• петок, 27 септември 2024

Екстремната десница во ЕП го предлага Маск за наградата Сахаров

Екстремната десница во ЕП го предлага Маск за наградата Сахаров

Стразбур, 26 септември 2024 (МИА) – Кандидатите за наградата Сахаров денеска беа претставени во ресорните комисии на Европскиот парламент. Секој предложен кандидат мора да има поддршка од најмалку една претставничка група или група од најмалку 40 пратеници.

Двете екстремно десничарски парламентарни групи Патриоти за Европа и Европа на суверени нации го предложија американскиот милијардер Илон Маск за овогодишната награда Сахаров, највисокото признание на Европска Унија за работа во областа на човековите права и заштита на слободата на изразување.

ЕК неодамна отвори истрага за социјалната мрежа Икс поради сомнежи дека платформата шири дезинформации и објавува нелегални содржини. Исходот од таа истрага може да резултира со висока парична казна.

Најголемата претставничка група во ЕП – Европската народна партија (ЕПП), ја предложи лидерката на демократските сили во Венецуела, Марија Корина Мачадо.

Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (С&Д) и либералниот клуб „Рењу“ (Renew) ги предлагаат палестинското движење Жени на сонцето и израелското движење Жени за мир и нивните коосновачки Рим Хаџајре и Јаел Адми. Двете се пацифистички и феминистички движења, кои се залагаат за мир на Блискиот Исток.

Политичката група на европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) го предлага Едмунд Гонзалес Урутуја, кој неодамна беше прогласен од ЕП за легитимен и демократски избран претседател на Венецуела. Урутија се кандидираше за претседател на Венецуела, но режимот на Николас Мадуро не ја признава неговата победа.

Претставниците на Зелените го предложија д-р Губад Ибадоглу, борец против корупцијата во Азербејџан, критичар на гасната и нафтената индустрија и активист за човекови права и животна средина.

Пратеничката група на Левица предложи група палестински новинари за наградата Сахаров. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан