• четврток, 21 мај 2026

Во ОУ „Страшо Пинџур“ во Ѓорче Петров се доградуваат училници за да се воведе едносменска настава

Во ОУ „Страшо Пинџур“ во Ѓорче Петров се доградуваат училници за да се воведе едносменска настава

Скопје, 17 април 2026 (МИА) - Камен-темелник на доградба на ОУ „Страшо Пинџур“ во населбата Даме Груев во општина Ѓорче Петров беше поставен денеска со цел да се овозможи настава во една смена во училиштето.

Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, соопшти дека со проектот ќе бидат изградени шест нови училници, на две нивоа, на вкупна површина од приближно 710 квадратни метри.

- Ова се совпаѓа со нашата стратегија за едносменска настава во сите училишта во општина Ѓорче Петров. Денеска почнуваме во „Страшо Пинџур“ и денеска исто така правиме вовед во работата во основното училиште „Јоаким Крчовски“ за нова доградба. Наредната недела вовед во работата ќе направиме и во ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром. Со поддршката што ја добиваме од Владата, Ѓорче Петров целосно ќе го промени изгледот. Целосно ги менуваме капацитетите во основното образование, градиме и две нови градинки и сите проекти се посветени на најмладите - изјави Стојкоски, кој очекува некои од проектите да бидат завршени до крајот од годината, а други на почетокот од 2027. 

Министерката за образование и наука Весна Јаневска посочи дека проектот за доградба на училници во ОУ „Страшо Пинџур“ е една од 30-те инвестиции вредни 16 милиони евра за подобрување на инфраструктурата за учениците и наставниците. 

- Ова е проект за едносменска настава, што ќе донесе повеќе бенефити. Првиот е општопознат - наставниците и учениците подобро функционираат наутро, а вториот е учениците ќе се задржат повеќе во училиштата, Како што знаете, нашите ученици до 15 години имаат 900 часа помалку од своите врсници во Европската Унија. Родителите ќе бидат ослободени од грижата за децата и слободно ќе може да ги вршат своите други функции. И, конечно, општината заштедува средства што ќе може да ги вложи во други бенефити за граѓаните - рече Јаневска за медиумите.

Додаде дека со инвестицијата во ова и во две други училишта, кои, како што рече, исто така интензивно ќе се градат во овој период, целата општина Ѓорче Петров ќе премине во едносменска настава.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, му се заблагодари на Министерството за образование и наука за тоа што во капиталните инвестиции вклучило и ваков тип на проекти, кои се значајни за најмладите затоа што, рече, кога вложувате во образованието, вложувате и во иднината на државата. 

Им се заблагодари и на градоначалникот и на советниците во Општината, како и на пратеници во Собранието, кои потекнуваат од Ѓорче Петров и се залагаат за проекти во општината.  

- Овој тип на инвестиции се многу значајни за квалитетот на образованието, за нашата иднина, а тоа се децата. Ние како Влада ќе продолжиме да поддржуваме вакви проекти. Има уште неколку вакви проекти во периодот што следува и јас секогаш сум тука за да ги поздравам и да ги поддржам - додаде Мицкоски. хс/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан