• сабота, 31 август 2024

Вработените во образованието во Србија со најава за штрајк во средината на септември ако нема договор со Владата за покачување на платите

Вработените во образованието во Србија со најава за штрајк во средината на септември ако нема договор со Владата за покачување на платите

Белград, 30 август 2024 (МИА) – Вработените во образованието во Србија  денеск анајавија дека во средината на идниот месец ќе прекинат со настава доколку нема договор со властите за зголемување на платите. 

-Првиот прекин на работата во училиштата, како предупредување, ќе биде организиран на 16 септември доколку нема договор со Владата на Србија и претходно ветените покачувања за просветните работници, најави Мирјана Гашиќ, портпарол на Синдикатот на просветните работници на Србија.

Таа прецизираше дека е најавено продолжување на преговорите за платите на просветните работници, а доколку не се постигне договор до октомври, по протестот, предупреди, ќе има тотален прекин на работата на репрезентативните синдикати и протест во Белград.

„Доколку добиеме понуда што е соодветна и во согласност со протоколот што беше потпишан во октомври минатата година, тогаш ќе престанеме со секаков вид протести“, најави Гашиќ и додаде дека деталите ќе ги соопшти на заедничка прес-конференција на сите репрезентативни синдикати во образованието што е закажана за понеделник, 2 септември пред Владата на Србија

Таа потсети дека протоколот во октомври минатата година предвидуваше изедначување на почетната плата на професор вработен во училиште со просечната плата во Србија.

„На пример, во бројки тоа значи дека наставник почетник вработен во училиште сега има плата од 86.671 динари (740 евра), додека просечната плата во моментот е 100.170 динари (850 евра)“, рече Гашиќ и додаде дека не е ни чудо што никој не сака да се запише на Педагошки факултети и да работи во училиште.

„Неприфатливо е професор кој се школувал на државен универзитет да има плата за 14 проценти помала од просечната плата во државата“, посочи Гашиќ.

Таа изјави дека по вчерашната средба меѓу просветарите и претставниците на Владата, заклучокот е дека засега нема ништо од ветеното покачување.

„Практично ни рекоа дека не можеме да очекуваме ништо од ветеното, дека дури во јануари ќе дојде до некакво неизвесно, неименувано, неутврдено зголемување, а ние се уште не ја достигнеме просечната плата“, рече Гашиќ.

Гашиќ посочи и дека по зачестените инциденти во училиштата нема напредок во најавените измени на Кривичниот законик.

„Кога некој се однесува неодговорно, кога не почитува дел од своите обврски, тогаш тоа предизвикува сомнеж како можеме да веруваме дека нешто ќе биде исполнето“, рече Гашиќ.зш/

Остани поврзан