• понеделник, 23 септември 2024
МИА Радио флеш

20 септември 2024

 - Интеграцијата во Европската Унија треба да биде процес во кој одлучувачки фактор ќе бидат постигнувањата, а не билатералните прашања, бидејќи ние повеќе не можеме да прифаќаме ултиматуми и за нас е неприфатлив принципот „тие се таму, а вие сте надвор“. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски од Брисел, каде вчера присуствуваше во работна посета, придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и за европски прашања Орхан Муртезани. Мицкоски заедно со лидерите на останатите пет земји од Западниот Балкан присуствуваше на работен ручек што го организираше претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, а имаше средби и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман. 

– Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започнува судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Судечкиот совет при Основниот кривичен суд Скопје месецов донесе одлука за спојување на постапките на обвинетите, откако Основното јавно обвинителство најпрво поднесе обвинение против четири лица, а потоа и за првоосомничениот Љупчо Палевски за кого се чекаше екстрадиција од Турција, за двојното грабнување и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. На 22.11.2023, обвинетиот заедно со уште тројца претходно обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

- Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, на покана на унгарскиот министер за ЕУ прашања Јанош Бока, денеска престојува во работна посета на Унгарија. На средбата во Будимпешта предвидено е да се разгледаат можностите за унапредување на процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, за време на актуелното претседавање на Унгарија со Советот на ЕУ, сопшти Министерството за европски прашања. Ќе се разговара и за билатералната соработка и нејзино продлабочување преку заеднички проекти, како и за Планот за раст и Реформската агенда и регионалните иницијативи.

- Во Министерството за здравство денеска во рамки на GGP Програмата на Амбасадата на Јапонија, за мали грантови за основни човекови потреби и човекова безбедност, ќе биде потпишан договор со Универзитетската клиника за детски болести за набавка на мобилен рентген апарат.Како што информираат од Министерството за здравство, на церемонијата на потпишување ќе се обратат министерот за здравство, Арбен Таравари, амбасадорот на Јапонија во во РС Македонија, Оцука Казуја, и директорот на УК за детски болести, Реџеп Мемеди. 

 - Под мотото „Не игнорирај! Препознај!“, Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања „Раст“ денеска по 11-ти пат ќе се придружи на глобалната иницијатива за одбележување на Светскиот ден за подигнување на свесноста за растот кај децата. На одбележувањето во Порта „Македонија“, како што е најавено, ќе се обратат министерот за здравство Арбен Таравари, директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски и специјалист ендокринолог од Детската клиника во Скопје. Според Здружението, во државата во моментов има околу 140-145 деца со нарушувања  на растот кои се  лекуваат со хормон за раст.  

 - Меѓународниот ден на ХМЛ (Хронична миелоична леукемија) и септември како месец посветен на подигнување на свесноста за ракот на крвта денеска ќе бидат одбележани во библиотеката „Другарче“. Според програмата, ќе се обратат министерот за здравство Арбен Таравар, Пепо Леви од Здружението на пациенти со ХМЛ, доктори од Универзитетската клиника за хематологија, претставници од Здружението за помош и поддршка на пациенти со хематолошки заболувања и нивни негуватели - ХЕМА - ОНКО. Септември како месец за подигнување на свеста за ракот на крвта е глобален настан посветен на подигнување на свеста за еден од најзастапените и животозагрозувачки видови на рак во светот - ракот на крвта (лимфом, миелом, леукемии, миелопролиферативни неоплазми, и др).

 - Во Охрид од денеска до 26 септември ќе се одржува 31. Балканска олимпијада по информатика (БОИ) што ја организира Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ). Балканската олимпијада е натпревар во програмирање за средношколци од регионот на југоисточна Европа. Годинава, на БОИ 2024 ќе има учесници од 15 земји - Северна Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Словенија, Молдавија, Романија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора, Италија, Украина и Саудиска Арабија. Според проф. д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ, БОИ 2024 е натпревар меѓу новите генерации информатичари, но истовремено и платформа во чии рамки младите умови се здружуваат, се запознаваат со различни култури, се дружат, се вмрежуваат и разменуваат искуства од сферата на информатиката и иновациите.

 - Министерството за јавна администрација денеска во Куманово организира јавна дискусија на тема „Идни заложби за добро управување и поефикасна јавна администрација” како дел од кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација”. Ова е втора јавна дискусија за предлог-законите со учество на општинската администрација организирана од Министерството со поддршка на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС). -На настанот ќе се адресираат клучните предизвици во различни сфери од работата на администрацијата и институциите од јавниот сектор, но ќе се дискутира и за последните предложени законски решенија во областа кои повторно ги отвораме за јавноста во насока на поквалитетни решенија за уредување на работата на јавната администрација, велат од ресорното Министерство.

- На покана на новоименуваниот амбасадор на Република Франција, негова екселенција Кристоф Ле Риголер, министерот за спорт Борко Ристовски беше гостин на настанот организиран од француската амбасада во Скопје, посветен на спортот и неодамна завршените Олимписки и Параолимписки игри во Париз, како дел од меѓународната кампања насловена „Make it Iconic“. На настанот на кој се славеше спортот и спортските достигнувања, министерот Ристовски оствари и протоколарна средба со амбасадорот Ле Риголер. -На средбата разговаравме за актуелните состојби во спортот. Амбасадорот Ле Риголер изрази безрезервна поддршка за враќање на довербата во институциите преку бескомпромисна борба против корупцијата во спортот и враќање на вистинските спортски вредности, напорна спортска работа и успех на меѓународна сцена, истакна Ристовски.

- Во навечерието на празникот Рождество на Пресвета Богородица, во Скопје денеска ќе биде донесена икона на Пресвета Богородица -„Троеручица“ од светогорскиот манастир Хиландар. Свечениот пречек на иконата ќе биде во 17:00 часот пред храмот „Рождество на Пресвета Богородица“. Потоа ќе следи празнична Вечерна богослужба, по што ќе се изврши литија со иконата низ центарот на Скопје, информираат од Канцеларијата на Скопска епархија на МПЦ-ОА. В сабота, на 21 септември ќе се отслужи света архијерејска Литургија, на која ќе началствува Неговото блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на архијереи и свештенослужители на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија и гости.

- Иако во Брисел знаат која страна го попречува напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина, тоа никој нема јавно да го каже. Европската унија и Американците се согласуваат со нас за ова, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ за бриселскиот портал Политико. Во текстот се наведува дека Вучиќ неодамна повикал на повторно одржување избори во четири општини на северот во Косово со мнозинско српско население. Претседателот на Србија посочи дека нема никаков интерес да „го разгори огнот“. „Не сакам да учествувам во кампања против Курти ниту против кого било“, тврди Вучиќ.

- Специјалнито пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, наведе дека изминатите две недели биле „вртлог од дипломатски напори“ насочени кон напредок во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина и дека примарен фокус на изминатите 14 дена бил дијалог. На Фејсбук, Лајчак, сумирајќи ги последните две недели, објави дека, иако немало договор за агендата на трилатералната средба на последната рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина во вторникот во Брисел, се разговарало за политички и технички прашања и дека „ беа презентирани важни чекори кои ќе ја водат „следната дискусија“. „Во вторникот ги повикав и Косово и Србија во Брисел на одделни состаноци. Иако не успеавме да се договориме за агендата на трилатералниот состанок, разговаравме за политички и технички прашања и наведовме важни чекори кои ќе ја водат нашата следна дискусија“, напиша Лајчак.

 - „Делта ерлајнс“ соопшти дека ги прекинува директните летови меѓу Њујорк и Тел Авив до крајот на годината поради зголемените тензии на Блискиот Исток. Американската авиокомпанија се придружува на мноштвото други авиокомпании кои ги откажаа или суспендираа летовите во последните денови до градовите во регионот, вклучувајќи ги Бејрут и Техеран, бидејќи борбите меѓу Израел и Хезболах се интензивираа долж северната граница на Израел со Либан. -Летовите на Делта меѓу Њујорк-ЏФК и Тел Авив ќе бидат прекинати до 31 декември, поради тековниот конфликт во регионот, се вели во соопштението на авиокомпанијата.

– Европската комисија ќе и додели дополнителна поддршка на Украина вредна околу 160 милиони евра, што ќе и помогне земјата да покрие над 25 отсто од своите потреби за електрична енергија, најави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која рано изутринава допатува во посета на Киев. Како што јави известувачот кој во име на Европската новинска редакција (ЕНР), чиј член е и МИА, ја следи посетата на Фон дер Лајен на Киев, претседателката на ЕК нагласи дека руските немилосрдни напади врз цивилната енергетска инфраструктура на Украина имаат за цел да нанесат максимална штета на две недели пред почетокот на грејната сезона.  - Затоа оваа моја осма посета на Киев доаѓа во клучно време. Ќе и помогнеме на Украина во нејзините храбри напори да ги надмине овие проблеми, порача Фон дер Лајен. Таа потенцира дека најавената помош од 160 милиони евра е во рамки на новиот План за зимска подготвеност, што го подготви ЕК и кој ќе му го претстави на украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на нивната денешна средба. 

- Во заеднички договор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Советот на ЕУ ја утврди листата на кандидати кои ги предлага за именување за членови на ЕК со мандат до 31 октомври 2029 година. Како што соопшти доцна синоќа Советот на ЕУ, вака утврдената листа ќе биде проследена до Европскиот парламент на понатамошна процедура на одобрување на кандидатите и ќе биде објавена во Службениот весник на Европската Унија. Листата на кандидати кои Советот ги предлага за членови на Европскаата комисија е следнава:  Магнус Брунер (Австрија), Марија Луиш Касанова Моргадо Диаш де Албукерке (Португалија), Валдис Домбровскис (Летонија), Рафаеле Фито (Италија), Кристоф Хансен (Луксембург), Вопке Бастијан Хукстра (Холандија), Дан Јоргенсен (Данска), Константинос Кадис (Кипар), Марта Кос (Словенија), Андриус Кубилиус (Литванија), Хаџа Лабиб (Белгија), Мајкл Мекграт (Ирска), Глен Микалеф (Малта), Роксана Манзату (Романија), Тереза Рибера Родригез (Шпанија), Јесика Росвол (Шведска), Марош Шефчович (Словачка), Стефан Сежурне (Франција), Пјотр Аркадиуш Серафин (Полска), Јозеф Сикела (Чешка), Екатерина Спасова Гечева-Захариева (Бугарија), Дубравка Шуица (Хрватска), Апостолос Ѕиѕикостас (Грција), Оливер Вархеји (Унгарија), Хена Марија Виркунен (Финска) и дополнително Каја Калас (Естонија), назначена за висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност на 24 јули 2024 година од страна на Европскиот совет, со согласност на новоизбраната претседателка на Комисијата.

- Околу 40.000 руски војници се пренасочени од украинскиот фронт во правец на Курск, изјави синоќа претседателот на Украина, Володимир Зеленски. - Веќе успеавме да пренасочиме околу 40.000 руски воен персонал во таа насока. Им благодарам на сите наши борбени бригади, на секој војник, наредник, на секој командант за нивната храброст, рече тој. Според него, украинските сили го намалиле потенцијалот на руските војници да извршат напади во регионот на Доњецк, но тој посочи дека ситуацијата се уште е тешка во близина на градовите Покровск и Курахов

 - Израелски борбени авиони синоќа бомбардираа цели на Хезболах во јужен Либан и погодија стотици ракетни фрлачи што беа подготвени за напади врз израелска територија.  Војската соопшти дека нејзините борбени авиони од синоќа погодиле околу 100 ракетни фрлачи способни да истрелаат вкупно околу 1.000 проектили. „ИДФ (Израелските одбранбени сили) ќе продолжат да дејствуваат за ограничување на инфраструктурата и можностите на терористичката организација Хезболах со цел да се заштити државата Израел“, се вели во соопштението на вооружените сили. Во меѓувреме, Белата куќа соопшти дека е итно потребно дипломатско решение, а Британија повика на итен прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах.

 - Судијата на бразилскиот Врховен суд Алисандри де Мораис нареди на социјалната мрежа „X“ повторно да го блокира пристапот до нејзината платформа за корисници од Бразил, под закана од дневна казна од околу 820.000 евра. Некои од 22-те милиони бразилски корисници на платформата вчера беа изненадени кога повторно можеа да пристапат до неа преку своите мобилни телефони. На 30 август, судијата Де Мораис нареди блокирање на социјалната мрежа во сопственост на Илон Маск поради непочитување на низа судски одлуки поврзани со борбата против дезинформациите. Во својата одлука, судијата изјави дека компанијата „Х“ не покажала склоност да соработува и покажала „намера да не ги почитува судските наредби“.

-  Американските власти повеќе не веруваат дека договорот за прекин на огнот во Газа меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас може да се очекува пред крајот на мандатот на претседателот Џо Бајден во јануари, објави Волстрит журнал. Весникот цитира високи функционери од Белата куќа, Стејт департментот и Пентагон без да ги именува. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пред две недели изјави дека договорот за прекин на огнот е 90% договорен, а потпретседателката Камала Харис постојано изјави дека Вашингтон работи „деноноќно“ за да се постигне договор. САД и посредниците Катар и Египет со месеци се обидуваат да постигнат договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, но не успеаја да постигнат конечен договор. На 31 мај, Бајден објави предлог во три фази за прекин на огнот, за кој рече дека Израел се согласил во тоа време. Договорот наиде на блокади на патиштата и со недели официјалните лица рекоа дека наскоро ќе биде претставена нова понуда. 

- Новоизбраниот француски премиер Мишел Барние синоќа имаше средба со претседателот Емануел Макрон и го претстави предлогот за состав на новата влада. Барние предложи назначување на секретарот за европски прашања Жан-Ноел Баро на позицијата министер за надворешни работи и нов мандат за Себастиен Лекорну на чело на Министерството за одбрана. За да може Барние да формира влада, потребно е Макрон јавно да ги потврди предлозите на премиерот. Поранешниот премиер Габриел Атал објави дека Барние планира да формира влада со 38 министри и дека Барние не планира да ги зголеми даноците за средната класа и работниците граѓани.

- Претседателката на американската Федерална комисија за комуникации (FCC) го отфрли повикот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за одземање на лиценците на Еј-Би-Си во сопственост на Волт Дизни поради начинот на кој се водеше претседателската кампања на 10 септември. -Првиот амандман е камен-темелник на нашата демократија. Комисијата не ги одзема лиценците на радио и телевизиските станици само затоа што политички кандидат не се согласува или не му се допаѓа содржината или известувањето, нагласи синоќа претседателката на FCC, Џесика Розенверсел. ФКК е независна федерална агенција и е одговорна за издавање лиценци за радио и телевизиски станици во САД, што се обновуваат на секои осум години.

- Досега непознато дело на Волфганг Амадеус Моцарт, за коешто се претпоставува дека настанало кога тој бил тинејџер, е откриено во библиотека во германскиот град Лајпциг. Истражувачите го откриле овој ракопис во Градската музичка библиотека додека го составувале најновото издание на каталогот „Кохел“ - комплетната листа на музичките дела на познатиот композитор. Ракописот се состои од темно-кафеаво мастило на рачно изработена бела хартија, а листовите се поединечно врзани. Делото датира од 1760-тите, се состои од седум минијатурни ставови за гудачко трио и трае околу 12 минути, соопштија Општинските библиотеки во Лајпциг. Делото во каталогот се спомнува како „Многу мала ноќна музика“ (Ganz kleine Nachtmusik).  Како што наведува, новооткриениот ракопис не е на самиот Моцарт, туку се работи за препис направен околу 1780 година. Нептпишаниот запис „е сочуван во еден примерок, во којшто атрибуцијата на авторот посочува дека делото е напишано пред првото патување на Моцарт во Италија“, се вели во описот.

Остани поврзан