• сабота, 31 август 2024
МИА Општински пул

30 август 2024

Скопје - Во текот на денешниот ден, до 14 часот, имало вкупно четири пожари на отворен простор. Од нив, два се сѐ уште активни, а другите два се под контрола, информираат попладнево од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Едниот активен пожар е во подрачјето на селото Смиљковци, Општина Гази Баба. Другиот е во Општина Чучер Сандево. На двете места гори сува трева.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска беше во населбата Капиштец каде започна реконструкцијата на улицата „Елисие Поповски“. Градежните активности предвидуваат отстранување на стариот и поставување нов асфалт на површина од 4.822 метри квадратни, подигнување и нивелирање на постојните шахти, вградување нови бетонски рабници и поплочување на тротоарите со павер елементи.

Герасимовски посочи дека улицата целосно ќе биде реконструирана до октомври, кога и ќе биде пуштена во употреба.

Гевгелија - Обезбедивме 30 милиони денари за изградба на „Западен булевар“ во Гевгелија и очекувам набрзо да започне неговата изградба. Претходно со околу 10 милиони денари се реконструираше улица во населеното место Мрзенци и ова е начинот како оваа Влада дава силна поддршка за развој на општините, истакна денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски при денешната посета на Гевгелија.

Потенцираше дека се обезбедени 100 милиони евра за оваа година за инфраструктурни проекти за општините, а за следната година планирани се 250 милиони евра директна поддршка исто така за проекти во општините.

Скопје - Членовите на Советот на Општина Карпош, на денешната 51-ва седница, едногласно ја изгласаа предлог одлуката за прифаќање на донација за бесплатни ранчиња со училишен прибор за сите новозапишани ученици во прво одделение во учебната 2024/2025 та година во сите десет основни училишта кои се наоѓаат на територијата на Општина Карпош. Оваа година, за прв пат во училишните клупи ќе седнат околу 720 првачиња.

Притоа беше усвоен и предлог-заклучокот за усвојување на кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Карпош за извештајниот период (кумулативно), за квартал од 01.01. 2024 до 30.06, 2024-та година.

Струмица - Општина Струмица ангажираше 17 лични асистенти и еден образовен за помош на ученици со попреченост. Од нив 13 лични асистенти секојдневно ќе им помогаат на исто толку ученици во основното образование, додека четири лични и еден образовен ќе имаат ангажман во трите средни општински училишта.

Како што информираа од Општината на нивната веб-страница, личните асистенти во основното образование се финансиски поддржани од општинската каса, а тие во средните училишта се финансиски поддржани од УНДП и локалната самоуправа.

Скопје - ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје известува дека санацијата на  дефектот на улица „Петар Драганов“, број 1 се одложува поради технички причини за некој нареден ден.

Кавадарци - Малолетник се здобил со телесни повреди на рингишпил во Кавадарци, информираа денеска од СВР Велес. 

- Утринава  во 00.40 часот во  ОВР Кавадарци бил извршен службен разговор со В.К.(38) од Прилеп, сопственик на рингишпилот во Кавадарци, по претходно пријавен настан од кавадаречката болница. Според пријавеното, бил донесен малолетник, врз кој, додека бил на рингишпилот во Кавадарци, паднал метален предмет од рингишпилот и малолетникот се здобил со телесни повреди, констатирани во болницата во градот, соопштија од СВР Велес.

Кавадарци - Земјоделско – шумарското средно училиште „Ѓорче Петров“ од Кавадарци, подарува по една саксија цвеќе за секое прваче во општината, информираа денеска од училиштето што постои 67 години, на нивниот фејсбук-профил. Оттаму нагласија дека ваквата активност, веќе станува традиција.

- СОЗШУ „Ѓорче Петров“ – Кавадарци и оваа година подарува по една саксија цвеќе за секое прваче. Цвеќе одгледано со љубов од нашите ученици и наставници, сега со љубов поклонето на најмалите ученици, со цел да им посака убава, цветна и успешна учебна година.

Штип - Околу 400 првачиња денеска беа примени во штипските основни училишта. Традиционално,  пред стартот на учебната година се врши свечениот прием на првачињата, кои се запознаваат со своите наставнички или наставници.

Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов денеска присуствуваше на прием на првачињата во Општинското основно училиште (ООУ) „Тошо Арсов“, каде што истакна дека почетокот на учебната година е посебен момент за секое дете и неговото семејство.

Скопје - Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ подигнале и транспортирале приближно 100 кубни метри отпад од неколку диви депонии лоцирани во скопските општини Бутел и Чаир.

Како што информираат од „Комунална хигиена“ - Скопје, подигнати се  приближно 70 кубни метри отпад од обемната дива депонија лоцирана на улицата „Боца Иванова“, на последната станица на автобусот 59, во непосредна близина на Градските гробишта Бутел. Екипиите чистеле и на улиците „Прохор Пчињски“ и „Струмичка“ во општината Чаир, каде се отстранети 30 кубни метри непрописно одложен отпад.

Скопје - Без вода денеска од 11:20 часот се дел од корисниците лоцирани на улиците „Методија Андонов - Ченто“ и „Палмиро Толјати“ во Општина Гази Баба. 

Како што соопшти  ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект  на улица „Методија Андонов - Ченто“ без број.

 

Остани поврзан