актерите во кризните области.

„Претседателот на Републиката ја нагласи одговорноста на Иран во обезбедувањето поддршка за општа деескалација и користењето влијание за таа цел врз актерите кои дејствуваат како дестабилизирачки фактор за да се постигне примирје во Газа и да се запрат непријателските дејствија“, соопшти Елисејската палата.

Њујорк – Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази екстремен скептицизам во врска со преговорите со Русија за ставање крај на тековната војна меѓу двата соседа, јави ДПА.

Русија „врши меѓународно злосторство“, рече Зеленски пред Советот за безбедност на ОН во Њујорк.

- Затоа оваа војна не може едноставно да згасне. Затоа оваа војна не може да се смири со разговори. Потребна е акција, рече Зеленски.

Њујорк – Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан повика на нов политички поредок на Блискиот Исток во својот говор на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Пезешкијан рече дека присуството на странски сили во регионот „е привремено и води кон нестабилност“, и повика на поголема соработка меѓу соседните земји.

- Нашиот развој и напредок се меѓусебно поврзани, рече Пезешкијан, нагласувајќи дека Техеран „се труди да ја заштити сопствената безбедност, а не да создава несигурност за другите. „Ние сакаме мир за сите и не бараме војна или кавга со никого“, додаде тој.

Мадрид – Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти е првиот шеф на стручен штаб во историјата на Ла Лига кој има низа од 39 натпревари без пораз.

Реал синоќа го победи Алавес со 3:2 во натпреварот од 7. коло од шпанското првенство.

Кралскиот клуб ја продолжи серијата без пораз во Ла Лига на 39 натпревари по ред. Италијанецот го собори рекордот на Алберто Ормаечеа, под чие водство Сосиедад беше непоразен 38 меча по ред во периодот од 1979 до 1980 година.

Остани поврзан