• петок, 30 август 2024

Данската Влада со рекордни 25 министри

Данската Влада со рекордни 25 министри

Копенхаген, 29 август 2024 (МИА) – Премиерката на Данска, Мете Фредериксен денеска именува шест нови министри по големата реконструкција на Владата. Новата Влада ќе има 25 министри што е најголем број во изминатите 30 години.

Торстен Шек Педерсен е именуван за министер на новото Министерство за подготвеност за вонредни состојби, климатски промени и компјутерски криминал.

Јепе Брус, кој беше министер за даноци, сега ќе раководи со новото Министерство за координација на зелената политика на Данска, која до 2030 година планира да ги намали емисиите на штетни гасови за 70 проценти, а до 2050 година – до нула.

Брус е заменет со Расмус Стоклунд, а неговата претходна функција како министер за дигитализација ќе ја пополни Каролин Олсен. Ресорот за родова еднаквост го доби министерот за животна средина, Магнус Хоенике.

Мари Биер се повлече од функцијата министер за дигитализација и еднаквост за да биде одговорна за прашањата на Европската унија пред Данска да го преземе претседавањето со блокот во втората половина на 2025 година.

Едно од изненадувањата е што градоначалничката на Копенхаген, Софи Хесторп Андерсен, беше именувана за министерка за социјални прашања на местото на претходниот министер, кој ја напушта Владата.

Фредериксен во 2022 година ја формираше сегашната мнозинска влада, која ги вклучува Данската социјалдемократска партија од левиот центар, централно-десничарската Либерална алијанса и новоформираната партија Умерени. ми/

фото:  МИА архива

Остани поврзан