• петок, 30 август 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

29 август 2024

Скопје - Контролирани се повеќе од 115 мотоцикли и мотори, а санкционирани се 56 возачи во текот на вчерашниот ден од страна на Одделението за сообраќајно и ескортно обезбедување во соработка со Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје во периодот од 19.00 до 00.00 часот, во рамки на планот за зголемено присуство на полицијата и зголемување на безбедноста во градот Скопје.

Како што денеска соопштија од МВР, во реализираната зајакната акциска контрола за санкционирање на прекршоци што ги чинат возачите на мотоцикли, од вкупниот број санкционирани, 17 возачи не користеле заштитна кацига за време на возење, девет возачи возеле без возачка дозвола, 11 возачи имале несоодветна категорија, четири мотоцикли не биле регистрирани, три возачи не носеле со себе сообраќајна дозвола, еден возач бил под дејство на алкохол, еден не застанал на даден знак СТОП...

Акциските контроли во рамките на оперативната акција ќе продолжат и во идниот период со засилен интензитет.

Битола - Со музичко-сценската манифестација „Незаборав“, годинава посветена на композиторот Тоде Новачевски, вечер во Битола ќе се затвори културното лето „БитФест 2024“.

Традиционалната манифестација „Незаборав“ ќе се одржи на платото од Офицерскиот дом во Битола, каде во живо ќе бидат исполнети песни од композиторот Тоде Новачевски, а во изведба на познати битолски музичари - изведувачи.

-Манифестацијата е финансирана од Општина Битола, а како автор на проектот може да потсетам дека изминатите 13 изданија на „Незаборав“ беа посветени на Сашка Петковска, Јонче Христовски, Пепи Бафтировски, Љупчо Спасеновски, Добри Ставревски, Гоце Николовски, Миле Шерденков, групата Битолски Конзули, Битолчани на Валандово, Драган Каранфиловски – Бојс и други настани значајни за градот, изјави за МИА, Панде Димитровски.

Како што е познато, битолското културно лето почна со спектакуларен концерт „Симфонија на ѕвездите“ што се одржа на градскиот стадион во Битола, а во текот на летниот период на повеќе локации во градот се одржаа бројни културни настани кои како што информираа од локалната самоуправа, ги отсликуваат културните вредности на Битола.

Скопје - Без вода денеска од 9:00 часот ќе бидат дел од корисниците од улицата „Козара“, општина Центар. 

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради изведување водоводен приклучок ф-80 милиметри на улица „Козара“ бр.26. Корисниците ќе бидат без вода се до санирање на дефектот.

Без струја денеска од 8:00 до 11:00 часот ќе бидат дел од корисниците од улицата „Осло“, а од 10:30 до 14:00 часот дел од корисниците од улицата „Будимпештанска“ во општина Карпош.

Во периодот од 8:00 до 11:30 часот без струја ќе бидат дел од корисниците од стопанската зона во населбата Визбегово, поточно објектите во околината на фирмата „Полиестердеј“ во Општина Бутел.

Како што соопшти РЦУК, прекинот во снабдувањето со електрична енергија е изведување планирани технички зафати во дистрибутивната мрежа од страна на екипи на ЕВН Македонија АД.

Скопје - Поради дефект на приклучна цевка ф 5/4“ на ул. „Леринска“ бр.24, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од оваа улица.

Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ прекинот во снабдувањето со вода ќе биде од  09:45 часот до завршување на санацијата на дефектот. 

Скопје - Во текот на вчерашниот ден, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 190 кубни метри отпад од неколку обемни диви депонии лоцирани во скопската општина Чаир. Дел од активностите се одвиваа спроти ООУ „Конгреси и Манастирит“ каде што се отстранети 40 кубни метри непрописно одложен отпад од јавни и сообраќајни површини. Воедно, во координација со ЈП „Паркови и зеленило“-Скопје реализирано е и расчистување на повеќе диви депонии лоцирани на улиците Ресенска, Струмичка и Вуковарска.

Битола - Голем дефект на потисниот цевковод на пумпна станица во Битола го  остави градот без вода за пиење.

Од јавното  комунално претпријатие „Водовод“ информираа дека во текот на денот без вода за пиење ќе биде поголем дел од градот, односно до санирање на дефектот за чие решавање се ангажирани повеќе екипи на претпријатието.

Скопје - Општина Ѓорче Петров, како дел од својата еколошка политика, организира голема акција за собирање кабаст отпад. Оваа иницијатива е наменета за граѓаните кои сакаат да се ослободат од мебел, бела техника и други предмети што повеќе не им се потребни.

Во периодот од 30 август до 1 септември, ќе бидат поставени контејнери за кабаст отпад на повеќе локации низ целата општина. Во некои делови на општината отпадот ќе се собира директно во контејнери, додека во други, специјализирани возила ќе го транспортираат одложениот отпад.

Скопје - Поради дефект на приклучна цевка, без вода од 10:30 часот се корисниците од улиците „Јанко Мишиќ“, „Ратко Митровиќ“, „Радое Дакиќ“ и „Скендер Бег“ во Општина Кисела Вода, соопшти ЈП Водовод и канализација - Скопје.

Прекин во водоснабудвањето, поради дефект, од 10:35 ќе имаат и корисниците на ул.„Ордан Чопела“ во Општина Чаир.

Прекините ќе траат до санација на дефектите.

Крива Паланка - Во манастирскиот комплекс кај Крива Паланка денескa се прославува денот на патрон светецот, закрилник на градот, Свети Јоаким Осоговски.

Утрово се одржа Света архиерејска литургија по повод празникот на патрон - светителот на манастирот, светецот заштитник на Крива Паланка, чијшто спомен денескa го чествува Македонската православна црква - Охридска архиепископија.

Со Светата архиерејска литургија чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски, г.г.Стефан, во сослужение со  митрополитот Кумановско - oсоговски г.Григориј, заедно со свештенослужители од соседните православни цркви.

 

Остани поврзан