• четврток, 29 август 2024
МИА Радиофлеш

29 август 2024

– Премиерот Христијан Мицкоски денеска е во прва официјална посета на Република Хрватска на покана на неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ, јави известувачот на МИА од Загреб.

Во Загреб, премиерот Мицкоски освен со хрватскиот премиер, ќе оствари средба и со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и со потпретседателот на хрватскиот Сабор, Жељко Реинер. 

- Советот на Град Скопје денеска треба да ја одржи седница на која се очекува советниците да ги поддржат дополнителните програми за работа на Комунална хигиена за вработување на околу 120 лица и да донесат одлука за пренамена на средства за ЈСП со кои ќе се репарираат и стават во функција уште 30 автобуси. 

Градоначалничката Данела Арсовска на 22 овој месец на координација со советничките групи го претстави планот за излез од кризата во градот Скопје недоволниот број автобуси поради што мораат да чекаат и по повеќе од половина час, а исто така имаше и коментари за хигиената во градот.  

- Во текот на вчерашниот ден имаше вкупно 39 пожари на отворен простор. Од нив, сѐ уште активни се пет пожари, под контрола е еден, а останатите се изгаснати, соопштија утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Мешана шума гори на планината Мукос, кај селото Степанци и место викано „Кациица“, на граница меѓу општините Долнени и Чашка. Ниска вегетација и нискостеблеста шума се опожарени во општина Студеничани, над селото Црвена Вода, кај место викано „Крста“. Ниска вегетација гори меѓу селата Горно Количани и Љубош во општина Студеничани. Нискостеблеста шума и сува трева горат меѓу селата Едеклерци и Хаџи-Хамзали на територијата на општина Штип. Последниот активен пожар е во општина Лозово, кај селата Дурфулија и Каратманово, каде гори борова шума.

– На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје денеска и утре е пријавувањето во првиот рок за упис во прва година додипломски студии во академската 2024/2025 година. На 23-те факултети во составот на УКИМ слободни се 9921 место за нови студенти, од кои 4761 за редовни студенти во државната квота, 4210 за редовни студенти кои ќе ги кофинансираат студиите и 950 места за вонредни студенти.

Според Конкурсот кој УКИМ го објави во јуни, како и  во минатите години, најголем број слободни места има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ (1020), Природно-математичкиот факултет-ПМФ (1030), Филозофскиот со 895 места, Филолошкиот факултет со 790, Правниот со 705, Економскиот факултет со 700 слободни места...

– Украинските вооружени сили продолжуваат да ја зголемуваат територијата под своја контрола „по должината на границата со Украина“, како дел од инвазијата на руската Курска област, изјави претседателот Володимир Зеленски во своето редовно ноќно  видео обраќање до сонароднциите, цитирано од ДПА.

Зеленски не даде повеќе детали за кажаното, но додаде дека се фатени уште руски воени заробеници и би можеле да бидат искористени во евентуална идна размена.

 - Јеменските бунтовници Хути, кои тесно соработуваат со Иран, се согласија на привремен прекин на огнот за да им се овозможи на спасувачките бродови да стигнат до оштетениот танкер за сурова нафта „Сунион“ под грчко знаме во Црвеното Море. Бунтовничката група соопшти дека Хутите само одобруваат спасување на бродот.

„Неколку земји побараа од Ансарулах (Хути) привремено примирје за да им се дозволи на извлекувачите и на спасувачките бродови да влезат во областа на инцидентот“, соопшти иранската мисија.

- Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека Хрватска не смее директно да се вклучи во конфликтот меѓу Русија и Украина, но дека сепак може да му обезбеди на Киев хуманитарна помош и воена опрема.

„Направив се и ќе направам се во иднина за да спречам каква било вмешаност на хрватските војници во војната во Украина на кој било начин, вклучително и учество во центри за обука. Дали некој ќе и даде воена опрема на украинската армија, тоа не е моја надлежност и нема да се мешам во тоа“, рече Милановиќ, а пренесе порталот Индекс.хр.

– Претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ го одби предлогот на министерот за одбрана Драган Краповиќ да го разреши бригадниот генерал Зоран Лазаревиќ од функцијата началник на Генералштабот на Армијата на Црна Гора, соопшти Министерството за одбрана.

Краповиќ изјави и дека за смена на Лазаревиќ биле и претседателот на Собранието на Црна Гора Андрија Мандиќ и премиерот Милојко Спајиќ.

– Најмалку 28 лица загинаа во последните три дена во поплавите во западна Индија, соопштија локалните власти.

Реките во Гуџарат, држава на западниот брег на земјата, се излеаја од коритата и повеќе од 30.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови. Во акциите на припадниците на итната помош и армијата беа спасени околу 1.850 луѓе.

- Судијата на бразилскиот Врховен суд, Александар де Мораеш, се закани дека ќе ја забрани платформата X доколку нејзиниот сопственик, милијардерот Илон Маск, не го именува правниот застапник на компанијата во Бразил во рок од 24 часа. 

Американските медиуми наведуваат дека ова е само уште едно поглавје во битката меѓу Мораеш и Маск која трае со месеци. На почетокот на овој месец, Платформата Х соопшти дека „веднаш“ го повлекува целиот преостанат персонал во Бразил, наведувајќи дека Мораеш му се заканил на правниот претставник на компанијата во земјата со апсење, соопштија американските медиуми.

– Француските истражни судии вчера отворија официјална истрага против технолошкиот милијардер со руско потекло Павел Дуров, откако тој помина четири дена во притвор како дел од истрагата за улогата на неговата апликација за пораки Телеграм во организиран криминал.

Отворањето на официјална истрага во Франција против него не значи вина ниту нужно води до судење, но укажува дека правосудните органи веруваат дека има доволно материјал за да се продолжи со истрага во случајот.

– Во главниот француски град синоќа се одржа церемонијата на отворање на Летните параолимписки игри 2024 година. Како и отворањето на Олимпијадата, настанот со учество на повеќе од 4.000 спортисти не се одржа на стадион. Овој пат тоа се случи во центарот на Париз.

Седумнаесеттите параолимписки игри ќе се одржат во Париз од 28 август до 8 септември 2024 година. Спортистите со попреченост од целиот свет ќе се натпреваруваат во 22 спорта.

Остани поврзан