• среда, 10 јуни 2026

Марија Недева, дерматовенеролог од Неготино: Тиквешани по лозјата, не обрнуваат доволно внимание на кожата

Марија Недева, дерматовенеролог од Неготино: Тиквешани по лозјата, не обрнуваат доволно внимание на кожата

Неготино, 19 мај 2026 (МИА) - Најголем дел од тиквешани имаат лозови насади и голем дел од времето поминуваат во нив, изложени на штетните УВ - сончеви зраци, но, недоволно внимание обрнуваат на кожата и последиците врз неа ако не се заштитени, предупредува Марија Недева, доктор дерматовенеролог. Докторката деновиве во рамките на Еуромеланома вршеше бесплатни дерматолошки прегледи во нејзиниот дерматолошки центар МН дерм во Неготино и на градскиот плоштад, а попладнево во изјава за МИА, предупреди дека во најголемиот лозаровинарски регион во државата, луѓето сѐ уште не се доволно свесни, за опасноста што ги демне од претераната изложеност на сонце, кога станува збор за кожата, како најголем орган на човекот.

- Многу често, фактор број еден за проблемите со кожата на населението од Тиквешкиот регион, е токму земјоделството. Поради недоволно информираност и свесност за последиците и промените што можат да настанат врз кожата од УВ - индексот што достигнува и до бројот 11, се јавуваат таканаречени сончеви или актинични оштетувања. Се јавуват црвенило, темно јасно или нејасно ограничени пигменти, посебно на откриените делови што се изложени на сонце. Климатските промени си го земаат својот данок - нагласи Недева.

Таа потсети дека сонцето е извор на живот и дека не е опасно сончањето во нормални периоди во текот на денот, кога не се присутни штетните зраци. Туку, опасно е прегорувањето и горењето на сонце. Но, алармира до тиквешани да внимаваат да не прегорат од претерано сончање или изложување на сонце додека работат во нивите. Од 10 до 16 часот да не се изложуваат континуирано на сонце. Доенчињата и децата до две години ова време воопшто да не бидат на сонце, туку во сенка. Доколку сепак луѓето се изложуваат на сонце подолго одошто е потребно, да користат одредена заштита од УВА и УВБ-зраци што можат да предизвикаат несакани реакции и промени. Заштитен фактор со индекс од 30 до 50. Во критичниот период од денот да се носи соодветна тенка и светла облека, капа или шешир на главата и наочари на очите. Што помалку откриени делови на телото. Усните да се негуваат со балзам и да се избегнуваат солариуми.

- Не залудно во минатото нашите баби и дедовци по нивјето работеле со бели кошули на долги ракави, со марами - тие многу добро знаеле за непријателот кој ги демне од претераната изложеност на сонце. Од што биле заштитени, дури не се ни гледале, можело да се познаат само по гласот - децидна беше докторката.

Доколку забележат некои сомнителни симптоми пак, задолжително да се јават кај дерматовенеролог. Сѐ со цел да се спречи или намали појавата на алергии, тумори и карциноми. Но и да се стекне поголема култура, ако така може да се каже, за нега и заштита на сопствената кожа. Бидејќи, како што додаде нашата соговорничка, изгледот на кожата ги оддава и карактерот, психологијата и заболувањата на една личност. Но и нејзината емоционална состојба.

Лекарски совет да се побара ако се појават црвенило, зголемена температура, меурчиња со вода.

- Луѓето грешат кога врз изгореници од сонце упорно мачкаат само кисело млеко. Така само ја ладат кожата и мислат дека е сѐ во ред - категорична беше Недева.

Ризични категории според неа се децата, лицата со светол тип на кожа, личности со посебен вид на заболувања како на пример дефицит на имунитет, трансплантирани органи и слично. Тука се и посебните професии кои се континуирано изложени на сонце - како градежници и земјоделци.

Недева и со совет до сите оние кои имаат вродени или стекнати бенки, двапати во годината да направат дермоскопски преглед. Бидејќи како што нагласи, подобро е нештата да се спречат, отколку да се лечат. свд/бд/

Фото: доктор Љубинка Дамјановиќ