• недела, 25 август 2024

Ковачевски уште еднаш им се извини на медиумите за кажаното на 19 февруари

Ковачевски уште еднаш им се извини на медиумите за кажаното на 19 февруари

Скопје, 21 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски денеска негираше дека ги нарекол медиумите „полтрони“ и уште еднаш се извини за кажаното на 19 февруари, по отворањето на партискиот штаб во Кисела Вода.

Тој истакна и дека ги прифаќа сите реакции, и од здруженијата на новинарите и од другите институции.

-Тоа што вие го кажавте, јас не сум го кажал така. Ги прифаќам сите реакции, и од здруженијата на новинарите и од другите институции, и на самиот настан кажав дека сум веднаш подготвен да се извинам. Се извинив и на самиот настан, еве извинување и денес, рече Ковачевски, одговорајќи на новинарско прашање како ги коментира реакциите од новинарските здруженија откако медиумите на некој начин ги нарекол „полтрони“.

На прашањето дали денешното извинување е искрено, Ковачевски одговори потврдно.

-Да, да, искрено, рече кусо и информира дека веќе разговарал и со претседателот на ЗНМ.

-Имав долг разговор и со претседателот на ЗНМ во неколку наврати, бидејќи тој е најдобриот сведок на тоа што се случуваше до 2016 година, истакна Ковачевски. 

На новинарко прашање на кои медиумски куќи мислел кога кажал дека „во подрум ќе цвикаат и ќе чекаат СДСМ да ги вади“, Ковачевски негираше дека така рекол.

-Не е точно, бидејќи ако ја погледнете изјавата, јас кажав дека до 2016-та тоа се случувало и не би сакал да видиме време кога повторно тоа ќе се случува. Така што, ако ја погледнете целата изјава, а таа е снимена, тогаш е многу јасно што јас имам кажано, подвлече Ковачевски кој присуствуваше на настанот по повод почетокот на градежните работи на Универзална сала.. мч/аа/

фото: МИА

Остани поврзан