• сабота, 31 август 2024

МВР билтен (ДПЛ)

МВР билтен (ДПЛ)

Скопје, 13 август 2024 (МИА) - Денеска во 4.35 часот во полициската станица во Чаир, И.Б.,43-годишен скопјанец пријавил дека на улицата „Рокомија“ во Скопје било опожарено патничко возило „шкода скала“, сопственост на „рент а кар“ компанија, што го користел.

Повредени лица нема, а екипа од Бригадата за противпожарна заштита - Скопје го изгаснала пожарот. Извршен бил увид и се преземаат мерки за расчистување на настанот.

СВР - Тетово поднесе кривична пријава против И.Ч., на возраст од 28 години, од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“.

На 9 август, пријавениот влегол во домот на Џ.М. во Тетово и со закана со нож, одзел пари. Тој бил приведен, а судија на претходна постапка од Основен суд - Тетово му определи мерка притвор во траење од 30 дена и тој е спроведен во Казнено - поправната установа „Затвор - Скопје“.

Вчера во 17 часот во СВР - Скопје, Ф.С., скопјанец на возраст од 26 години, пријавил дека околу 13 часот пред дворот од семејната куќа на подрачјето на Бит Пазар, неговиот сосед Л.А., на возраст од 32 години, со тврд предмет го оштетил неговото патничко возило, по што, исто така, со тврд предмет го нападнал и него.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 12.15 часот во СВР - Скопје, Т.А., 57-годишен скопјанец пријавил дека околу 11.50 часот на паркинг простор на подрачјето на Центар во градот, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР - Велес поднесе кривична пријава против М.И., 45-годишен велешанец, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 13 мај на плоштад „Којник“ во Велес, откако ги забележал полициските службеници, пријавениот фрлил пакување со хероин, кое било пронајдено и одземено.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи - Кочани поднесе кривична пријава против Д.Ј., 30-годишник од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

На 23 јули во трговски центар во Кочани, пријавениот физички нападнал полициски службеник, кој извршувал службени дејствија. 

Синоќа во 23 часот во СВР - Скопје, 28 - годишна скопјанка пријавила дека на подрачјето на Чаир, поради меѓусебно нетрпение, била физички нападната од нејзиниот поранешен свекор А.Д., кој го оштетил и нејзиното возило, во кое биле нејзините малолетни деца, кои се здобиле со повреди.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи - Гостивар поднесе кривична пријава против И.К., 19-годишно лице од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“.

На 30 јуни во угостителски објект, пријавениот физички го нападнал В.Л., 20-годишно лице од Гостивар и му нанел тешка телесна повреда.

Вчера во 12.40 часот во полициската станица во Кочани, М.Н.А., 64-годишен скопјанец, пријавил дека околу 11 часот во приватна фирма во општина Чешиново - Облешево, со тврди предмети бил нападнат од С.„Н“.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

СВР - Струмица поднесе кривична пријава против А.Д., на возраст од 22 години од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 17 декември во село Злеово, радовишко, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

СВР - Скопје поднесе кривична пријава против Г.В., 21-годишен скопјанец, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“.

На 19 јули во Скопје, пријавениот со употреба на сила одзел чанта на П.Г., 73-годишно лице.

Вчера во 9.15 часот во СВР - Скопје, Р.М.М.Ф., 39-годишна жена од Чиле, со престој во Германија, пријавила дека претходната ноќ, околу 21 часот на Автобуската станица во Скопје, едно лице ѝ ја одзело чантата со пари и лични документи и предмети.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР - Скопје поднесе кривична пријава против А.Ш., 43-годишен скопјанец, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

На 24 јануари во Скопје, пријавениот физички нападнал полициски службеник, кој извршувал службени дејствија.

Вчера во 9.40 часот во полициската станица во Кочани, Г.А., 51-годишна жена од село Тркање, кочанско, пријавила дека во селото била касната од куче скитник.

Синоќа во 22.25 часот во СВР - Скопје било пријавено дека во влез на станбена зграда на подрачјето на Центар, бил пронајден починат И.С., 22-годишен скопјанец.

Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.   

СВР - Скопје поднесе кривична пријава против А.С., 34-годишен скопјанец, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

На 10 февруари во полициската станица во Центар, пријавениот физички нападнал полициски службеник, кој извршувал службени дејствија.

Вчера во 13.10 часот во СВР - Штип, К.С., 67-годишник од овој град, пријавил дека од домот се оддалечил неговиот син Д.С., на возраст од 40 години.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Денеска во два часот во полициската станица во Кисела Вода, А.Т.,48-годишен скопјанец, пријавил дека од домот се оддалечила неговата малолетна ќерка С.Т., на возраст од 15 години.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи - Кочани поднесе кривична пријава против Г.С., 38-годишник од овој град  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство врз дете“.

На 8 јули во Кочани, пријавениот физички нападнал малолетник, неговиот чичко и неговиот дедо.

Вчера во 15 часот во полициската станица во Кочани, Ж.К., 34-годишник од овој град, пријавил дека на улицата „Тодосие Паунов“ бил каснат од куче скитник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи - Кочани поднесе кривична пријава против Ж.Ќ., 30-годишно лице од кочанско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „демнење“. Пријавениот ја следел и вознемирувал неговата поранешна девојка.

Синоќа во 18.25 часот во СВР - Тетово, 21-годишниот Б.Ф. пријавил дека на улицата „105“ во градот, бил каснат од куче скитник. бд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан