• петок, 30 август 2024
МИА Општински пул

30 август 2024 

Охрид - Осумдесет и пет македонисти, филолози, слависти, балканолози, културолози, академици, емеритуси, раководители на Катедри на лекторатите, професори, научни истражувачи, лектори и преведувачи ќе ги презентираат своите истражувања од областа на македонскиот јазик и литературата, на днодневната 51. Меѓународна научна конференција што од денеска ќе се одржува во Охрид.

На собирот што секоја година традиционално се одржува непосредно по завршувањето на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, ќе бидат презентирани 75 научни трудови и реферати, со што симболично ќе биде одбележана 75-годишнината од формирањето на најстариот универзитет во земјава.

Битола - Филип Поповски, вонреден професор на Техничкиот факултет во Битола е избран за нов претседател на Сенатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“.

Од УКЛО-Битола информираа дека изборот на нов претседател на Сенатот го изврши изборна комисија, со тајно гласање, на седница на универзитетскиот Сенат, а е извршен по престанокот на мандатот на досегашниот претседател Николче  Јанкуловски, односно по неговото именување на функцијата заменик министер во Министерството за финансии.

Вевчани - Општина Вевчани в понеделник ќе реализира дератизација за уништување глодари. Градоначалникот Спасе Кочовски информира дека дератизацијата ќе се изведува утрото од 9 часот до 16 часот и 30 минути, под поволни временски услови.

- Во случај времето да е врнежливо или е со јак ветер дератизацијата се одложува за некој нареден ден со поволни временски услови, стои во информацијата.

Скопје - Без вода денеска од 9:45 часот се дел од корисниците од улицата „Леринска“ во општина Карпош. Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект на улицата „Леринска“ број 24. Водоснабдување ќе биде прекинато до завршување на дефектот. 

Крива Паланка - Годинашното издание на алтернативниот мултимедијален фестивал "ГИГА Фест" вечерва ќе биде затворено со самостојната изложба "Еве го човекот" на младиот академски уметник од градот, Стефан Младеновски.

Изложбата ќе биде отворена во 20 часот, во уметничката галерија на Локална установа Градски музеј, Крива Паланка.

Поставката содржи 50 дела на хартија, создадени во последните две години, а  претставуваат заокружување на еден тематски циклус на авторот.

Битола - Во Битола вечер ќе биде отворена ликовна изложба „Парчиња живот“ со повеќе од 100 мали формати, изработени во различни техники цртеж, акрил на хартија, акрил на платно, масло на платно, создадени од Бојана Артиновска.

Според ликовниот критичар Владо Ѓорески, секое дело е фрагмент од патот на самооткривање и раст, и преку нивното внимателно поставување во оваа изложба, се рефлектира сложеноста и убавината на обичните моменти кои подсвесно го обликуваат животот. Животот, како уметност сам по себе, е составен од различни „парчиња“ кои заедно формираат уникатно и значајно искуство. Оваа изложба е посвета на тие „парчиња од животот“, гледани како уметност, вели Ѓорески.

Скопје - ЈП „Водовод и канализација“-Скопје известувa дека денеска, од 09:00 часот, без вода ќе бидат корисниците од улиците „Петар Драганов“, „Софиска“, „Његошева“, „Бриселска“, „Копенхагенска“ и „Стокхолмска“, општина Карпош.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато поради уличен дефект ф 100 мм на ул.Петар Драганов бр.1. Уличен дефект на водоводна цевка Ф 80мм е причина и за прекинот на водоснабдување за корисниците на улица Љубо Петровиќ 14, во општина Бутел. 

Скопје - Најновиот, прв број на „Современост“ за 2024 г. содржи 35 статии на 185 страници. Бројот, како што наведува издавачот, е отворен со прозни прилози од Стефан Марковски, Катерина Момева, Анде Јанков, Сузи Тенева и Станка Бајлозова-Барламова.

Потоа следат поетските творби од Мирјана Тренчева, Лиле Стефановска, Тања Кузманоска, Виктор Б. Шеќеровски, Адем Абдулаху, Марија Брндевска и Ангелина Бачева-Орбовиќ.

Скопје - Филмови од 20 млади автори од регионот на Балканот и Европа ќе бидат прикажани на четвртото издание на Младинскиот филмски фестивал (МФФ) кое започнува вечер во Кинотеката под мотото „Реално е“.

-Дилемата дали филмовите ја рефлектираат реалноста е стара колку и самиот филм, а затоа годинешното издание го посветуваме (со доза иронија) на сѐ она за кое можеме да кажеме дека е реално и треба! По безброј бирократски препреки на кои веќе сме навикнати (но не и имуни), со задоволство го објавуваме визуелното решение за новото издание на Младински Филмски Фестивал 4 со слоганот „Реално е!“. Нашата кокошка е за првпат фотографирана и тоа баш онаква каква што навистина е: реална, со сите недостатоци и маани. Реално е дека ќе гледаме прекрасни филмови од 20 млади автори од Балканот и пошироко, кои ќе ни го отворат прозорецот кон нивниот светоглед и барем за момент ќе ни покажат детали од сѐ она што ја сочинува реалноста, наведуваат организаторите.

Прилеп - На џез фестивалот во Прилеп, кој беше отворен синоќа, вечерва ќе настапат триото на Ѓоле Грујовски, како и квартетот на Никола Бочваров, со специјален гостин Ристо Вртев.

Со настапот на квартетот на тромбонистот Филип Стевановски, синоќа на летната сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше отворено 13-тото издание на џез фестивалот насловен „Прилеп џез викенд“. Дождот го одложи, но не го наруши интересот на публиката за да присуствува на изведбите на џез-музичарите.

Скопје - Во МКЦ денеска ќе се одржи Еко фестивалот „Sound of Green“, во организација на Друштвото за управување со отпад од пакување Пакомак, а во соработка со Швајцарската амбасада во нашата земја.

Како што информираат од „Пакомак“, годинава пред скопската публика од 20:30 часот на две сцени - во паркот зад МКЦ и пред бифето, ќе настапат младата локална група Moira, Игор Џамбазов и Гуру Харе со бендот, како и гостите од Швајцарија, ORPHIA и DJ ALEX NANTAYA.

 

Остани поврзан