• понеделник, 23 септември 2024
МИА Општински пул

Скопје - Во текот на минатиот викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираа активности за отстранување десетина диви депонии лоцирани во неколку скопски општини.

Подигнати се 25 кубни метри градежен отпад одложен на јавни и сообраќајни површини во општината Чаир, во близина на градинката Фидани, како и повеќе диви депонии на булеварот Македонско-косовска бригада, во населбата Топаана. Повторно е интервенирано и на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), каде што е отстранета обемна дива депонија лоцирана на аголот со улицата Максут Садик, во непосредна близина на Амбасадата на САД. 

Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија и неколку диви депонии лоцирани на улицата Никола Пушкаров во општината Ѓорче Петров, како и на булеварот Србија во скопската општина Аеродром.

Куманово - Третиот по ред детски фестивал „Бисерчиња“ ќе се оджри вечерва со почеток во 19 часот, во големата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово, информираа денеска организаторите, здружението-Асоцијацијата за култура и уметност „Мулт Арт“ и телевизија „Плус“. Кумановци ќе имаат можност да слушнат петнаесет детки песни.

- „Бисерчиња“ продолжува со својата мисија да го прикаже детскиот талент преку новокомпонирани песнички, за кои се снимени видеозаписи кои исто така ќе бидат прикажани на фестивалот. Темите се различни, весели, разиграни. Сметаме дека на овој начин придонесуваме да се слушнат и видат најмладите таленти од Куманово, изјави претседателот на здружението Асоцијација за култура и уметност „Мулт Арт“, Слаѓан Станишковски.

Во спотовите за песничките учествуваат и членовите на балетските студија од Куманово, Ултра, Fusion, Skill Factory и танцовиот клуб Динамик. Годинава, фестивалот се реализира со поддршка на секторот за култура при општина Куманово.

Фестивалот се организира со поддршка од Сектор за култура, при Општина Куманово. 

Скопје - Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажуваат податоците од направените анализи на 203 примероци од 50 мерни места.

-Секторот за санитарна контрола во периодот од 16-ти до 20 септември 2024 зеде 203 примероци за физичко-хемиска и 203 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 50 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, соопштија од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје. 

Јавното претпријатие, како што се наведуваат оттаму, со цел подобра информираност на граѓаните на град Скопје, овие податоци ги објавува во неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола. 

Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција - Скопје во периодот од 16-ти до 22 септември 2024 со помош на специјалните возила „Пајак“ отстраниле 104 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

ЈП ПОЦ и Општина Центар, како што велат оттаму, секојдневно водат грижа за да го доведат во ред сообраќајниот хаос настанат од непрописно паркираните возила на територијата на Општина Центар.

Од ЈП ПОЦ и Општина Центар апелираат на почитување на сообраќајните правила од страна на секој учесник во сообраќајот со цел одржување на ред и безбедност на улиците.

Скопје - Основното училиште „Киро Глигоров“ е вториот објект во општината  кој доби фотоволтаични панели на покривот. На кровната површина се поставени 720 панели со максимална инсталирана моќност од 396,00 Kw (киловати) за производство на електрична енергија.

Како што информираат од Општината, нивниот приклучок се очекува наскоро, а градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека целиот процес за набавка и инсталирање на фотоволтаичната централа е од општинскиот буџет и е во висина од 7.3 милиони денари.

-Според истражувањата на пазарот, за реализирање на оваа инвестиција од општинскиот буџет првично планиравме 18 милиони денари, ама на Јавната аукција цената се симна на 7.3 милиони денари. Со поставувањето на оваа фотоволтаична централа ние очекуваме значително да се намалат вкупните трошоци за електрична енергија, што нам како локална самоуправа ќе ни овозможи да вложиме повеќе средства во одржување на високиот квалитет на услугите за образование на децата, потенцирал Герасимовски.

Скопје - Поради дефект на затворач ф-100 мм на ул. „Бранко Заревски“ 98, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците „Бранко Заревски“, „Антон Димитров“, „Ратко Митровиќ“, „Војвода Ивец“ и „Роман Ролан“.

Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ водоснабдувањето ќе биде прекинато од 11:10 часот до завршување со санација на дефектот. 

Крива Паланка - Со предавање за младите за примена на различни видови алтернативен транспорт и викенд -планинарска тура низ Осоговските планини Европската куќа Крива Паланка ја одбележа Европската недела на мобилност.

-Реализираме активности со и за младите за одбележување на сите значајни датуми кои можат да им ја подигнат свеста и да придонесат за позитивни промени во различни области. По повод Европската недела на мобилност денеска младите се запознаа со бенефитите од пешачње, возење велосипед или електричен мопед, наместо користење автомобили, што од една страна е далеку поекономично, од друга страна, не влијае на животната средина, а дополнителни бенефити и здравствени придобивки, пак, имаат и самите млади, велат од Европската куќа Крива Паланка.

На настанот беше посочена потребата од редуцирање на транспортните средства, за поголема безбедност на патиштата, помалку бучава, помало загадување на воздухот и подобар квалитет на живот. 

-За да се поттикнат луѓето почесто да пешачат и да возат велосипед, треба да има повеќе висококвалитетна посветена инфраструктура и сообраќајни правила на кои им се приоритет пешаците и велосипедистите. Јавните власти имаат алатки за спроведување на промени во политиките и инфраструктурата кои поддржуваат трајно преминување кон одржлива мобилност. Но мора да истакнеме,  градовите во кои живееме се обликувани од индивидуалните избори што ги правиме, затоа треба да работиме заедно за да го подобриме заедничкиот јавен простор, посочуваат од Европската куќа Крива Паланка.

Централната активност по повод Европска недела на мобилност во организација на Европската куќа беше настанот "Еко-планинарење: Да ги истражиме алтернативните видови на мобилност" што се одржа вчера.

 

 

Остани поврзан