• сабота, 23 ноември 2024
МИА Радио флеш

28 октомври 2024

Скопје - Буџетот за 2025 година ќе биде развоен, но нема да биде занемарена и социјалната компоненета. Капиталните расходи ќе бидат проектирани на ниво над 44 милијарди денари, а проекциите за буџетски дефицит и раст на БДП се поставени со Фискалната стратегија, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Според неа, станува збор за развоен буџет, затоа што иднината на држвата е во таа насока, односно  со поголем развој ќе има подобар живот за сите.

-Социјалата не може да се исклучи комплетно. Предвидена е поголема контрола, но ако сакате да ја намлите треба да преземете нешто. Затоа планирани се мерки за преквалификација на примателите на социјална помош, со цел да почнат со работа.Исто така поголем фокус ќе се стави на дигитализација на процесите во Министерството за социјална политика, демографија и млади, вели таа.

Скопје - Народната банка успешно се справи со шоковите во изминатите години, намалувајќи ја инфлацијата, додека силната регулативна рамка и кредибилноста на централната банка придонесоа за задржување на финансиската стабилност. Ова беше посочено на средбата на заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со македонската делегација во чиј состав се гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Емилија Нацевска.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека мерките што ги презеде Народната банка, заедно со намалувањето на цените на примарните производи на светските берзи, придонесоа за намалување на инфлацијата од 19,8 отсто во октомври 2022 година на 2,6 отсто во септември. Се очекува дека просечната стапка на инфлација во 2024 година ќе биде блиску до проекциите на Народната банка од 3,5%. Ова е слична слика со последните прогнози на ММФ, коишто покажуваат просечна инфлација во 2024 година од 3,3%.

Охрид – Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид го распиша годинешниот конкурс за најдобра поема што традиционално се објавува во знак на сеќавање на ликот и делото на големиот охридски поет и преродбеник.

Според пропозициите на конкурсот, пријавувањето на авторски трудови ќе трае заклучно со 26 ноември, со досега необјавени поеми на слободно избрана тема.

-Тематската содржина на поемата со која што се конкурира е од слободен карактер, поемата не смее да биде помала од 912 стихови и секој педесетти стих треба да е нумериран. Делото треба да е напишано со големина на фонт минимум 11 (единаесет), испечатено еднострано на А4 формат во 4 (четири) еднакви шифрирани примероци. На конкурсот еден автор може да пријави само едно дело, коавторски дела се неприфатливи. Конкурсот е анонимен, а за најдобрата поема предвидена е и парична награда, се наведува во објавениот конкурс.

Софија - Кандидатите на ГЕРБ-СДС на Бојко Борисов добија најголем број гласови од бугарските граѓани што гласаа во Северна Македонија на вчерашните избори – вкупно 109 гласа, јави БТА.

Втора е коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) со 53 гласа, додека проруската „Преродба“ е на третото место со 48 гласа. Останатите гласови се распределени помеѓу „Има таков народ“ (24 гласа), ДПС – Нов почеток (7 гласа), БСП (8 гласа), Алијанс за права и слободи (5 гласа) и МЕЧ (3 гласа). Овие податоци се објавени на веб-страницата на Централната изборна комисија на Бугарија (ЦИК).

Софија - Во 51-от состав на Народно собрание на Бугарија ќе има рекорден број од девет партии, покажуваат резултатите по обработени 98 отсто од гласачките ливчиња.

Партијата ГЕРБ-СДС води со 26.46 отсто од гласовите, додека втора е проевропската либерална коалиција ПП-ДБ со 14.38 отсто. Резултатите покажуваат дека коалиција меѓу двете водечки партии нема да биде доволна за формирање влада, поради што лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, ќе мора да бара поддршка од најмалку уште три формации за стабилна влада, наведува Еуроактив.

На третото место се наоѓа радикалната проруска партија „Преродба“ со 13.65 отсто поддршка. Партијата ДПС-Нов почеток, предводена од Делјан Пеевски, освои 11.18 отсто, додека Алијансата за права и слободи (АПС) на Ахмед Доган има 7.29 отсто. Во парламентот влезе и Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 7.62 отсто.

Тбилиси - Грузискиот премиер Иракли Кобахиѕе изјави дека владејачката партија освоила рекордни 1,2 милиони гласови на изборите одржани за време на викендот, истакнувајќи дека граѓаните се определиле за „мир и европска иднина.“

- Грузискиот народ направи избор кој нема алтернатива. Тие избраа мир и развој на земјата, како и нејзина светла, европска иднина, рече Кобахиѕе на прес-конференција.

Тој додаде дека првата седница на парламентот ќе се одржи нормално и ќе биде формирана влада, и покрај тоа што опозицијата одбива да ги признае резултатите.

Брисел - Европската Унија ја повикува Централната изборна комисија на Грузија и другите релевантни органи да ја исполнат својата должност за брзо, транспарентно и независно испитување на наводите за изборни нерегуларности, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во врска со парламентарните избори во земјата одржани во саботата. 

- Тие неправилности мора да се разјаснат и решат. Тоа е неопходен чекор за повторно градење на довербата во изборниот процес, наведува Борел во изјавата упатена во името на ЕУ. 

Според Борел, ЕУ до внимание ги следи случувањата кои доведоа до парламентарните избори во Грузија и приврзаноста на грузискиот народ кон демократските вредности и европскиот пат на нивната земја покажани во текот на изминатите месеци. 

Вашингтон - Хакери поврзани со кинеската држава дошле до аудио снимки од телефонски разговори на американски политичари, вклучително и советник од штабот на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, објави „Вашингтон пост“.

ФБИ и американската Агенција за кибер безбедност и безбедност на инфраструктурата во петокот соопштија дека истражуваат неовластен пристап до комерцијалната телекомуникациска инфраструктура од поединци поврзани со Кина.

„Вашингтон пост“ пишува дека хакерите успеале да добијат пристап до нешифрирани комуникации, како што се СМС пораките.

Газа - Управата за цивилна одбрана во Газа објави дека најмалку 1.000 Палестинци се убиени во нападите извршени од израелската армија во северниот дел на Појасот Газа во последните три недели.

Портпаролот на Управата за цивилна одбрана, Махмуд Басал, изјави дека најмалку 1.000 луѓе биле убиени во нападите извршени од израелската армија во северниот дел на Газа за околу три недели.

Басал изјави дека најмалку 100.000 луѓе биле подложени на блокади и напади во Џабалија, Беит Ханун и Беит Лахија, а уште 100.000 луѓе биле раселени во градот Газа.

Њујорк - Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања соопшти дека целото население на северниот дел на Појасот Газа е во опасност од смрт.

- Стотици Палестинци, наводно, се убиени. Десетици илјади се принудени повторно да избегаат. Болниците се погодени, а здравствените работници се уапсени. Засолништата се испразнети и изгорени. Амбулантите се спречени да ги извлечат луѓето од под урнатините. Семејствата се раздвоени, а мажи и момчиња однесени со камиони“, рече вршителката на должност генерален секретар на ОН за хуманитарни прашања и координатор за итни случаи Џој Мсуја.

Таа, исто така, нагласи дека не смее да им се дозволи на израелските сили да продолжат да дејствуваат во опколената Газа.

Токио – Премиерот на Јапонија, Шигеру Ишиба изјави дека „негодувањето“ и „лутината“ на гласачите довеле до тоа неговата Либерално-демократска партија (ЛДП) да не освои апсолутно мнозинство на изборите.

Но, Ишиба истакна дека нема да поднесе оставка и најави „фундаментални реформи“ во партијата, која е погодена од голем финансиски скандал.

Ишиба ја предводи јапонската Влада од почетокот на месецот, а распиша предвремени избори надевајќи се дека ќе ја зајакне власта и својата положба во ЛДП. 

Остани поврзан