• недела, 25 август 2024
МИА Радио флеш

26 јули 2024

- Поради индиции за злоупотреби и создавање еден центар на моќ во обвинителството и судството, полицијата влезе во Академијата за судии и јавни обвинители, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при 
посетата на Битола.

Тој нагласи дека Владата континуирано ќе продолжи да се бори против криминалците во правосудниот систем и оти, според него, правда мора секој да добие.- Има индиции за создавање еден центар на моќ во обвинителството и судството, кој што е партиски октроиран, преку наместени огласи, избори и слично. Такви индиции има, дали тоа ќе се потврди ќе каже МВР. Но, доколку се потврди од тоа што јас го имам на располагање, тоа е уште еден чекор дека навистина имаме партиски опструирано и заробено и обвинителство и судство и не ме чуди што довербата е само два проценти, рече Мицкоски.

- Од 120 годишни планови за вработување кои институции од јавниот сектор  ги пратиле во Министерството за јавна администрација за одобрување, само пет добиле позитивно мислење од МЈА, а останатите 115 им биле вратени на доработка, најчесто заради погрешно впишан процент на етничка задница т.е. неусогласеност со новиот начин на пресметка на Балансерот.

Министерот Горан Минчев денеска на прес-конференција ги повика институциите од јавниот сектор во плановите за вработување да впишуваат процент на етнички заедници согласно измената на пресметката на дигиталната алатка Балансер. Ги потсети дека при пресметувањето на процентите предвид се зема само бројот на резидентно население, а не и нерезидентното население од пописот во 2021.

- На последната седница на Владата помина информацијата за компресорската станица во Клинички центар, обврската за набавка ќе ја преземе Министерството за здравство. Се надевам дека што поскоро ќе започне процедурата, ќе се средат сите проблеми што ги имаме со хируршките сали на Хирургија коишто ни се наследени, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари по увидот во градежните активности за изградба на нов здравствен дом во општина Илинден..

-Ќе одиме преку јавна набавка да биде што потранспарентно и бараме рокови што поскоро да завршат. Ќе ставиме можеби услов тоа да заврши за три до четири месеци максимум, рече Таравари, одговарајќи на новинарско прашање.

- Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека многу скоро ќе биде назначено ново раководство на ЕСМ и на РЕК Битола. Во изјава за медиумите дадена при денешната посета на Битола, Мицкоски рече дека лично е фокусиран во изборот на кадри за овие две институции.

- Лично сум фокусирам во изборот на кадри во РЕК Битола бидејќи го знам комбинатот и го знам поранешно ЕЛЕМ, денешно ЕСМ, така што многу скоро од денеска ќе имаме ново раководство во рамки на ЕСМ и во рамки на РЕК Битола, рече Мицкоски. 

- Даночна пријава за Данок на додадена вредност (ДДВ) навреме поднеле 95 проценти од даночните обврзници, додека 5,1 проценти, односно 1983 даночни обврзници, не поднеле ДДВ-04 до истекот на рокот, вчера во 23.59 часот.

Управата за јавни приходи (УЈП) апелира сите што задоцниле да ја исполнат обврската, да ја поднесат даночната пријава. Соопшти дека за 9 проценти има повеќе навремено поднесените даночни пријави во овој, втор квартал од годината, во однос на претходниот квартал. 

- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска остварил средба со амбасадорот на Косово, Флоријан Ќехаја, во чии рамки биле потврдени пријателските односи меѓу двете земји и реафимирани заедничките заложби за интензивирање на билатералната соработка, пред сѐ на економски план.

На средбата, како што соопшти МНР, станало збор за актуелните состојби во двете земји и во регионот како целина. Воедно, била истакната потребата за забрзување на евроинтегративните процеси на земјите од Западниот Балкан, како клучен фактор во одржувањето на регионалната стабилност.

- Делегација на Собранието, предводена од потпретседателот Антонијо Милошоски, придружуван од пратениците Сергеј Попов, Митко Трајчулески, Дијана Тоска, Даниела Белимова и Амар Мециновиќ, по повод 61-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, положи цвеќе на Градските гробишта Бутел.

Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200 000 луѓе остана без покрив над главата.

- Основниот кривичен суд Скопје го одложи започнувањето на предметот поврзан со двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Како што денеска информираа од Кривичниот суд, одлагањето на расправата, што беше закажана за 30 јули, е по барање на Основното јавно обвинителство Скопје кое вчера информираше дека ќе предложи спојување на постапката во која првично беа обвинети Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, со постапката против првоосомничениот Љупчо Палевски за кого истрагата заврши вчера.

 - Преку партнерски однос ќе создаваме стратегии и методи за олеснување на легитимните потреби на компаниите, но и заеднички ќе преземаме мерки за превенција, санкционирање и неселективна борба против корупцијата во сите редови, порачаа на денешната средба претставниците од Царинската управа и од Македонската асоцијација на мегународни шпедитери и логистички оператори (МИФА).

Според нив, како што се наведува во соопштението на Царинската управа, соработката со деловната заедница е клучен фактор за градење доверба и подобрување на конкурентноста на економијата.

Претставниците од Царинската управа беа предводени од директорот Бобан Николовски, а претставниците на МИФА од претседателот на Асоцијацијата Џино Шкријељ.

- Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска оствари работна средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Ренo Басо, на која заедно со тимовите на Народната банка и на ЕБОР го истакнаа значењето на долгогодишната успешна соработка и партнерство помеѓу двете институции. На средбата, како што соопшти Народната банка, беше разговарано за повеќе актуелни прашања, при што тимот на Народната банка ги претстави согледувањата за макроекономските остварувања, економските движења, инфлациските и девизните состојби и состојбите во банкарскиот сектор.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска оцени дека инфлацијата во домашната економија е значително намалена, девизните резерви се зголемени и на солидно ниво, а финансиската стабилност е зајакната. Според неа, насоката на монетарната политика во наредниот период ќе зависи од динамиката на инфлацијата и забавувањето на инфлациските притисоци на потрајна основа, како и од состојбите на девизниот пазар.

- Комисијата за финансирање и буџет денеска ја продолжи седницата за ребалансот на Буџетот со два часа задоцнување. Претседателката на Комисијата Сања Лукаревска пред почетокот на седницата се извини за доцнењето, образложувајќи дека причина за тоа била потребата од запазување на процедурите.

Прва за збор во рамки на денешната расправа е пратеничката од СДСМ Јованка Тренчевска која во однос на ребалансот укажа дека загрижува продлабочувањето на буџетскиот дефицит. Таа во овој контекст цитираше економски експерти според кои „државата се носи кон должничко ропство“.

- Скопје стои како симбол на издржливост и солидарност, со сеќавање на трагичниот настан што ја промени неговата историја. 61 година подоцна, градот продолжува со живот, притоа зачувувајќи го споменот за оние кои ги загубија своите животи и за храброста на сите кои помогнаа во неговата обнова, напиша денеска премиерот Христијан Мицкоски на „Фејсбук“.

Скопје, како што наведува, беше погоден од катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година, кој остави трајни последици врз градот и нашите жители.

- Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, останува на ставот да се разговара за барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра.

Во одговор на новинарско прашање пред денешната посета на занаетчиските дуќани во Старата Скопска Чаршија, министерот рече дека ќе разговараат со сите засегнати страни.

- Во Министерството за одбрана министерот Владо Мисајловски денеска оствари средба со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер и новопоставеното одбранбено аташе полковник Бенсад Шиниковиќ, информираат од Министерството за одбрана. 

На средбата министерот Мисајловски изразил оромна благодарност до соговорниците и нивната држава, која, како што рекол, повторно, несебично и во најбрзо време одговорила на нашиот повик за помош за справување со пожарите.

- Советот на ЕУ денеска донесе одлука за продолжување на мандатот на специјалниот претставник на Унијата за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања на Западниот Балкан, Мирослав Лајчак до 31 јануари 2025 година. 

Словачкиот дипломат на оваа должност првпат беше назначен на 2 април 2020 година, а неговиот мандат требаше да истече во септември и да ја преземе должноста амбасадор на ЕУ во Швајцарија. 

- Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека францускиот претседател Емануел Макрон ќе ја посети Србија во следните 50 дена.
„Денеска ќе имам кратка средба со Макрон и ја очекувам неговата посета во следните 50 дена и верувам дека можеме да обезбедиме важни договори“, најави Вучиќ од Париз каде што престојува на отворањето на Олимписките игри.

- Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на состанокот во Њу Делхи, Индија, ги усовил одлуките за албанските центри за светско наследство, Бутринти, Берат и Ѓирокастро, но ја одложил одлуката за албанско-македонското прекугранично подрачје на Охридското Езеро за следната година, објавија албанските медиуми.

Во одлуката за Бутринти, УНЕСКО бара од албанските власти до први февруари 2025 година да достават карта на имотните граници за Бутринти, кои пред две години беа променети од албанската влада, без знаење и одобрение на УНЕСКО а од паркот Бутринти беа отпишани 800 хектари.

- Во Клиничкиот болнички центар (КБЦ) Загреб со роботскиот хируршки систем Да Винчи за девет дена направени се 16 операции.

Системот Да Винчи вреден 4,3 милиони евра, ќе се користи во областа на урологијата, гинекологијата, главата и вратот, абдоминалната и торакалната хирургија.

- Околу 50 луѓе се повредени откако комбе во кое се превезувале имигранти се преврте на магистралниот пат Пирот - Ниш кај наплатната рампа Бела Паланка, јавија белградските медиуми.

Потешко повредените се транспортираат во нишкиот клинички центар, а полесно повредените во Општата болница Пирот.

-  Вршителката на должноста генерален директор на Јавната телевизија на Косово (РТК), Зана Спахиу, поднесе оставка, што ќе стапи на сила на 30 јули, пренесе Бета.
Спахиу поднесе оставка неколку дена откако РТК и РТК Лајв пренесоа дел од текст на босанскиот портал „Слободна Босна“ во кој се наведува дека одредени медиуми во балканскиот регион се финансирани од режимот во Белград.

Во написот се споменуваат и два косовски портала „Национале“ и „Перископ“.

- Европската централна банка го заврши тестирањето за кибер отпорност, во кое се испитуваше способноста на 109 банки да одговорат и да закрепнат од сериозен и можен инцидент поврзан со кибер безбедноста.

Стрес-тестирањето започна во јануари 2024 година и вклучуваше фиктивно сценарио во кое сите превентивни мерки не успеаја и кибер напад силно влијае на базите на податоци на основните системи на сите банки. Затоа, тестирањето не ја испитуваше способноста на банките да спречат кибер напад, туку нивната способност да одговорат на кибер напад и да се опорават од него.

- Пентагон утврди дека се направени грешки во износ од две милијарди долари во пресметката за муниција, проектили и друга опрема испратена во Украина, што овозможило да се пронајдат дополнителни две милијарди долари за оружје за Украина.

Како што покажа извештајот на владината сметководствена канцеларија, американското Министерство за одбрана се соочува со тешкотии во прецизната проценка на вредноста на воениот материјал испратен во Украина, поради нејасните дефиниции во пресметката.

- Очекуваната просечна должина на работниот век на работниците во ЕУ во 2023 година беше проценета на 36,9 години, но таа во голема мера варира од земја до земја членка на Унијата, соопшти денеска Европската статистичка служба – Евростат. 

Најдолг работен век лани е проценет за работниците во Холандија од 43,7 години, пред оние во Шведска со 43,1 и Данска со 41,3 години. Од друга стана, најкраток работен век е предвиден во Романија од 32,2 години, пред Италија со 32,9 и Хрватска со 34 години. 

- Водите и нивното складирање стануваат се погорливо прашање во државите од југот на Европа во услови за зголемување на сушните периоди и растот на температурите, пред се во текот на летото, поради што веќе се најавуваат и протести поврзани со водоснабдувањето на земјоделците.   

Во Стратешка агенда на Советот на ЕУ за периодот 2024-2029 година се наведува дека во услови на недостиг на вода, зголемени суши и нередовни врнежи, потребно е зајакнување на отпорноста на водите и инвестирање во поголема прекугранична водна инфраструктура. 

- Аеродромот Базел-Милхаус денеска е евакуиран поради безбедносни причини.

Одлуката е донесена неколку часа откако подметнати пожари ја прекинаа француската железничка мрежа пред церемонијата на отворањето на Олимписките Игри.

- Европската комисија објави дека ЕУ за првпат денеска насочува средства за помош на Киев од профит од запленет руски државен имот под европските санкции против Москва поради војната во Украина.

Со тој потег, Украина ќе ја добие првата исплата од 1,5 милијарди евра.

- Советот на ЕУ денеска донесе одлука за продолжување на мандатот на Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, до 31 јануари 2025 година.

Советот на ЕУ усвои серија одлуки за продолжување на постојните мандати на тројца специјални претставници на ЕУ, меѓу кои и Лајчак, како и назначување на четворица нови специјални претставници на ЕУ, меѓу кои има и претставници на ЕУ во Приштина и Босна и Херцеговина.

- Железничкиот оператор „Евростар“ денеска ги советуваше клиентите да ги одложат патувањата доколку е можно, откако железничките линии меѓу Лондон и Париз беа оштетени од вандализам во Франција.

Претходно, компанијата соопшти дека „координираните злонамерни дејствија во Франција“ прекинаа дел од железничкиот сообраќај, а возовите од и до Париз мораа да користат побавни рути.

- Советот на ЕУ денеска одлучи на својата Листа на лица, групи и субјекти кон кои се воведени рестриктивни мерки во рамки на борбата против тероризмот, да ја додаде екстремната десничарска организација База, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Станува збор за неонацистичка паравоена група на десничарски екстремисти осомничени за инволвираност во терористички активности. Групата, чие седиште е во САД, е формирана во 2018 година од страна на Риналдо Назаро. Таа дејствува во САД, Канада, Австралија, Јужна Африка и неколку европски држава. Базата е прогласена за терористичка организација од страна на Австралија, Велика Британија, Канада и Нов Зеланд. 

- Поранешниот заменик министер за одбрана на Русија, генерал Дмитриј Булгаков, е уапсен под сомнение за корупција, изјави Светлана Петренко, претставник на Истражниот комитет.

„Главниот истражен оддел на Истражниот комитет на Русија го истражува кривичното дело за корупција, во кое е вклучен Дмитриј Булгаков, кој беше заменик-министер за одбрана од 2008 до 2022 година“.

Остани поврзан