• четврток, 26 септември 2024
МИА Општински пул

25 септември 2024

Охрид – Во врска со претстојната посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан на земјава, СВР – Охрид ги спроведува неопходните безбедносни мерки и активности за безбедно и непречено движење на делегацијата низ Охрид и околината.

Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај упати известување до сопствениците на патнички и други моторни возила дека треба да ги дислоцираат возилата од паркинг-местата на булеварот „Туристичка“ и улиците „Коста Абраш“, „Цар Самоил“ и Кејот „Македонија“.

Во текот на утрешниот ден и задутре на улиците „Илинденска“ и „Коста Абраш“ ќе биде забрането запирање и паркирање возила, а додека ќе се движат возилата на делегациите привремено за сообраќај ќе биде затворен дел од магистралниот пат Кичево-Охрид, од аеродромот до клучката кај „Распаќе“, долж булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, улиците „Абас Емин“ и „Кирил и Методиј“ како и регионалниот пат Охрид - Св.Наум.

Безбедносни мерки во сообраќајот задутре ќе бидат преземени и на подрачјето на Пештани и Љубаништа.

Од СВР – Охрид апелираат до граѓаните да ги почитуваат насоките на полициските службеници кои на посочените сообраќајници ќе вршат физичко регулирање на сообраќајот. 

Куманово - Општина Куманово од денеска го почнува процесот за формирање на локалниот младински совет во општината, соопшти на денешната прес-конференција службеникот за млади од општината, Мартин Крстиќ.

Општината го распиша јавниот повик за избор на членови на иницијативниот одбор за конституирање на локално собрание на млади во општината. Ова е прв чекор за формирање на локалниот младински совет кој ќе придонесе за подобрување на состојбите на младите на локално ниво. Младинскиот совет ќе спроведува активности и политики за млади согласно Законот за младинско учество и младински политики.

Јавниот повик ќе биде активен наредните десет работни дена и можат да се номинираат млади од граѓански организации, од студентските и средношколските форми на здружувања, политички подмладоци, невладини организации.

Иницијативниот одбор ќе има минимум пет члена и ќе работи на подготовка на јавен повик за формирање на локалното собрание за млади, за номинирање делегати, заменици делегати кои доаѓаат од организациите.

Во наредниот период ќе има трет јавен повик, кој ќе го објави локалното собрание за млади за номинирање членови кои ќе членуваат во локалниот младински совет кој ќе има од девет до единаесет членови, што ќе зависи од бројот на пријавените.

Охрид – Даниел Којнов, ученик од Гимназијата во бугарскиот град Шумен е победник на 31. Балканска олимпијада по информатика што во организација на Здружението на информатичари на Македонија деновиве се одржа во Охрид.

Тој беше прогласен за најдобар во конкуренција на педесеттина учесници од 15 земји од поширокиот Балкански регион.

Најдобар од македонските претставници на натпреварувањето е Дамјан Давков од Штип кој е ученик во Математичко-информатичката гимназија во Скопје, со освоен сребрен медал.

Како што беше истакнато на денешната церемонија на доделувањето на наградите за најдобрите учесници на Олимпијадата, целта на ваквите настани е поттикнување на соработка меѓу балканските народи и инспирацијата на млади таленти во областа на технологијата и иновациите.

Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари на Македонија и професор на ФИНКИ, посочи дека денешниот е последниот официјален настан од Балканската олимпијада по информатика која оваа година е организирана во Македонија.

- Овие настани, ваквата Олимпијада овозможува да се промовира науката се повеќе и повеќе односно информатичката област. И тоа е целта. Ние сакаме преку собирање на најдобрите ученици и од Македонија и од сите други земји да дадеме позитивен пример на сите наши други ученици да се заинтересираат во областа, да работат и да постигнат врвни резултати. Разликата меѓу научните и спортските олимпијади е тоа што кога некој ќе постигне медал на спортска олимпијада тоа е врвот на неговата кариера, додека кај освојување на медал на ваква интернационална научна олимпијада учениците ќе освојат медал, а потоа за нив почнува успешноста во оваа многу барана професија, односно во рамки на компјутерската наука воопшто, рече Јованов.

Штип - Штип се подготвува за Денови на модата, кои ќе се одржат на 30 септември, 1 и 2 октомври. Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова на прес-конференција изјави дека денеска текстилните компании и студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) -Штип заедно со манекенки и манекени имаат „фитинг“, односно проба на моделите.

-Во Дом на млади во текот на денот ќе се пробуваат моделите на сите учесници во настанот. Овде имаме присутно манекенки и манекени од неколку модни агенции од Македонија коишто ги пробуваат моделите. На настанот ќе учествуваат пет компании од Општина Штип, а две ревии ќе имаат студентите од Технолошко-техничкиот факултет при УГД-Штип и имаме една интересна соработка меѓу Општина Штип и Здружението за работнички права „Гласен Текстилец“, коишто овзоможија да се презентираат неколку модели на студенти, а се под менторство на најпознатите дизајнери од Македонија, вели Шорова-Ангелова.

Никола Патраклиски од компанијата ЕАМ истакна дека креативноста и добрата идеја не се нешта кои имаат географска одредница, туку какошто вели добриот дизајн може да го заобикули и да го види целиот свет.

Македонска Каменица - Општина Македонска Каменица денеска и утре е домаќин на Работилницата за креирање на родово одговорни локални програми за 2025 година. На работилницата како што се наведува во соопштението од Општината, ќе бидат опфатени циклусите за родово одговорните политики, клучните принципи на локално ниво.  

-Во воведната сесија од работилницата од страна на Гордана Несторовска - експерт во областа на родовите прашања, ангажирана како менторка од страна на UN Woman, беа истакнати целите на работната средба, основните родови поими и концепти. Тука беа разгледани и одговорностите на јавниот сектор во промоција на еднаквоста и унапредување на родовата еднаквост на локално ниво, информираа од Општината. 

На работната средба, од страна на менторите на UN WWoman со вработените во ЕЛС Македонска Каменица и претставници од Советот на општината, беа нотирани повеќе точки за одговорно родово буџетирање во процесот на креирање и реализација на буџетот на општината.  

-Претходно, претставничките на UN Woman, Гордана Несторовска и Бранка Минчева – експерти во областа на родовите прашања ангажирани како менторки од страна на UN Woman остварија работна средба со градоначалникот на општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски каде беше разговарано за Меморандумот за соработка, како и обврските на општините кои произлегуваат од ЗЕМ и другите национални документи, додадоа од Општина М.Каменица.  

Кавадарци - Ќе бараме обесштетување од суша согласно набраните количини по декар лозје, рече денеска Јован Златевски, претседател на Сојуз на здруженија на лозари и претседател на потсекторска група за лозарство и винарство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.  

- На наредниот состанок на потсекторската група, ќе го отворам ова прашање, со цел да се разгледаат проблемите на лозарите. Производителите на грозје се соочуваат со сериозни последици од летната суша, дури и до стотина проценти. Иако е при крај, уште трае гроздоберот. Чекаме да заврши гроздоберската сезона, па да се сретнеме и да поразговараме за проблемот и да изнајдеме соодветно решение, појасни Златевски за МИА. 

Тој додаде дека истовремено, се согледуваат штетите на терен. 

- Ние не сме за тоа, сите лозари да бидат обесштетени, бидејќи не сите имаат штети од сушата. Последици имаат тие кои стопанисуваат со лозја на суво, но и тие кои, иако имаат земјоделски имоти што условно речено можат да се наводнуваат, но, од најразлични објективни причини, наводнувањето не било реализирано, или било недоволно. Затоа, нашиот предлог најверојатно ќе биде, да добијат обесштетување, на пример, сите тие кои добиле под еден тон грозје од еден декар земјоделска површина, истакна Златевски. 

Делчево - Од средината на август 2024 година активно се рабoти на целосна  реконструкција на старата административна зграда на ЈКП Брегалница Делчево. Градоначалникот Горан Трајковски кој денеска изврши увид  на градежните работи очекува да завршат најдоцна до крајот на 2024 година.

- Работите опфаќаат поставување нова кровна конструкција, нова термоизлациона фасада, замена на сите прозори и врати со термоизолациони ПВЦ, нови тоалети, реконструкција на сите простории со  тавани,  зидови и подови, истакна Трајковски.

Тој додаде дека ќе се изврши и замена на постоечката инсталација за парно греење и други ставки наведени во проектната документација.

-Во моментот од увидот можам да кажам дека се завршени работите на изградба на подовите со изолација, а сега се работи на поставување на кровната конструкција, додаде Трајковски.

Работите ги изведува фирмата Панел М чија понуда била најповолна, а вкупната  инвестиција е во износ од 145.000 евра. 

Куманово - Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ Куманово ги санираше дефектите на дел од возилата и изнесувањето на смет веќе се нормализира, соопшти на денешната прес-конференција директорот на претпријатието Ненад Стојановски. Кумановци изминатиов период реагираа дека во некои населби и реони изнесувањето на сметот доцни, ќеси со ѓубре се расфрлани околу садовите за смет.

- Имавме застој кој траеше приближно две недели, имаше дефекти на камионите во поголем обем. Станува збор за специфични делови, чија набавка ја чекавме. Проблемите се надминати, камионите се во функција, стабилизирана е состојбата. Сметот е изнесува по определени денови и термини во различни региони од Куманово, изјави Стојановски.

Проблемот со изнесувањето на смет, според Стојановски ќе се реши со поставување на осумдесет полуподземни контејнери на повеќе локации на градот, процесот ќе почне во понеделник, наредната недела. Овие садови собираат поголема количина на смет, се скратува времето на изнесување и создавање на сообраќаен метеж. Општината веќе доставила елаборати и дозвола за поставување на поголем дел од контејнерите. Тој уште еднаш повика на поголема ангажираност на инспекциските служби и ги повика да го санкционираат несовесното однесување на дел од кумановци кои депонираат секаков вид на смет на места кои не се предвидени за тоа.

Дебар - Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското  село Рајчица, подготвен е за одбележување на втората манастирската слава, Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов – Крстовден и ги кани верниците на одбележување на славата. 

- Одбележувањето почнува утревечер, 26 септември, во предвечерието на празникот, со  свечена и празнична вечерна богослужба, која почнува во 18 часот, на која молитвено ќе претстои Неговото Преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј. На крајот на богослужбата, проследен од стиховите на празничниот тропар, ќе биде изнесен на вход крстот со честичка од Чесното Дрво и потоа повторно ќе биде внесен во олтарот, рече за МИА, сестра Ефимија. 

Следниот ден, 27 септември, во 7:30 часот ќе започне Утрената богослужба. На крајот од Утрената, од светиот Престол, од олтарот, ќе биде изнесен сребрениот филигрански крст, во кој се поставува крстот од времето на игуменот Арсениј, со честица на Чесниот и Животворен Крст, а кој преку годината се чува во големиот кивот на Бигорскиот манастир. 

- После чинот на Воздвижението на крстот, на верниците ќе им се даде можност и да се поклонат пред Живоносното и спасително Дрво на нашиот Господ Исус Христос. Во 8:45 часот ќе биде  пречекан владиката Партениј а во 9 часот ќе почне Света архијерејска Златоустова Литургија. Ги каниме верниците сите заедно победнички да го издигнеме Чесниот Крст на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, нашето оружје и нашата надеж за спасение, и откако ќе го прославиме, радосно да се причестиме со светите Христови Тајни, порача сестра Ефимија.

Крива Паланка - На спортскиот комплекс во Крива Паланка уреден e првиот терен за мал фудбал со вештачка трева. Извршено е уредувањето на површина површина од 924 метри квадратни, со поставена вештачка трева, стативи и ограда во висина од четири метри. Вкупната инвестиција изнесува 3.617.812 со ДДВ што Општина Крива Паланка ги вложува од тригодишната Развојна програма на општината.

-Од денес сите љубители на фудбалот можат да спортуваат на првиот терен за мал фудбал во Крива Паланка, со кој, заедно со сите инвестиции во спортот, уредување на спортски содржини и урбана инфраструктура, општината ја покажува својата посветеност на развој на спортот, развој и унапредување на условите за напредок на младите и условите за развој на нови спортски таленти, посочуваат од службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Во изминатиот период на спортскиот комплекс во Крива Паланка беше поставена фитнес зона на отворено, проект вреден 3.000.000 денари обезбедени од Агенцијата за спорт и млади, преку Швајцарската влада, УНДП и Министерството за локална самоуправа изградена е памп трака за велосипеди, 4.000.000 денари, поставено е ново осветлување во спортската сала „Бранители 2001", а во тек е реализација на проектот за уредување на првиот парк за миленици на локацијата кај спортскиот комплекс, надополнет со ново детско катче, за што од Развојната програма на Општина Крива Паланка ќе бидат вложени 3.800.000 денари.

Битола - ИФФК „Браќа Манаки“ во фестивалскиот прес-центар го претстави Душан Хусар од Словачка, кинематографер во филмот „Осаменост“, копродукциски исландско-словачко-француски проект.

Филмот „Осаменост“ беше емитуван синоќа во рамки на новата фестивалска понуда, Европска Lo-Cap програма, или играни филмови од европски земји со низок продукциски капацитет.

-За изработка на филмот добив покана од режисерката Нина Палмадотир од Исланд со која се сретнавме на еден фестивал во Франција. Мислам дека направивме добар копродукциски проект. Исланд е место со голема инспирација, со прекрасни мотиви за снимање за кои понекогаш некои ќе речат дека секое место е веќе познато, но не е така, напротив. Исланд има прекрасна природа но и урбан простор во кој само треба добро да се позиционира камерата. Овој филм ќе отвори нови, други врати во Исланд за снимање на филмови и секако дека јас повторно би се вратил или би прифатил покана во таа отворена земја, рече меѓудругото кинематограферот Хусар кој освен во филмот „Осаменост“, со својата камера учествувал и во филмовите „Чувствителна личност“, „Со полн гас“, „Доместик“ и „Фелвидек: Фатени помеѓу“.

Во рамки на Европска Lo-Cap програма се натпреваруваат шест филмови, бисер до бисер кои доаѓаат од Казахстан, Грузија, Естонија, Словенија, Хрватска и Исланд.

Тетово - Лешочкиот камерен музички фестивал оваа година ќе се одржи по четврти пат во Духовно Културниот Центар „Кирил Пејчиновиќ“ во  Лешок на 30 септември и 2 октомври 2024 година. На двете фестивалски вечери ќе има по два концерти.

-На свеченото отворање на 30 септември на првиот концерт во 18 часот ќе настапат дуетот гитари „Милонга” во состав Дејан Лазаревски и Аександра Кировска. На вториот концерт од 19 часот ќе настапи Дајана Малорари Пајазити-сопран и Едита Руси-пијано.  Дајана и Едита  живеат во Тетово, а Дајана работи во музичкото училиште во Тетово. Тоа е идејата на фестивалот, да настапуваат уметници од полошкиот регион. На втората фестивалска вечер првиот концерт  во 18 часот е резервиран за младите музички уметници, Никола Соколовски-кларинет кој ќе настапи во пијано придружба на Билјана Петровска, а како камерен гостин на концертот ќе настапи Филип Трајковски-хармоника. На вториот концерт ќе настапат гостите од Турската Република Северен Кипар- Руја Танер-пијано и Куршат Башар-саксофон со нивниот проект „Од регионално до глобално“ (From regional to global), информираше Маја Шутевска Кировска од организацијата на фестивалот.

Целта на фестивалот е приближувањето на различните култури преку универзалниот јазик – музиката, како и промовирање на истакнати и млади музички уметници од Полошкиот регион, со едно гостување од странство. Организаторите како концертни уметници кои настапуваат во странство, оваа идеја ја пренесуваат од учеството на фестивали кои се организираат на необични, планински или егзотични места кои се од особено културно значење за регионот.

Дебар - Со претставата „Отворен пар“ од Дарио Фо и Франка Раме, во режија на Сулејман Рушити, во изведба на актерите од гостиварскиот и театарот „Александар Моисиу“ од Драч, вечер во Дебар почнува фестивалот „Албански театар во Македонија“.

- Годинешното 23. издание на фестивалот свечено ќе го отвори градоначалникот Хекуран Дука а следните денови, до 30 септември кога завршува, пред дебарската публика ќе се претстават театарски куќи од Скопје, Тетово, Гостивар, Драч, Подујево и Прешево. На последната фестивалска вечер ќе биде изведена претставата „Графити“ од Мехмет Краја во изведба на театарот  од Прешево, по што ќе бидат доделени наградите за најдобра претстава, режија, актер и актерка, рече за МИА, директорот на фестивалот Илбер Нуредини.

Додаде дека оваа значајна манифестација, која е препознатлив бренд на градот и се одржува во Националната установа Центар за култура, финансиски е поддржана од македонското министерство за култура, со 750 илјади денари, од општина Дебар, со 370 илјади денари, како и другите донатори. 

Фестивал е последна од повеќето активностите во рамки на манифестацијата „Дебарско културно лето 2024“. 

Куманово - Куманово ќе формира координативни работни групи од сите чинители од локално и државно ниво за решавање на проблеми кои беа разгледувани на локалниот совет за превенција, соопштија денеска надлежните. Групите ќе преземат конкретни чекори за да се надминат проблемите во сообраќајниот метеж, ослободување на тротоарите за пешаците, регулирање на сообраќај, отстранување на хаварисани возила, заштита на јавниот имот од вандалско однесување.

Ова биле дел од точките кои се разгледувале на вчерашната седница на Локалниот совет за превенција, соопштија денеска од Општина Куманово.

- На мое задоволство на локалниот совет за превенција присуствуваа сите чинители, МВР, ОЈО Куманово, Центар за социјални работи, претставници од јавни претпријатија со кои дискутиравме за единаесет точки на дневниот ред од јавниот ред и мир во градот, уништување на јавната опрема, следење на состојба со амбиенталниот воздух. Ќе формираме работни тимови кои активно ќе се справуваат со овие проблеми, изјави градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

Скопје - Од денес Кисела Вода е првата општина во Македонија во која децата што имаат потреба, ќе добиваат бесплатни психолошки, логопедски и дефектолошки третмани, а професионална поддршка ќе има и за нивните семејства.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски заедно со „Гаспар" центар за психофизичко здравје и официјално го пуштија во употреба новоотворениот центар во Припор, за кој локалната самоуправа го обезбеди просторот, а Центарот за психофизичко здравје ,,Гаспар” го обезбеди стручниот кадар-тимот од логопеди, психолози, специјални едукатори и рехабилитатори.

Обуки ќе има и за кадрите во училиштата и градинките, со цел сите деца да добијат соодветна и квалитетна поддршка.

Скопје - Општина Центар е првата општина во државата која има оформено трговско друштво за продажба и производство на струја „Енергија Центар“. Првите фотоволтаици преку ова трговско друштво се поставени минатата година во август на покривот на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ објектот „Пепелашка“. Денеска истите носат заштеда од 50% од потрошувачката на електрична енергија. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски кој гостуваше во Стидио 10 на Телевизија 24 изјави дека неодамна општината поставила и нови фотоволтаици на ООУ „Киро Глигоров“ каде покрај покривањето на трошоците очекува и продажна на вишоци од прозиведена електрична енергија.

„Овде станува збор за поголем капацитет за поголеми киловати ставени на училиштето Киро Глигоров коешто набрзо очекуваме да бидат пуштени. Чекаме да ја добиеме лиценцата од Централен регистар, да се впишат во ЕВН и истите да почнат со работа. Целта ни е и да произведуваме за потребите на училиштето но и вишоците од електрична енергија да бидат продавани во систем и сите оние средства коишто во минатото се трошеле непотребно за електрична енергија ги трошиме за други цели како детски игралишта, спортски игралишта доопштемување на училиштата и слично. Во наредниот период планираме да се постават фотоволтаици на во останатите училишта Кочо Рацин, 11 Октомври и планот ни е да продолжиме во сите објекти коишто се под капата на општината со поставување на фотоволтаици да имаме огромни заштеди кадешто пак ќе повоторам средствата ќе ги пренамениме во други проекти“, изјави Герасимовски.

Остани поврзан