• вторник, 27 август 2024

Данска го засилува присуството во Африка

Данска го засилува присуството во Африка

Копенхаген, 26 август 2024 (МИА) – Владата на Данска денеска ја претстави новата сеопфатна стратегија за Африка, при што е планирано засилено присуство и ангажман поради големото геополитичко значење на африканските држави, а и да дејствува против се поголемото влијание на Русија и Кина на континентот.

- Како и целата Европска Унија, така и Данска мора да стане поуспешна во исполнувањето на желбите и приоритетите на африканските земји, објави денеска данската Влада, претставувајќи ја новата стратегија.

Централна точка на стратегијата е рамноправното партнерство на Данска со африканските земји во трговијата, во врска со миграцијата, надминувањето на конфликтите и прилагодувањето кон климатските промени.

Данска планира да отвори амбасади во Сенегал, Тунис и Руанда, а ќе се зајакнат амбасадите во Египет, Кенија, Јужна Африка, Нигерија и Гана. Покрај тоа, Данска ќе има специјален претставник за регионот на Големите Езера во Африка и за Сахел. Но, Копенхаген најави дека ќе ги затвори своите амбасади во Мали и Буркина Фасо поради политичките превирања.

- Живееме во векот на Африка, изјавија министерот за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и министерот за развојна соработка Ден Јергенсен при објавувањето на новата стратегија.

Според нив, геополитичката релевантност на Африка никогаш не била поголема во контекст на демографскиот и економскиот раст, како и зголемената самосвест на африканските земји.

Расмусен претходно изјави дека планирано е и да се привлечат повеќе африкански студенти во Данска.

- Во наш јасен интерес е африканските земји да гледаат во насока на Европа кога го трасираат својот пат кон иднината. Мораме да покажеме дека можеме да понудиме алтернатива на растечкото кинеско и руско влијание на тој континент. Тоа треба да се направи преку поголеми инвестиции во Африка и поинтензивен бизнис со африканските компании, како и преку поттикнување на меѓусебното разбирање и да се поттикнат повеќе млади Африканци да доаѓаат да студираат во Данска, наведе Расмусен. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан