• среда, 25 септември 2024
МИА Радио флеш

24 септември 2024

Скопје – Мислам дека немаме отворени прашања на тоа ниво со Албанија и тоа се вештачки теми, изјави премиерот Христијан Мицкоски прашан за коментар за изјава во однос на албанскиот јазик од претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали, која вчера престојуваше во земјава.

На новинарско прашање како ја коментира изјавата на Спиропали дека „ако се загрозува албанскиот јазик, се загрозува и идентитетот на Албанците во Македонија“. Мицкоски рече дека не знае за таа изјава, но дека лично го почитува албанскиот јазик, дека тој во државава не е загрозен, туку е и надграден. 

-Тамам работа. Ние не сме како одделни земји членки коишто сакаат да го загрозуваат идентитетот на другите народи. Ние немаме таква намера. Напротив, го почитуваме тој идентитет и посебноста на албанскиот јазик, македонскиот јазик и сите останати јазици кои ги користат граѓаните во Македонија. Јас лично ги почитувам. На прославата на 2 Август оваа година на Мечкин Камен, Манифестот беше прочитан и на албански јазик, не само на македонски јазик, така што ние не зборуваме, ние со дело покажуваме. Има политичари кои зборуваат, а ништо не прават, јас сум од оние политичари кои покажуваат со дела и апсолутно го почитувам албанскиот јазик. Секоја година го честитам Денот на албанската азбука – 22 Ноември. Градоначалникот на Битола, кој е од ВМРО-ДПМНЕ, вчера и посака добредојде во Битола на претседателката на албанскиот Парламент токму во една таква институција која е значајна за албанскиот јазик. Така што, не само што не е загрозен, туку и е надграден... Мислам дека немаме отворени прашања на тоа ниво со Албанија и тоа се вештачки теми кои завршуваат како што беше и мојот одговор, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставување камен-темелник за изградба на спортска сала во ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населбата Хром.

Скопје - Владата на Република Северна Македонија ќе набавува нови возила, меѓу кои електрични и хибридни. Но, набавката ќе се планира во следниот буџет. Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска изјави дека сите институции се задолжени да направат попис на потребите на возила.

-Второ што сакаме да направиме е да имаме поинаков пристап преку оперативен лизинг да ги намалиме трошоците за нивно одржување и на тој начин да обезбедиме нова флота на возила, меѓу коишто сигурно ќе има и такви електрични возила, хибридни итн. Возила со коишто сигурно нема да биде мисијата на лоши честитчки, оваква каква што е сега и очекувам дека набруго тоа ќе го направиме. Но секако не оваа година, бидејќи тоа мора да биде предвидено во буџетот за следната  година, вели Мицкоски.  

Премиерот Мицкоски истакна дека и преку инвестициите во енергетиката планот е Македонија да биде енергетски независна во делот на увозот на електричната енергија, а го најави и носењето на новиот Закон за енергетика. Тој додаде дека со инвестицијата на компанијата „Алказар“ во производство на енергија од обновливи извори на енергија очекува да се произведува струја некаде еден терават час.

Скопје – Собранието со 83 гласа „за„ и 17 „против“ денеска го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, по скратена постапка. Со измените се предвидува вршителот на должност градоначалник во општините каде по сила на закон им престанал мандатот на избраните градоначалници да можат да ја извршуваат оваа функција до изборот на нов прв човек на општината. По парламентарните избори во земјата и изборот на министри и пратеници, в.д градоначалници има во општините Аеродром, Гостивар и Сарај. 

Пратеникот од Блерим Беџети на денешната седница истакна дека причината поради која Европскиот фронт ќе ги поддржи измените се да не ги малтретираат граѓаните да гласаат и да не се трошат дополнителни средства.

Скопје -  Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер денеска на работна средба разговарале за актуелните економски и политички прашања во земјава и регионот и за инвестициската програма на Владата во делот на реализацијата на инфраструктурните проекти.

Министерот Николоски ја запознал амбасадорката за плановите на Владата за инфраструктурен развој на земјата и идејата за квалитетно и брзо поврзување на Македонија и регионот со земјите од Централна Европа.
 
Како што соопшти Министерството за транспорт, на средбата биле потврдени добрите билатерални односи со Германија, при што министерот Николоски ја нагласил важноста на пријателскиот и партнерски однос меѓу двете земји.

Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал мајор Сашко Лафчиски, ја предводат македонската делегација која од денеска е во работна посета на Соединетите Американски Држави.

Повод на посетата се годишните билатералните одбранбени консултации меѓу двете земји, соопшти Министерството за одбрана.

За време на посета на министерот Мисајловски ќе има средби со високи официјални претставници на Пентагон и вооружените сили на САД.

Скопје - Заедничка декларација за надминување на сите билатерални и мултилатерални конфликти поврзани со слободното движење на стоки, услуги, луѓе и капитал, како и со храната и земјоделството, но и за решавање на сите прашања со добра волја, во дух на солидарност и добрососедски односи, ќе биде потпишана на 18. Годишен работен состанок на министри за земјоделство од земјите од Југоисточна Европа што се одржува денеска во Скопје.

Во фокусот на работниот состанок беа Берлинскиот процес, претстојната реформа на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, безбедноста на храната, ИПАРД и регионалната соработка.

-Ќе продолжиме со регионалната соработка, меѓусебната размена на информации и заемната помош во регионот. Со декларацијата ќе ја изразиме нашата силна решеност да креираме политики и национални акциски планови за да постигнеме национална и регионална безбедност на храната, како и стратешка автономија во отворената економија за обезбедување одржливо и конкурентно производство за населението од целиот овој регион, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски кој беше домаќин на работниот состанок.

Скопје- Лаима Луција Андрикиене, членка на Европскиот суд на ревизори денеска во Собранието на Република Северна Македонија остварила заедничка средба со претседателот на Собранието Африм Гаши, со потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, и со претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска.  

На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, присуствувал и евроамбасадорот Михалис Рокас, како и Томас Макевициус и Пјетро Пуричела од Европскиот суд на ревизори. 

Во фокусот на дискусијата бил Планот за раст на Западен Балкан и очекуваните придобивки од неговата имплементација во процесот на евроинтеграција на регионот и конкретно на нашата земја. 

Во тој контекст, биле разменети  мислења за реформските агенди на земјите од регионот, чие усвојување во институциите на ЕУ е предуслов за реализација на финансиската помош. 

Скопје – Во периодот на изборниот процес Државната Комисија за спречување на корупција (ДКСК) оформила вкупно 65 предмети, кои се резултат на пријави за сомневање за сторени повреди на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата, предмети оформени по сопствена иницијатива на Комисијата, како и приговор поднесен од организатор на изборна кампања. 

Според посебните извештаи на Државната комисија за спречување на корупцијата, за утврдените состојби во финансирање на изборните кампањи за избор на претседател и за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година, од вкупно 61 поднесени пријави од граѓани и институции, ДКСК има постапено по 53 предмети, за кои има донесено 45 одлуки од своја надлежност.

Скопје – Триесет и осум Американци вчера пристигна во земјава, кои ќе служат како волонтери во Мировниот корпус. Тие ќе волонтираат во различни институции и организации низ земјата, каде што ќе го споделат своето знаење и искуство. Во државата ќе останат две години.

Волонтерите вчера на скопскиот аеродромот беа пречекани од страна на директорот на Мировен корпус во нашата држава Дејвид Рисајд, како и дел од вработените.

- Мировниот корпус го поздравува пристигнувањето на 38 Американци во државата кои ја претставуваат 27-та група волонтери на Мировниот корпус која ќе служи во Северна Македонија. Овие 38 Американци ќе бидат распределени да живеат и работат во различни заедници низ целата земја. Мировниот корпус е благодарен за соработката со Владата и нашите партнери, со која успеавме да поддржиме речиси 900 волонтери да служат овде од 1996 година па сè до денес“, истакна директорот на Мировен корпус Дејвид Рисајд.

Скопје - Граѓаните немаат доверба во надлежните институции коишто треба да се справаат со нелегалната сеча на шумата, како и во судовите и обвинителствата, кои се надлежни за санционирање на прекршителите на Законот за шуми, покажа истражувањето на Здружението „Рефорд“ во рамките на проектот „Борба против нелегални шумски активности” што го спроведува ЗГ Рефорд, во соработка со US Forest Service, во периодот од 01.03.2024 година до 10.03.2024 година.

Сашо Петровски од Здружението на граѓани „Рефорд“ при денешната презентација на резултатите од истражувањето посочи било испитано јавното мислење за нелегалните шумски активности кај корисниците на производи од дрво и сопствениците на приватни шуми. Теренската анкета беше спроведена како структурирано интервју со 515 испитаници во осум општини од осум плански региони на Република Северна Македонија. Посочи дека алрмантни се бројките за нелегалната сеча на шумите. Неформалните податоци на ФАО говорат дека годишно на нелегално се сечат околу 500.000 метри кубни дрво, или тоа се дрва наредени во должина од 500 километри, а со висина од еден метар, како од Скопје до Ниш.  

Приштина – Косовскиот премиер, Албин Курти вели дека ќе соработува со секој што ќе победи на наредните претседателски избори во Соединетите Американски Држави, нагласувајќи дека со поранешниот претседател и актуелен кандидат, Доналд Трамп имал „заеднички јазик“.

Во денешното интервју за „Фајненшел тајмс“, што го пренесуваат медиумите во Приштина, Курти вели дека со администрацијата на поранешниот претседател Трамп Косово имало добра соработка, потенцирајќи го тогашниот повик на Вашингтон до европските земји на НАТО да ги зголемат инвестициите и расходите за одбрана.

Женева – Високиот комесар на ОН за човекови права Вокер Турк денеска ги повика сите оние кои имаат влијание на Блискиот Исток да се обидат да спречат понатамошна ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах, изразувајќи загриженост за опасната ескалација на тензиите.

- Високиот комесар на ОН Вокер Турк ги повикува сите држави и актери со влијание во регионот и пошироко да спречат понатамошна ескалација и да направат се што можат за да обезбедат целосно почитување на меѓународното право, рече портпаролката на Турк на брифинг со новинарите во Женева.

Тел Авив - Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека изведуваат нов бран воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан.

Претходно денеска, два брана напади беа изведени врз јужен Либан и долината Бека, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Началникот на Генералштабот на израелската војска, генерал-потполковник Херзи Халеви, по утринската проценка изјави дека на Хезболах нема да му се даде „да земе здив“ и дека армијата ќе ги засили своите акции против оваа терористичка група во Либан.

- Хезболах не смее да добие пауза. Мораме да продолжиме да делуваме со сета сила, нагласи тој. Халеви додаде дека ИДФ ќе ги засили офанзивните операции.

- Ситуацијата бара продолжување на интензивната акција на сите фронтови, рече Халеви.

Анкара - Турција ја намали набавката на руска нафта за 50 отсто поради ремонт на рафинеријата СТАР во близина на градот Измир, според податоци објавени од аналитичката агенција Клер.

Турскиот увоз на нафта од Русија во август изнесувал нешто помалку од 200.000 барели дневно, додека на почетокот на летото, месечната количина се движела меѓу 400.000 и 450.000 барели дневно, пренесува „Комерсант“.

Планираниот ремонт на рафинеријата во Измир започна на 5 септември и ќе трае околу два месеца, што значи дека набавките почнале да опаѓаат уште пред да запре производството, изјави Виктор Катона од Клер. Тој додаде дека ситуацијата не е критична за руските добавувачи, бидејќи тие веројатно ќе ги пренасочат нафтените текови кон азиските пазари, особено во Индија.

Тирана - Суверената држава на Бекташите во Тирана, веќе има своја страница на Википедија, најголемата онлајн енциклопедија, објавија албанските медиуми.

-Зачудува фактот што оваа страна беше формирана  веднаш, речиси преку ноќ, откако премиерот Еди Рама ја пренесе веста за планот за суверена држава на Бекташи на 79-то Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, наведуваат медиумите.

Додаваат дека веб-страната на „Суверена бекташка држава“ на англиски има точни информации кои се совпаѓаат со она што Рама го изјавил, дури и детали за тоа како ќе функционира, областа што ќе ја зафаќа, валутата што ќе ја користи и друго.

-За создавање на бектешката држава ќе биде потребно одобрение од Собранието на Албанија.

Остани поврзан